СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Млада, бунтовна и креативна генерација на ФДУ со голема страст го разоткрива филмскиот занает

Одличен потег направи Скопје филм фестивал со внесувањето на проекции на кратки играни филмови и документарци на студентите на Факултетот за драмски уметности од Скопје во својата програма.

Седум играни и десет документарни филмови, сместени во две вечери, ја сочинуваа студентската програма што Скопје филм фестивал, кој годинава се одржува од 23 до 30 април, ја понуди на својата публика. Киното „Фросина“ беше исполнето до последно место во текот на проекциите, што го покажува интересот и на публиката.

Задоволството, на некој начин, беше двострано. Кај авторите на филмовите гореше желбата да покажат што направиле и да видат како нивните креации ги прифаќа публиката, која, пак, од другата страна, имаше можност да се увери во сериозниот креативен потенцијал на младите режисери, сниматели, монтажери и актери.

Општиот впечаток по виденото е дека на ФДУ се гради една млада генерација филмски автори, кои многу сериозно, посветено, прецизно и со голема страст го создаваат својот филмски ракопис. Иако во најголем број случаи станува збор за испитни филмови, во нив се внимава на секој детаљ, од идеја и инспирација, преку избор на актери и амбиент за снимање до градење на функционални кадри, прецизна и креативна монтажа, како и употреба на музика и звучни ефекти во постпродукцијата.

Во филмовите е присутен спектар од теми иницирани од секојдневјето, но и фикции кои ги испитуваат релациите меѓу просторот и времето, реалното и митското, свесното и потсвесното, етичкото и нагонското. Играните филмови се направени во повеќе жанрови, додека документарните главно се држат до раскажувањето на една приказна.

Публиката можеше да ги види играните филмови „Алекса Шантиќ бр.8“ на Дејан Џолев, „Ин абсентиа“ на Дина Дума, „Надвор е ладно“ на Ана Јакимска, „Параболик“ на Мартин Иванов, „Само ти“ на Сандра Ѓоргиева, „Супа од кокошка“ на Лидија Мојсовска и „Лавиринт“ на Ана Јакимска и Бранко Костески.

Ана Јакимска

„Играниот филм ми е најголем предизвик во животот. Кога се создава игран филм режисерот мора да ја води приказната така што ќе ја направи да изгледа што е можно поуверливо за публиката. Така, на пример, една фиктивна приказна за девојче што ја губи мајка си поради епидемија на грип може да предизвика далеку посилна идентификација и емпатија кај публиката од прилогот на вести за истата таа епидемија – иако, кога го гледаме прилогот на вести, сите знаеме дека таа трагедија навистина се случува. Има некоја посебна магија во играната форма што, можеби, повеќе комуницира со срцето отколку со интелектот“, објасни Ана Јакимска, која беше застапена со проекција на два нејзини филма.

Приказните во документарните филмови главно се задржуваат на интересни, малку необични, но и секојдневни личности. Меѓу нив ќе ги сретнете првиот скопски диск-џокеј Михаил Бошковски, љубителот на „Застава 101“ Филип Сених, штипскиот бездомник Мики Ли Трајчевски, кој комуницира со вонземјани, ќе се запознаете со поезијата на Ставре Џиков, филозофијата во филмовите на професорот Стефан Сидовски, филиграните на Марија Милошевска, пикап-артистот Филип Стефановски, проблемите на скопските скејтери, но и со историјатот на групата „Мизар“.

Студентите на ФДУ со своите документарни филмови ја исполнуваат празнината што остана по исчезнувањето на силната документарна продукција од програмата на Македонската телевизија.

Интересите на студентите се различни, но пријатно изненадува чувството со кое ги избираат темите за работа. Младиот Марко Џамбазоски направи документарен филм за почетоците на култната македонска група „Мизар“ и тоа за фазата која е најмалку позната на јавноста.

Марко Џамбазоски

„Покрај тоа што студирам  на ФДУ, моја голема опсесија е и музиката. Групата „Мизар“ уште од моето детство изврши огромно влијание врз моето музичко насочување. Ми беше голем предизвик и голема чест што добив согласност да го направам овој филм. Преку работата со мојот бенд „Визија“ генерално сум запознат со проблематиките на рок-групите, особено на нивните почетоци. Тешко е пробивањето, особено доколку преку музиката нудиш нова филозофија, различна од тоа што дотогаш било стандардно. Таква е, всушност, приказната на „Мизар“ во првите години на овој култен бенд. Постојано истражував за бендот и открив многу интересни приказни кои, веројатно, никој, освен членовите на групата, не ги знае. Патот до успехот бил долг и тежок за „Мизар“. Високи медиумски блокади, а пред нив многу пречки и сопки. Ме импресионираше нивната тврдоглава упорност да ги променат работите во општеството. Тоа силно ме инспирираше и сметав дека тие први години на „Мизар“ мора да биде овековечени. Токму фактот дека периодот помеѓу 1981 и 1986 година е малку познат на јавноста, ми даде дополнителен предизвик да направам документарец преку кој ќе ја прикажам несекојдневната приказна на овие, тогаш, млади, креативни и прогресивни луѓе“, објасни Џамбазоски.

Среќна околност е што Марко е син на Панта Џамбазоски, еден од членовите на првиот состав на „Мизар“. Повеќето од материјалите кои се користени во филмот никогаш претходно не се објавени. Станува збор за раритетни снимки кои не биле употребени во филм, бидејќи, и покрај култниот статус, досега за групата не е правен документарен филм.

„Дел од снимките беа длабоко заборавени во архивата на Македонската радиотелевизија. Дел од материјалите, за жал, се исчезнати, а останатите кои ги користев се од лични архиви, фотографии, исечоци од весници или демо-снимки. Да се дојде до употребливи материјали навистина беше тешко, затоа што се враќате во правта стара триесетина години“, нагласи Марко Џамбазоски.

Ангажиран пристап во создавањето на документарниот филм има и Тамара Котевска. Сама истражуваше, сама го сними и монтираше филмот „Сидо“. Инспирацијата, енергијата и посветеноста таа ги пронаоѓа во предизвикот да се занимава со документаристика.

Документарен филм „Сидо“

„Со професорот Стефан Сидовски за прв пат имав можност да се сретнам во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде, како тогашна средношколка, го направив мојот прв филм во кој учествуваше и професорот. До тогаш не се знаевме, а и немавме голема можност да се запознаеме, бидејќи тој уште истата година замина во пензија. По неколку години, како волонтер на еден филмски фестивал, за прв пат имав можност да ги набљудувам луѓето како влегуваат  и излегуваат од едната во другата „реалност“, од филм на филм, вратите постојано се отвораа и затвораа, и во целата таа маса на луѓе, еден интересен човек со беретка беше секогаш присутен, не испуштајќи ниту едно отворање на вратите – токму Сидо. Тој како да беше дел од филмската сала, дел од организмот на киното. Најчесто сам, понекогаш единствен, но никогаш не напуштајќи го столчето. Тој со филмот, тој во филмот и тој за филмот. Токму ова ме инспирираше да му пријдам. Неговата комплексна личност и животна приказна беа неспоредливо поголеми од моето дотогашно искуство и знаење, но, сепак, ми дозволи да ја раскажам без цензура и предрасуди. Иако Сидо е најпознат како „корчагинската легенда“, професорот за кој најмногу се зборувало меѓу 36-те генерации ученици, одлучив во документарецот да дадам акцент на неговиот однос кон филмот, неговите со мака правени филмови, наспроти неговото секојдневие. Мудроста и трпението, со кои поминал 12 години сам во својот повеќе од скромен дом, и спроти нив - вечната бунтовност која зрачи од него со истиот интензитет и денес. Сидо не припаѓа на ниедна толпа. Тој е самостоен, непокорен и неуморен борец во 21-иот век, човек кој уште еднаш потврдува дека сонот не прашува за време, место, луѓе, околности, препреки, оправданија, тој едноставно бара да биде остварен“, потенцира Котевска.

Тамара Котевска

Изборот на нејзиниот главен лик во документарецот е во блиска релација со потребата да се снимаат документарни филмови. Потребата да се открие личната вистина во вистинските приказни од животот.

„Во документарецот, несомнено, го оставив Сидо да започне со едно прашање: „Што е вистина?“ кое тој повеќе си го постави за себе, а јас си го доживеав многу лично. (А кој не би го доживеал така, всушност...) Потрагата по вистината е бескрајна и застрашувачка. Тоа се овие десет редови напишани тука, но со нив и сите бесконечни мисли кои паралелно ми минуваат низ главата, плус, сите мисли на оној кој го чита овај текст. Истото се случува и со документарецот. Моментот кога притискаш „плеј“ на камерата, моментот кога притискаш „стоп“, но со нив и сите мигови пред и потоа, плус сите мигови надвор од опсегот на камерата. Играниот филм е приказна која се создава, документарниот е вистината која се пронаоѓа. А како да се пронајде? Правила - нема. За мене, потрагата по вистината е патешествие од кое нема враќање, а документарниот филм е изборот на почеток и крај за приказна која не поседува почеток и крај. Во тоа го наоѓам целиот предизвик“, сигурна во себе елаборира Тамара Котевска.

Факт што радува кај младата генерација студенти на ФДУ и филмски автори е што несебично се поддржуваат и соработуваат во своите проекти. Креативната комуникација меѓу нив тече и за време на часовите, на приватното дружење, но и на филмските проекти.

„Ние од почеток работиме заедно и се инспирираме меѓусебно. Она што е ново е што има се повеќе актери кои го сакаат филмот и со кои имаме многу блиска соработка и дружба. Исто така, тука е и постојаната поддршка од професорите од одделите по режија, монтажа, камера, сценарио и актерска игра пред камера. ФДУ е сериозна филмска академија и возбудена сум за новините што доаѓаат. Соработката со Скопскиот филмски фестивал е предвесник на сите нови возбудливи филмски продукции што ги подготвуваме“, најави Ана Јакимска.

Тони Димков

Тоа е нашата политичка наивност- да се верува дека правото е семоќно орудие во разрешавањето на сите проблеми. А каде е моралната, политичката, социјалната, психолошката страна на проблемите? 

повеќе

Премолчувањето на јавнот интерес во законските решенијазначи изостувањето на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес.

повеќе

Фатени на дело во многу  кражби, сите праведни граѓани на оваа земја беа убедени дека на арамиите ќе им се суди по примерот на Жан - по кратка  постапка.

повеќе