Вечерва на големата сцена на Центарот за култура

„Мизантроп“ на режисерката Ана Вукотиќ премиерно на „Охридско лето“

Драмската програма на „Охридско лето“ продолжува вечер со премиера на претставата „Мизантроп“ на Молиер, во изведба на „Театар Комедија“. Црногорската режисерка Ана Вукотиќ ја подготови претставата специјално за фестивалот во Охрид и таа е резултат на повеќегодишни преговори со овој скопски театар. Премиерата ќе биде вечер на големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 21 часот.

Вукотиќ на денешната прес-конференција рече дека темата што се обработува во претставата има далеку поширок контекст што не ја засега само Македонија, односно дека се работи за современ Молиер, промислен во контекст на современиот човек кој е инспириран од поука.

„Тое е една приказна што ја докажува севременоста на писателот. Она што најмногу ме засегаше во претставата беше позицијата на интелектуалецот во денешницата, во време на лицемерие, тој парадокс кога се зборува за вистината која никогаш не е докажана“, изјави Вукотиќ.

Како што беше појаснето, претставата е вклопена во специфична режисерска поставка со сите елементи, сценографија, музика, костимографија, внимателно вградени за целосно визуелно доживување.

Соња Вукичевиќ, кореограф на претставата, ја нагласи специфичноста на актерската екипа на „Театар Комедија“, изразувајќи особено задоволство од нивната подготвеност за внесување динамика, движење на сцената.

„Работам со театарски куќи од сите држави на поранешната државна заедница, па и пошироко. Она што морам да го истакнам е дека Македонците, можеби тука треба да ги пофалам и Унгарците, се извонредни во нивната експресивност во движење. Во една прекрасна работна атмосфера го создадовме тоа дело, што во уште поубава атмосфера го довршуваме тука, во Охрид“, рече Вукичевиќ.

Сценографијата во претставата е уметничка инсталација, на која и се придодадени актери во обид да се создаде нешто трето, како што беше речено - нешто уште поубаво, повозвишено.

„Специфичното во сценографијата е кружна атлетска патека на сцената, со постојано движење и вртење во круг, кое е доминантно, особено карактеристично за современоста  во која живееме и што во овој случај на „Мизантроп“ додава уште поголема смисла“, рече авторката на сценографијата Јелена Томашевиќ.

Во име на десетчлената актерска екипа во „Мизантроп“, Жаклина Петровска ја повика фестивалската публика и вљубениците во драмската уметност да ја гледаат претставата, со порака дека се што има да се каже за самата претстава ќе биде презентирано на сцената.

Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски рече дека интенција на фестивалската управа е во идните фестивалски изданија да има повеќе премиерни изведби, со претстави планирани и работени токму за „Охридско лето“.

„Планот е да се направи договор со сите театарски куќи во Македонија, како што беше порано обичај, одредени претстави да бидат премиерно изведени токму  на „Охридско лето“, рече Поповски.

                                            

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе