Ликовна изложба

Зимскиот салон на ДЛУМ ќе биде поставен во Чифте амам

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) под покровителство на Министерството за култура на Р. Македонија и во соработка со Национална Галерија на Р. Македонија, ќе го отвори 17-то издание на „Зимски салон“ на 16 февруари (петок) 2018 година во Националната галерија на Македонија, објект – Чифте амам, со почеток во 20 часот.

„Зимскиот Салон“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислен и основан е во 1991 година како ликовна посебност со свои правила и критериуми и прифатена во културниот живот со огромен интерес и голема медиумска поткрепа.

Денешната физиономија на „Зимскиот салон“ ги има задржано основните карактеристики: професионалност, строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Почнувајќи од 2003 година, наградата „Гран-при“ (престој во атељето на Citè des Arts во Париз) ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија, а од 2006 година ДЛУМ вградува уште еден критериум, а тоа е конкретна тема на „Зимски Салон“, со што ги ангажира уметниците на индивидуален творечки чин. Од 2009 година оваа манифестација прераснува во меѓународна.

Годинашниот „Зимски Салон“ е 17-ти по ред, селектор е српскиот историчар на уметност Никола Шуица, а зададената тема гласи „Спектрални места“.

„Интернационалната изложба Зимски Салон, која во организација на Друштвото на ликовни уметници се одржува овој февруари во Скопје, всушност дефинира еден интересен збир на настојувања со кои преку ликовната композиција, на секој начин дозволува да се приближиме до различните сензации поврзани со просторното дефинирање. Просторното дефинирање, всушност, е и дел од нашиот егзистенцијален, суштински и пренослив образец.

Во овој современ свет и околности на живеење, тоа е, всушност, доказ за скромност, дигитална сигурност и мерки кои се префрлени во технолошки рефлекс дури и порано од календарскиот влез на предизвиците на 21-от век. Доказите за верувањето се наоѓаат во обновените сомнежи во буквално сè што постои околу нас, без разлика дали се работи за извонредната сигурност на графизмот и текстурата, за различните конструкции и емисии, за експанзивната популарна култура на непостоечка дискреција на човекот, но и за сето она што се нарекува нов доказ на замор и едноличност кои за жал го презаситуваат денешниот современ свет на веќевидените човечки односи.

Спектралното или имагинативното позиционирање на местата, амбиентите и центрите на создадениот уметнички објект се, всушност, реконструкција на уметнички или археолошки пример на веќе пронајдениот артефакт од минатото, кој во различни пристапи ни ги приближува размислувањата кои доаѓаат од креативната потсвест“, напиша кураторот Никола Шуица, професор на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот за уметност во Белград.

На изложбата учество ќе земат Вана Урошеви и Зоран Тодовиќ, Исмет Рамиќевиќ, Тања Балаќ, Ангел Миов,Ирена Паскали, Катерина Таневска, Филип Фидановски, и многу други автори од земјава, како и автори од странство, меѓу кои Дерек Огбурн од Велика Британија, Андреа Иса од Германија, Иштван Хоркаи од Унгарија, Мерцедес Братош од Хрватска, Марија Ќалиќ од Србија и други, соопштија од ДЛУМ.

На денешен ден, 18 февруари 2013 година, Собранието на РМ го избра Талат Џафери за министер за одбрана.

повеќе

Народот е тој што треба да кажува дали политичарите се умни, знаат, ќе одлучи или пак ќе бара нивна смена.

повеќе

„Бејоеремите" веќе многу долги години имале и имаат јазик којшто (Слушни! Слушни добро!) сите, освен нас, го нарекуваат „македонски".

повеќе