„Зимски салон“ на ДЛУМ на 3 февруари во Чифте амам

Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) на 3 февруари од 20 часот во галеријата Чифте амам ќе ја отвори 18-тата биенална изложба „Зимски салон", годинава на тема „Првиот грев – првата доблест (Original sin – original virtue)".

Куратор на оваа престижна изложба и селектор кој годинава одлучува кое од  делата на членовите на ДЛУМ што пристигнале на конкурсот ќе добие Гран-при, е историчарот на уметноста проф. д-р Кирил Пенушлиски.  Оваа единствена награда на „Зимски салон“, која се состои од двомесечен престој на уметникот победник во ателје во Париз, ќе биде соопштена на отворањето на изложбата.

ДЛУМ најави дека ќе учествуваат уметниците Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски, Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска-Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска-Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски.

Кураторот и селектор Пенушлиски на отворањето на конкурсот во октомври  образложи кој бил мотивот за провокативната тема „Првиот грев – првата доблест“ и на кои дела ќе им даде предност при изборот.

-Првиот грев е основниот на Адам и Ева, кои ја прекршуваат заповедта да не земаат од плодовите од дрвото на знаење. Тој е наследен грев и сите луѓе се раѓаат во тој грев и поради него влегува и смртта на Земјата. Меѓутоа, гревот на непослушноста е, всушност, и доблест зашто со непостоење на  непослушноста ќе нема ниту општествен, ни социјален, па дури ниту културен напредок, рече Пенушлиски, додавајќи дека  уметниците во нивните дела ќе може да истражуваат различни аспекти на темата, како библиската конотација на првиот грев, гревот на модерното општество  итн.

Предност при селекцијата, како што појасни тогаш, ќе бидат автори што ќе понудат повеќе од едно дело, а најмногу четири, во кои ќе го прикажат истражувачкиот процес – еден мотив во серија или начинот како стигнале до конечното дело/композиција. Ќе ги цени, рече, и делата што се соработка на двајца или повеќе автори, како и тие што имаат краток опис што ќе го објасни нивниот процес на креација.

Автор на дизајнот на, исто така, провокативниот постер и корицата на каталогот за 18. „Зимски салон“, е Христијан Санев.

Новина е што ќе има уметник гостин со негова  миниизложба пред отворањето на изложбата. Поканет да се претстави е уметникот Александар Зафировски.

Наградата Гран-при ја овозможува Министерството за култура кое го обезбедува престојот на уметникот во ателјето Citѐ des Arts во Париз. Победничка на 17. „Зимски салон“ пред две години беше  уметницата Шќипе Мехмети.

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе