ТАЖЕН ПОМЕН

Замина сликарот Трајче Јанчевски

Денес беа погребани посмртните останки на македонскиот сликар Трајче Јанчевски, кој по долго боледување на 4 февруари почина во Скопје, на 87-годишна возраст. Трајче Јанчевски беше еден од големите современи македонски ликовни уметници, кој сликаше вонвременски платна што секогаш привлекуваа големо внимание кај домашната и кај меѓународната публика.

Трајче Јанчевски е роден на 29 јануари 1928 година во Куманово, каде завршил основно образование. Средно уметничко училиште завршил во Скопје во 1949 година кај професорите и сликари Никола Мартиноски и Лазар Личеноски, а Академија за применета уметност во 1954 година во Белград, каде поради забележаниот исклучителен талент му било дозволено паралелно да заврши и сценографија.

Од 1955 до 1957 година работел како професор по ликовно образование во Куманово, а во периодот од  1964-1965 година бил на специјализација во Париз. Трајче Јанчевски работеше како сценограф во Драмскиот театар во Скопје, од 1957 до 1988 година, а извесен период беше и вонреден професор на Педагошката академија.

Учествуваше на бројни национални и интернационални изложби, почнувајќи од Петтата интернационална изложба на современа уметност во Њу Делхи (заедно со Пикасо, Шагал, Миро, Руо и др.), Интернационална изложба на современа уметност во Париз и др.

За своите врвни уметнички ликовни остварувања доби национални и интернационални награди: наградите „11 Ноември“ на град Куманово, „11 Октомври“ за животно дело на Република Македонија и награда на Друштвото на ликовни уметности „Нерешки мајстори“.

Трајче Јанчевски во 1964 година ја доби и наградата на фондацијата „Моша Пијаде“, во 1992 година издавачката куќа „Монд“ од Париз го претстави во едицијата „Мајстори и уметници од светот на 20 век“ и отпечати поштенски марки со две негови дела. Една година подоцна, истата издавачка куќа го претстави и во „Златната книга на колекционери и љубители на уметноста“ со делото „Птичји ритуал“. Во 1994/5 година беше застапен е во едицијата „Кој е кој“ во меѓународната уметност во Лозана-Швајцарија, а во 1996/97 година од истата едиција беше избран меѓу најзначајните светски уметници. Неговото дело „Во закрила“ е печатено во специјални изданија со поштенски марки. Добитник е и на престижниот „Златен медал“ за француска заслуга и посветеност во име на уметноста и културата од Академијата за ликовна уметност и култура за централна Европа во Париз. Истата година е прогласен за член на „Академијата за ликовна уметност и култура за Централна Европа“.

Т.Д.

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе