РЕТРОСПЕКТИВНА ИЗЛОЖБА

Сликарот од бајките со 90 дела ќе биде претставен во Националната галерија на Македонија

Во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам, на 23 декември 2016 година (петок), во 19 часот, ќе биде отворена ретроспективната изложба „Вангел Наумовски“. На изложбата ќе бидат изложени речиси 90 дела од сите творечки фази на Вангел Наумовски, од кои најголем дел се сопственост на семејството Наумовски од Охрид, а дел за првпат се презентираат во изложбен простор.

Дел од делата на Вангел Наумовски, што ќе бидат изложени во рамките на ретроспективната изложба во Националната галерија на Македонија, се сопственост и на НУЦК „Антон Панов“ - Струмица, Град Скопје и други приватни лица, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ - Охрид, НУ Завод и Музеј - Охрид, Хрватски музеј наивне умјетности - Загреб (Хрватска), Музеј наивне и маргиналне уметности - Јагодина (Србија), Собрание на РМ, Народна банка на РМ, Стопанска комора на Македонија и голем број институции и приватни лица, кои отстапија работен материјал за изложбата, фотографии за монографското издание и овозможија увид во творештвото на Наумовски.

Во текстот со наслов „Сликар од бајките – за целовитоста на светот на Вангел Наумовски“ во предговорот во монографското издание кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска пишува:

„Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски се поврзани повеќе епитети - тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта... Неговите поетски слики со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи.

Волшебните светови на соништата на Наумовски се раѓаат од неговиот однос кон природата, опкружувањето, традицијата, митовите и стилски и тематски заземаат издвоено и препознатливо место со специфичното хуманистичко и пантеистичко чувствување на светот и на човекот во него. Многупати досега за него е истакнато дека претставува одраз на невообичаеното, а како оригинален творец извршил среќен спој помеѓу наивноста и апстракцијата.

Се чини премалку да се каже дека сликарството на Вангел Наумовски се одликува со исклучителна препознатливост. Иако самоук сликар, тој се вбројува помеѓу малиот број уметници од Македонија кои достигнуваат најголема афирмација и надвор од нашата земја уште за време на своите најактивни творечки години.

Со автентичен и препознатлив ликовен израз надвор од уметничките трендови, секогаш актуелен, сензибилен и повеќестрано креативен, на почеток е забележан во историјата на македонската (и пошироко, на југословенската) ликовна уметност како најистакнат претставник на т.н. ’наивна уметност‘, определби што се менуваат подоцна заради констатациите за неговото тежнеење кон фантастичниот надреализам.

Сите овие дефиниции на творештвото на Вангел Наумовски се речиси митски поврзани и со неговата личност. Поимот ’наива‘ и ’надреално‘ најчесто се користат како класификации за неговото творештво и ги пренесуваме со искажаните ставови на неговите современици, вклучени во ова издание со дел текстови што ги потенцираат најзначајните определби за овој автор.

Сеопфатното презентирање на создавањето на Вангел Наумовски претставува должност кон историјата на македонската ликовна уметност, не во насока на дефинирање на неговото многупати потврдено место, туку како потсетник на значајните легати на нашите големи уметници.

Истражувачкиот проект, ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2016 година, согласно со мисијата за репрезентативното одбележување на уметниците што се застапени во постојаната поставка и во колекцијата на македонската ликовна уметност на оваа национална установа.

Реализацијата на потребните активности беше овозможена со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а голем број државни и јавни институции во Република Македонија, приватни галерии и особено неговото семејство и голем број приватни сопственици овозможија увид во делото на Вангел Наумовски. Проектот во оваа фаза ги опфаќа делата што се наоѓаат на територијата на Република Македонија и значителен број дела што се наоѓаат на просторите на поранешна Југославија“ – напиша Маја Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата ќе трае до 28 февруари 2017 година, известија од Националната галерија на Македонија.

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе

Веќе е јасно дека не треба да има никакво сомневање дека прислушуваните разговори треба да бидат прифатени како докази во постапките.

повеќе