Интервју

Росица Лазеска: Најважно е задоволството при создавањето на делата

Колажи и цртежи од ликовната авторка Росица Лазеска, создавани во изминатите три години, се изложени во галеријата „Империјал“ на Културно-информативниот центар во Скопје. Поставувањето на изложбата беше предвидено за минатата година, но пандемијата на коронавирусот ја одложи за оваа година. Одложувањето придонесе авторката да подготви уште еден творечки циклус за време на минатогодишниот карантин, така што изложбата е збогатена со најнови дела од Лазеска.

Во изминатите 28 години Росица Лазеска имала 15-ина самостојни изложби и бројни претставувања во странство. По дипломирањето на Архитектонскиот факултет во 1986 година, дипломира и на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) на отсекот графика во 1992. Добитничка е на повеќе значајни награди од областа на ликовната, особено графичката уметност и цртежот. Изложбата „Реалистични апстракции“ содржи 40 дела, колажи и цртежи, а ќе може да се посети до 8 јуни во КИЦ.

Секој галериски простор има ограничени можности. Со какви дела и од кои фази успеавте да претставите во рамките на самостојната изложба во КИЦ?

Станува збор за дела главно изработени во последниве три години. Поголемиот дел од нив се колажни цртежи, а дел од нив се чисти цртежи изработени со туш и со пенкало. Чистите цртежи се дел од циклус што содржи сто цртежи кои ги изработив минатата година, од март до јуни, кога живеевме во карантински услови и кога секојдневно изработував по еден цртеж. На некој начин, тие цртежи се како дневнички записи. Некој своите мисли ги впишува во дневник, додека јас во тој период исполнив едно блокче со нови цртежи. Дел од тие сто цртежи се изложени на изложбата во КИЦ, а размислувам понатаму истите да ги изложам како една целина, бидејќи практично тие се како една книга.

Друг сегмент од изложбата се колажи изработени со туш, а има и цртежи изработени со јаглен и пастел. Најголем дел од цртежите се во боја, а има и два цртежи изработени само со јаглен, коишто ја прават врската со мојата основна преокупација, а тоа е графиката. Мојата прва творечка преокупација е графиката, но за секоја графика основата ја дава цртежот, така што двете техники се надополнуваат. Во овој период е покомплексно да работам графики и затоа се одлучив за цртежи.

Иако станува збор за различни цртежи, сепак ги обединивте со заеднички наслов. Што обединува насловот?

Насловот на изложбата е „Реалистични апстракции“ затоа што цртежите се апстрактни во својата основа, но се добива чувство како да има приказна во нив, како да има нарација која се добива со формите, со линиите, со севкупноста на композицијата.

Што прво кај Вас се појавува како предизвик за работа – одреден мотив или тема за цел творечки циклус?

Како и кај секој уметник, прво се појавува потребата да се изразам, односно да создадам одредена композиција во која трагам по хармонија. Од еден привиден неред сакам да создадам цртеж во кој има хармонија, која за мене и за тој што го гледа цртежот ќе биде прифатлива.

Колку за еден уметник е важен творечкиот багаж што го носи со себе? Годинава ја добивте и наградата „Цртеж-експериментален цртеж“ на ДЛУМ. Колку таквите признанија Ви значат и Ви даваат поттик во работата?

Многу значат, бидејќи таквите признанија не се однесуваат само на едно дело. Тоа значи дека некој ја следел мојата работа. На изложбите на ДЛУМ учествуваат уметници од нашата фела и затоа таквите признанија се големи за мене. Во однос на творештвото ја имав таа среќа уште во времето на моите почетоци како графичар да ја добијам наградата Гран-при на Александриското биенале во Египет. Таа награда мислам дека ме обврза за цел живот. Ако си добил толку голема награда, тогаш како би можел да запреш. Таквите светски награди се голема обврска и одговорност, пред себе и пред уметноста.

Изложбата во КИЦ покажува дека многу и вредно работите!

Мислам дека секогаш може и повеќе да се работи, но од друга страна, работата ми претставува и задоволство. Кога ги гледам делата дома често си помислувам дека ќе биде убаво да бидат видени и надвор, а кај нас најчесто тие остануваат дома, бидејќи многу малку се продаваат уметнички дела, иако и јас понекогаш тешко се одлучувам да се разделам од некое мое дело. Но, најважно е задоволството при создавањето на делата, а нивниот понатамошен живот не секогаш зависи од нас.

Кај уметниците обично е чувствително прашањето кога се поврзуваат со нивните родители или семејство, но факт е дека Вие сте ќерка на еден од најзначајните македонски сликари Борко Лазески. Колку тој факт Ви создаваше тежина, или можеби го олесни Вашиот творечки пат?

Знаете како, на почетокот прво дипломирав на Архитектонскиот факултет, токму со таква помисла, иако многу сакав да одам по истиот пат. Во тоа време немаше академија (ФЛУ) и тоа беше единствената можност. Сенката на родителот е навистина голема додека така мислиш, но ако престанеш да мислиш на тој начин и почнеш да го работиш тоа што го сакаш, тогаш веќе почнуваш да го создаваш сопствениот пат. Но, ако желбата е поголема, тогаш работиш и го правиш тоа што како творец и автор ти лежи и се добива нешто сосема друго, што не може да се спореди со нечија друга работа.

Т.Д.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе