„Паднати ангели“, изложба на канадскиот уметник Ги Ланжевин

На 10 март во Чифте амам ќе биде отворена изложбата на канадскиот уметники графичар Ги Ланжевин. Изложбата се организира во рамки на одбележувањето на деновите на Франкофонијата, а покровители се Амбасадата на Канада за Србија, Македонија и Црна Гора и Националната галерија на Македонија.

Изложбата ќе ја отворат амбасадорката на Канада Кати Ќаба и директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими.

Ги Ланжевин (роден на 29 мај 1954 година во Шикутими, Квебек, Канада), дипломирал 1977 на Универзитетот во Троа-Ривиер. Познат е по делата во „црна гравура“ (мецотинта), држи курсеви за магистранти по оваа техника во Канада и други земји (Франција, Белгија, Луксембург, Кина, САД). Еден е од основачите на ателјето „Presse Papier“ и меѓународното Биенале на современа графика во Троа-Ривиер. Учествувал во бројни уметнички проекти како кустос и член на жирито/уметничкиот совет. Излагал на повеќе од 60 самостојни (40 во Канада, 20 во странство) и преку 150 групни изложби во Канада и 250 меѓународни изложби ширум светот.

Од опусот на уметникот на македонската публика ќе ѝ бидат претставени повеќе графики од серијалот „Паднати ангели“. Во овие дела, Ланжевин продолжува со истражувањето на некои од дуалитетите кои го карактеризираат нашето доживување на животот – светлоста и темнината, сигурноста и сомнежот, сеќавањето и заборавот, но и контрастот помеѓу јаснотијата и неодреденоста на паметењето. Тој избрал во оваа серија да им се посвети на две техники – мецотинта, традиционална техника која бара висок степен на мануелна прецизност и вештина, и дигитална фотографија, која се развива со голема брзина во основна техника на 21. век. Поставката е замислена како целина за изложување, така чинејќи ја инсталацијата која на гледачот му нуди предизвик и прилика за размислување. На „паѓачките ангели“ им се одземени крилјата, исто како што им е одземена облеката и идентитетот на лицата. Тие се со човечко потекло, а набљудувачот може да ги толкува на различни начини.

Техниката мецотинта е една од најмануелните техники во графичките процеси, бидејќи за изработување на матрицата – металната плоча, од која се пресликува имиџот на хартија, е потребно да се работи по механички пат со помош на „лулашка“ – специјална алатка за „гребење по металниот цртеж“. Оттука, оваа изложба има уште една едукативна компонента и става акцент врз старите техники, кои, речиси, се на работ на исчезнувањето.

Со таква цел, во соработка со Факултетот за ликовни уметности, во одделот за графика во Сули ан, уметникот ќе одржи предавање еден ден пред отворањето на изложбата, на 9 март во 10 часот.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе