Во „Кочо Рацин“ во Скопје

Меѓународна ликовна изложба на Ленка Сарова Малиска, Карел Штаинер и Петра Јовановска

Утре во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ќе биде отворена меѓународната ликовна изложба „Временски граници не постојат“ на која ќе бидат изложени дела на уметниците Ленка Сарова Малиска, Карел Штаинер и Петра Јовановска.

Изложбата ќе може да се следи и онлајн на Фејсбук, а ќе биде отворена до 19 април.

„Дадениот момент, времето ги поврзува овие уметници и прави една симбиоза на нивните трудови ставени во еден простор во одредено време. Времето како еден несфатлив феномен на настани. Талкање наназад со цел да се преиспита памтењето. Од минато време да се заклучи сегашноста. Да се води еден личен дијалог со минатото време.

Мониторинг на времето со специфичен избор на експонати, од секој автор, кој секој од нив ги создал во времето на својот личен дијалог и на тој начин и мониторинг, а целиот процес на создавање низ времето.

Секој го согледува времето на различен начин, некогаш тоа е апсолутно време во смисла на еволуција во природата, некогаш време на лично паметење, кое репрезентира сцени од сопствениот живот или спирално циклично време на творењето.

Време на разни сличности, на континуирано движење, променливост, минливост и можност на доживување. Со посредство на ликовните дела се визуелизира времето минато и се внесува во експозиција и време сегашно.

Компониран лавиринт на разни времиња станува целиот изложбен простор, кој воедно е и средина отворена кон лична асоцијација, емоција, состојба и расположение“, пишува куратор на проектот Петра Јовановска.

Ленка Сарова Малиска е родена 1981 година во Чешка, каде има завршено универзитет Ј.Е.Пуркиње во Усќи над Лабем. Досега има голем број самостојни изложби (Чешка, Бугарија, Германија итн.), а учествува и на голем број на групни изложби, работилници, меѓународни ликовни колонии, симпозиуми, добитник е на неколку награди. Работи во Карлови Вари, каде има свое дизајнерско студио за порцелан.

Карел Штаинер е роден 1953 година во Прага, има завршено Хемилти колеџ и Моден институт за технологија во Њујорк, САД. Автор е на голем број самостојни изложби (Чешка, Франција, САД, Италија, Луксембург...), учесник е на голем број меѓународни групни изложби, симпозиуми и работилници за фотографија.

Работи како професор по фотографија во Париз, Франција.

Петра Јовановска е родена 1972 година во Чешка, има завршено ФЛУ во Скопје. До сега има реализирано 47 самостојни изложби (Франција, Германија, Хрватска, Полска, Чешка...), а учествувала и на повеќе од 300 групни изложби, учесник е на голем број ликовни колонии, симпозиуми, и добитник на неколку награди.

Ликовниот проект е поддржан од Домот на културата „Кочо Рацин“ Скопје/Град Скопје и Амбасада на Р. Чешка.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе