Македонска, летна турнеја на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло

Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло ако не секоја година, тогаш барем на неколку години, настојува да биде покрај родната грутка на родителите – сега веќе непостојното село Трсија, кај Лерин.

„Не случајно, мојата овогодишна летна турнеја ја почнувам во Битола. Покрај Охрид, од каде е мојата муза, сопруга и менаџер, Менче, моминско – Змејкоска, Битола ми е на срцето. Затоа, од изминатиот викенд сум таму, на Интернационалната ликовната колонија Нижо Поле,организирана од агилниот Драган Најдовски.Таму ќе останам до 10 јули“, вели Клос.

Кога пред 4 години беше во Македонија, исто така беше на колонијата Нижо Поле, а излагаше во Кочани, во рамките на манифестацијата „Град на културата“.

Потоа следеа изложба во Трпејца, Скопје во Безистенот, Кавадарци во Винарската визба, Гевгелија - бавчата на хотелот „Аполонија“, Струмица - Ликовна колонија,  Галичник, Струга на Струшките вечери на поезијата, за да ја заврши турнејата со  изложбата посветена на Мајка Тереза.

„Настојувам да настапам на што повеќе колонии и да организирам што повеќе изложби, тука каде се моите корени. Оваа летна моја турнеја, за жал, ќе биде пократка. Покрај Нижо Поле, ќе изложувам и во винаријата Стоби. Но, посебно сум горд, и за тоа треба да им се заблагодарам на МАНУ и на мојот македонски народ, на изложбата во Куќата на бесмртните во Охрид, односно во Куќата Уранија, некаде кон средината на јули“, додава Клос.

За него со голема важност се и изложбите во Стразбур посветени на Мајка Тереза и на првиот македонски претседател Киро Глигоров, во 1996.

„Секогаш настојувам да бидам во Македонија, а потоа каде ме канат ширум светот. Наесен, во октомври, патот ќе ме води во Казахстан, во Алмато, поранешен главен град на земјата, во познатата галерија Кадсев. Претходно бев во НР Кина, каде можев да се осведочам дека таа огромна земја, со невиден светски потенцијал на сите полиња, е голем пријател на Македонија и Македопнците и дека земјите и нациите не ги рангира според големината и моќноста, туку за сите има ист аршин“, вели Клос.

Тој изложувал и во Њујорк, во галеријата на македонската мисија на Обеднитетите нации (ОН), во Рим, Ватикан, во нашето дипломатско претставништво во Ватикан оставил 80 оригинални минијатури за да им бидат подарени на сите амбасадори во Ватикан.

Мајкл Клос е роден во 1954 година во Торонто. Тој истовремено е и сценарист, актер, графички дизајнер... Работел на филмскте дела „Тројца мажи и бебе“ и „Т и Т“.

Клос во една прилика изјавил: „Македонија може да се гради од Торонто, исто како што се разградува од среде Скопје“.

Мајкл Клос, целокупната своја оставнина ја пренесе во сопственост на Република Македонија. Станува збор за  многу оригинални документи, дневникот што го водел во три книги, слајдови, каталози, писма до светски лидери со кои лобирал за признавањето на Република Македонија под уставното име, како и една колекција цртежи и слики на платно.

Кон средината на јули, покрај изложбата во МАНУ-Куќата Уранија, како проект на општина Охрид ќе биде формирана нова иунституција – постојана Галерија, за кои Клос сликите ќе ги дарува без надоместок, со желба и барање со собраните средства да се стипендира еден студент.

В.М.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе