ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА

Катерина Таневска доби Гран-при на 16. „Зимски салон“ на ДЛУМ

Меѓународната ликовна манифестација „Зимски Салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) синоќа беше отворена во Националната галерија Чифте амам. Со годинашниот „Зимски салон“ почнува одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на ДЛУМ.

„ДЛУМ е најстара ликовна асоцијација во нашата земја чиј прв и долгогодишен претседател беше основоположникот на македонската уметност, Никола Мартиноски, и навистина е исклучителна појава во македонската култура“, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на манифестацијата.

Низ своето седумдецениско постоење, посочи министерката, Друштвото на ликовните уметници одигра значајна улога во обединувањето на македонските ликовни автори и нивното профилирање, како и во трасирањето на развојните правци на македонската ликовна мисла.

Денеска Друштвото на ликовните уметници е релеватен фактор во македонската култура, професионална асоцијација која обединува повеќе од 400-тини уметници на цртежот, скулптурата, графиката и применетите уметности, етаблирани автори, добитници на домашни и меѓународни признанија кои го градат достоинството на македонската уметност“, рече Канческа Милевска.

Елизабета Канческа-Милевска

Министерката потенцираше дека 16. биенална меѓународна ликовна манифестација „Зимски салон“, веќе три децении е афирматор на творечкиот потенцијал кој го поседуваат македонските автори и уметници.

„Зимскиот салон е нераскинлив сегмент од активностите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, и со својата физиономија и иновативниот идеен спектограм тој секогаш го предизвикува вниманието на културната јавност кај нас. Оваа манифестација дава слоевита слика на нагласената тенденција за негување на слободниот ликовен израз на македонските автори кои преферираат традиционални ликовни форми но, и на авторите кои внесуваат современи тенденции во ликовното творештво“, рече Канческа Милевска.

Според неа, изборот на просторот и темата на годишната изложба „Нивоа на нашата свест“ не се случајни, тие овозможуваат преку делата на 47-те автори претставници на помладата и средната генерација македонски уметници, како и на авторите од Чешка, Словенија, Србија и Хрватска, да проникнеме меѓу локалното и глобалното, националното и универзалното, меѓу потребата да се зачува сопствениот идентитет и потребата да се биде дел од големата културна синтеза.

Посочи дека е уверена оти оваа изложба и делата на авторите Јана Манева – Чуповска, Слободан Милошевски, Дороти Пачкова, Шќипе Мехмети, Маријета Сидовски, Стефан Хаџи-Николов, но, и на странските уметници како Маер Ева, Маја Гецич, Ирена Гајатри-Хорват и многу други ќе наидат на голем интерес од посетителите кои ќе имаат можност да се запознаат со новите влијанија во современата ликовна уметност.

Хелена Фенцлова

„Темата ’Нивоа на нашата свест‘ дава можност да се изрази индивидуалноста на ликовните авторите во нашето време, поткрепена со многу влијанија и ситуации во државата во која живеат. Темата ги опфаќа и семејниот живот, едукацијата, моментите на радоста во животот, но и индивидуалниот поглед на светот. Авторите отворено пристапиле кон темата и нивните идеи се присутни во изложените дела“, за МКД.мк објасни кураторката Хелена Фенцлова, која е воодушевена од просторот во кој е поставена изложбата.

На отворањето на 16. „Зимски салон“ на ДЛУМ во Чифте амам се обратија и амбасадорот на Република Чешка во Република Македонија, Н.Е. Мирослав Рамеш, директорот на Националната Галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими и претседателот на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, Христијан Санев.

Дита Старова-Ќерими

„Кураторот Хелена Фенцлова имаше задача од 70 пристигнати дела да направи селекција од која беше избран победникот на меѓународната ликовна манифестација ’Зимски салон‘. Од странство учествуваа четири држави со 15 автори“, прецизира Христијан Санев, претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

Катерина Таневска и Христијан Санев

На отворањето на изложбата беше соопштен и добитникот на наградата Гран-при, што традиционално се доделува на „Зимскиот салон“, а тоа е ликовниот уметник Катерина Таневска за делото „Меѓу двете црвени линии“, на која министерката Канческа-Милевска и посака продуктивен престој во атељето на уметностите во Париз, кое го финансира Министерството за култура.

Т.Д.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе