Јана Куновска и Емил Шулајковски заеднички изложуваат во галеријата „ПроЗор“ во Белград

Првото заедничко претставување на уметниците Јана Куновска и Емил Шулајковски во српските медиуми веќе е најавено како Голема изложба на македонските сликари во Белград. Изложбата со двоен наслов „Тажни мачки/ Мали ласцивни ластовици“ на Куновска и „Огнена земја“ на Шулајковски ќе биде отворена на 13 март, во 20 часот, во галеријата „ПроЗор“.

Својот ликовен опус Јана Куновска почна да го гради во 1992 година, кога се одржа нејзината прва изложба, а досега имаше триесетина ликовни претставувања. Главна карактеристика на нејзиниот ликовен израз е што во основата на делата е цртежот. Повремено експериментира со техниката на изразување, но фокусот на нејзините ликовни прикази секогаш останува на цртежот.

„Озон (галерија ’ПроЗор‘) е култна за моите ставови. Познавајќи го опусот на нивните излагања и претставување на уметниците, според моите критериуми, е доста авангардна... и со самото тоа привлечна. Идејата е да се искомуницира и да се претстави нешто од кај нас, што за нив излезе привлечно. Така почна. Јас се претставувам со опус на дела избрани од повеќе изложби, кои се реализирани во последните 7 години. Се работи за дела од три изложби и еден дел на нешто сосема ново, но како мала провокација за претходното“, вели Јана Куновска.

Родена во Скопје, Јана Куновска дипломираше на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, на отсек сликарство во класата на професорот Танас Луловски. Магистерскиот труд го одбрани на истиот факултет во 2009 година, под менторство на професорот Јован Шумковски.

Во однос на заедничкото претставување со Емил Шулајковски, таа вели „ја прифативме нашата различност“, и напомена дека во каталогот по повод изложбата е објавен текст на Владо Манчевски, а фотографијата ја изработи Дарко Антоновски.

Минатата година Емил Шулајковски со изложбата „Огнена земја“ го одбележа својот јубилеј 25 години творештво. Истиот наслов го носи и неговото ликовно претставување во Белград.

„Самата идеја за заедничка изложба во Белград е на Јана Куновска. Галеријата ’Про3ор‘ е под покровителство на ’Озон‘, функционира повеќе од една година и е непрофитабилна и невладина галерија. Во првичните разговори со уредникот на програмата, Никола Маринковиќ, дојдовме до заедничко разбирање и покана за соработка која, еве, ќе се реализира на 13 март. Околу концептот на изложбата го задржав насловот од минатата изложба во Скопје, но во Белград ќе се претставам со нови дела специјално создадени за овој настан, од 24 слики само 3 се од скопската изложба, за да го задржам континуитетот од мојата замислена ’Огнена земја‘“, објасни Шулајковски.

Сликарот Емил Шулајковски е роден во 1969 година во Скопје. Дипломирал во 1992 година на Факултетот за ликовни уметност, каде во 2001 ги завршил и постдипломските студии, на отсекот сликарство. Покрај 25-те самостојни изложби во Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија, Германија и САД, учествувал и на повеќе од 70 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на пет национални награди за сликарство, а неговите дела се наоѓаат во приватни и јавни збирки во преку 30 земји низ целиот свет.

Т.Д.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе