НУ Национална галерија на Македонија

Изложба по повод 110 годишнината од раѓањето на уметникот и научник Димче Коцо

Национална галерија на Македонија најавува дека во Чифте Амам на 23 јуни ќе биде отворена јубилејната изложба посветена на Димче Коцо, „Димче Коцо (1910-2020), јублилеј по повод 110 години од раѓање“. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август, а ќе опфати речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на овој реномиран автор, како и негови лични документи.

Димче Коцо е еминентен ликовен автор кој остави особен белег во историјата на модерното македонско сликарство, не само преку своето ликовно творештво туку и како ликовен критичар и автор на голем број релевантни трудови од областа на историјата на уметноста.

„Националната галерија во период пред и по прославата на 70 годишнината од своето постоење си постави за цел, би рекле во еден ренесансен зафат, да ги осветли со нови синтензни претставувања великаните на македонската ликовна уметност, во истражувачки изложби кои ќе го предизикаат вниманието не само на широката публика, туку и  институциите на уметноста. Така како резултат на долготрајни подготовки дојде до големи презентации на великаните на македонското сликарство како Петар Мазов, Борка Лезески...а се подготвуваат и нови на Кондовски, Ѓорѓи Зографски, Васко Ташковски... Во редот на овие зафати на Националната галерија е и големата сликарска изложба, на еден од ветераните на македонската сликарска уметност, академикот Димчо Коцо“, вели директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.

Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во текот на низа децении на минатиот 20. век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. Учествувал во оснивањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметност, градењето и образувањето на нови генерации историчари на уметност, создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови, имал богата општествена активност и оставил зад себе богато и вредно сликарско и скулпторско творештво.

Роден е на 10 октомври 1910 година во Охрид. Извесно време го посетувал Уметничкото резбарско школо во Охрид. Матурирал 1930 година во Битола. Учел во Уметничкото занаетчиско училиште во Белград и студирал Историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1936 година. Бил учесник во НОБ и комесар на Охридската бригада. По завршувањето на војната се вратил во Скопје каде веќе од декември 1944 година работи на формирање на првиот македонски Народен музеј во Скопје, основан 1945 година и бил негов прв директор. Истовремено тој е еден од основоположниците на Филозофскиот факултет во Скопје, каде како еден од малубројните професори почнал да предава и бил прв шеф на катедрата на Институтот за историја на уметност. Бил и декан на Филозофскиот факултет во 1950/1951 и 1957/58 година. Бил директор и на Археолошки музеј во 1952 година, од кога датираат почетоците на големите истражувачки зафати на овој музеј во Стоби, Чепигово, Демир Капија и Радолишта. Неговата научна дејост била призната и во меѓународни рамки, па 1955 година тој е избран за дописен член на Deutsches Archäologisches Institut (Römisch-germanische Komission) во Франкфурт на Мајна, а во 1969 година за doctor honoris causa на Универзитетот во Безансон. Бил член на ДЛУМ од 1945 година.

Димче Коцо

Од 1969 година Коцо бил дописен член на МАНУ. Бил долгогодишен член на одборот на град Скопје, сојузен народен пратеник на град Скопје, претседател на Музејското конзерваторско друштво на Македонија, претседател на Републичкиот совет за култура на СРМ, член на Југословенската делгација на УНЕСКО итн. Водејќи се од перспективата на стручните кадри и потребата од афирмација на нивниот труд, Димче Коцо ќе остане запаметен како главен иницијатор и основач на периодични публикации, во кои тие во иднина ќе можат да ги обајвуваат своите научни достигнувања. Такви се „Гласникот на Музејското друштво“ и „Годишниот зборник на Археолошкиот музеј“, во кои се објавуваа и се уште се објавуваат трудови од областа на археологијата и историјата на уметноста од особен научен интерес. Димче Коцо раководел и бил дел од низа научни ископувања и истражувања на голем број споменици пред се од средновековната архитектура и сликарство. Ваквиот научен интерес и резултатите од истражувањата ќе бидат публикувани во низа научни трудови кои заземаат значајно место во македонската научна мисла и кои ги има многу. Интензивната научна работа и резултатите од бројните истражувања Димче Коцо ги прикажал преку свои реферати и пред светската научна јавност на бројни меѓународни конгреси.

Вонредната плодна професорска, музеалска, научна и општествена активност на Димче Коцо е доволна за да исполни еден човечки живот, но не и во неговиот случај. Како човек со исклучително чувствителна природа и талентиран уметник тој зад себе остави обемно творештво, таписерии, слики, цртежи, акварели и скулптури, низ кои со многу творечка креативност ги долови своите уметнички визии. Во неговите дела, плод на зрел автор со богата имагинција се изразени неговите размислувања за времето и неговото незаприливо одминување, за материјата и нејзината минливост, за човекот и неговото опкружување, обичаите, верувањта, размислувањата. Своите уметнички творби ги презентирал на 13 самостојни изложби и бројни групни преставувања во земјата и странство во Скопје, Охрид, Штип, Велес, Белград, Дижон, Атина, Рим, Дрезден итн. Неговите дела се наоѓаат во повеќе музеии, галерии и приватни колекции во земјата и странство: Национална галерија на Македонија, Музеј на современа уметност, МАНУ, Музејот во Штип, Музејот во Охрид, Музеј за уметност и обрт во Загреб, Уметнички музеј Торонто...

Димче Коцо има огромно значење и одиграл важна улогата во развојот на научната мисла, но и во афирмацијата на ликовната уметност и продорот на новите уметнички влијанија. Оваа јубулејна изложба има за цел токму да потсети на неговиот богат и разновиден, тематски и стилски опус, разоткривајќи го повторно пред стручната јавност, но и пошироката публика неговото обемно ликовно творештво. На овој начин ќе овозможиме еден посеопфатен увид и потсетување на ова импресивно творештво, воедно ќе потсетиме и ќе укажеме на неговото влијание врз повеќе генерации македонски ликовни уметници пред се како како уметник, и педагог, велат од Националната галерија и изразија особена благодарност до поединците и институциите од чии колекции ќе бидат претставени дела (освен делата на авторот Димче Коцо во сопственост на Националната галерија) на оваа изложба. Тоа се семејствата Коцо, Коцови, Миљковиќ; Македонската академија на науките и уметностите; Музејот на современата уметност - Скопје; Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид; Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Штип; НУЦК „Антон Панов“, Струмица и Службата за општи и заеднички работи при Влада на Република Северна Македонија.“

Вообичаено, во досегашните презентации на неговото творештво акцентот бил ставан на делата препознатливи за неговиот опус. Но останаа и добар дел од неговите дела кои досега ретко или воопшто не се изложувани пред македонската културна јавност. Овој омаж e потсетување на неговото творештво по повод 110 години од неговото раѓање, а воедно и можност за остварување на една ваква намера. Оттука, на изложбата ќе бидат поставени дела во сопственост на институции и приватни лица кои веќе се познати во македонската ликовна јавност, но и дела кои досега не биле изложувани.

Овој проект ќе го претстават трите кураторки: виш кустос Славица Алексоска, виш кустос Маја Неделкоска Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска.

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе

(Овој труд беше презентиран на конференцијата „Геноцидот и неговата превенција во дигиталното доба: предизвици на 21 век“, 19- 23 јули, Барселона, Шпанија.)

повеќе