На изложбата авторот ќе се претстави со 15 дела, работени во техника акрилик на платно, создадени последниве години. Изложбата ќе биде отворена до 22 декември 2020 година.
Дита Старова Ќерими (1984) е директорка на Националната галерија, афирмирана академска сликарка и педагог, доцент на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје. Добитник е на наградата „13 Ноември“.
Таа својата прва сликарска наобразба ја добива во Париз, во раните школски денови во лицејот „Жансон де Сали“, а по четири години школување во познато ателје ја има и својата прва изложба. Во родното Скопје го завршува Средното уметничко училиште за применети уметности „Лазар Личеноски“. Дипломира на одделот сликарство со графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со просечна оценка 10, а со таков успех и магистрира ликовна уметност на истиот факултет. На Универзитетот „Евро-Балкан“ во 2014 година докторира на тема „Муралното сликарство во исламските сакрални градби во Република Македонија низ практична анализа на човековиот придонес“ под менторство на проф. д-р Мехмет Ибрахим – Ѓил од Факултетот „Гази“ при Универзитетот во Анкара. Нејзините трудови од оваа област се објавени во домашни и странски изданија, а докторската дисертација ѝ ја издаде „Логос А“ од Скопје.
Досега има реализирано 14 самостојни и над 50 групни изложби во земјава, САД, Франција, Турција, Бугарија, Косово и други земји. Добитничка е на наградата „Методија Ивановски – Менде“ на изложбата „Мал формат“ 2012, на признанието „СИАБ“ и на други домашни и странски признанија. Нејзини дела се наоѓаат во колекциите на Музејот на современата уметност и на Националната галерија во Скопје, како и во колекции во Канада, Турција и Франција. Таа е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), на Здружението на уметници „Аrt Vizion“, на Здружението на уметниците на Македонија „Драудакум“ и др.