Во галеријата Чифте амам

Изложба на дела од деца со аутизам

Уметнички творби на деца со аутизам се претставени на изложба во Чифте амам, резултат на креативните работилници кои Националната галерија таму ги организираше шест дена во минатиот месец. Изложбата насловена „Пролет, лето, есен, зима... и повторно пролет" е трета од вкупно четири од проектот „Уметност за сите" кој НГМ го организира под покровителство на Амбасадата на Холандија.

Работилниците ги раководеше едукаторката Маја Димитрова, а со  децата со аутизам од неколку основни и средни училишта работеа академски сликари. Нивните 60-ина изработени дела се разновидни – комбинирана техника на платно, акрил, акварел, лепење органски и неоргански материјали на картон…

Едукаторката Маја Димитрова рече дека нема поголема награда за нив од кога ќе видат среќни и задоволни деца. -Многу е поубаво кога подаруваме отколку кога ќе добиеме, и нема поголема награда за нас од она кога ќе видиме дека децата си одат задоволни и среќни. Тоа е уште поголем мотив за други проекти, рече  Димитрова.

Директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими на отворањето на изложбата истакна дека искрена заложба на НГМ е да стане алтернативна образовно-културна институција за најмладите и да овозможи рамноправно учество во културата на децата и лицата со посебни потреби.

-Сакаме на јавноста да ѝ покажеме дека Националната галерија може да ги задоволи образовните потреби на сите школски деца без исклучок, со што станува компетентна алтернативна образовна институција. Затоа што генијот на уметноста нема граници – тој можеби се крие и во овие цртежи и слики, рече Старова-Ќерими.

Покровителот на изложбата, холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, истакна дека со неа се одбележува Светскиот ден на аутизмот 2 Април и истовремено се слават различностите кои, рече, го прават нашиот свет поубав.

„Вие покажавте дека уметноста е навистина за сите – не познава разлики и зборува на сите јазици. Ви благодарам што ни дозволивте да го погледнеме светот низ вашите очи“, рече амбасадорот Пломп.

Покрај оваа изложба, НГМ утре од 13.30 часот во Чифте амам ќе организира и трибина посветена на културолошките активности на лицата со посебни потреби.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе