Изложба „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор во МСУ

Во Музејот на современа уметност – Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор. Изложбата се реализира во соработка со Амбасадата на Германија и Архитектонскиот факултет во Скопје по повод стогодишнината на познатата и исклучително влијателна архитектонска школа Баухаус.

Како што е најавено, изложбата ќе ја отвори амбасадорот на Германија, Томас Герберих, а обраќања за значењето на Баухаус и за изложбата ќе имаат и авторот Жан Молитор и Ана Ивановска Дескова од Архитектонскиот факултет во Скопје.

Авторот на изложбата Жан Молитор ќе биде присутен во деновите и по отворањето, кога ќе одржи и работилница со група македонски фотографи, чија специјалност е фотографијата на архитектурата.

В среда во киносалата на МСУ со почеток во 19 часот ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш.

Ќе бидат изложени 50 фотографии што ја прикажуваат архитектурата на модерната од сите нејзини различни аспекти.

Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на модерната, која од 2016 година научно е поддржана од историчарката по архитектура, д-р Каија Фос. Во проектот „Бау1хаус“, Молитор има за цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Притоа, тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење.

Областа на истражување се протега од Вајмар, каде што во 1919 година е основано легендарното уметничко училиште Баухаус, преку цела Европа до Африка, Америка и Азија. Изложбата на фотографии патува во места каде што луѓето со децении живеат со своите архитектонски богатства, но можеби не се секогаш свесни за нив. Речиси секаде има изненадувачки траги на модерната: меѓу Берлин и Кабул, Штутгарт и Тел Авив, Санкт Петербург и Хавана, во Гватемала или во Букаву во Конго се наоѓаат секогаш одново врвни дела на градежната уметност без кич.

Во рамките на изложбената поставка е поместен и избор на фотографии кои упатуваат на неколку значајни градби извлечени од ткивото на Скопје. Тие се само дел од градбите кои сведочат за начинот на кој Скопје ја апсорбира естетиката на европските авангардни правци, модерната, интернационалниот стил или сѐ она што Молитор широко го вбројува во „Баухаус“, а мислејќи пред сѐ на новата функционалност, новата совршена естетика и новиот метод на обмислување и создавање архитектура.

Оваа архитектура во Скопје се создава во неколку наврати, во скромен обем, но со извонредно значење првпат се појавува во периодот помеѓу двете светски војни (1918 – 1941). Истовремени со градбите кои сѐ уште носат белези на академизмот и неговите локални подваријанти, делата на Иблер и Злоковиќ во Скопје храбро ја воведуваат естетиката на европската авангарда. Повоениот период (1945 – 1963) веќе добива широк модернизациски карактер и додава нов, обемен архитектонски слој кој во себе ги обединува предвоените искуства и новите истражувања и стекнати знаења.

Речиси без исклучок во делата на Леви, Ранковиќ, Брезоски, Петричиќ… доминира естетиката на едноставни, „бели“ волумени и големите застаклени површини. Ваквиот начин на архитектонско изразување и обмислување на просторот во континуитет продолжува да опстојува и во периодот на постземјотресната обнова и изградба на Скопје (1963 – раните 1980-ти години), овој пат како еден од мноштвото можни архитектонски јазици (структурализам, метаболизам, брутализам итн.).

Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември 2019 година.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе