ГРАФИЧКО БИЕНАЛЕ

Гран при за Мице Јанкуловски на 19-тото Меѓународно биенале за графика во Варна

На 19-тото Меѓународно биенале на графика 2017 во Варна, Гран при, или како што уште се нарекува „Големата награда на градот Варна“, е највисокото признание на Биеналето, кое со одлука на интернационално жири ја доделува градоначалникот на Варна. Оваа престижна награда ја доби македонскиот уметник Мице Јанкуловски.

Меѓународното биенале на графика во Варна, со своето 19-то издание потврди дека се наоѓа меѓу најпрестижните манифестации од овој вид во светот. Доказ за тоа се големиот број пристигнати дела - 685, од кои за изложба и претставување во каталогот беа селектирани 475 дела од 350 автори од 57 земји во светот.

За наградите одлучуваше интернационално жири во состав: Стоимен Стоилов / Австрија - претседател и членовите: Магда Шплит / Полска - носител на Големата награда на Варна на претходното, 18 МБГ, Владо Георгиевски / Македонија - директор на Меѓународното триенале на графика во Битола, доц. д-р Деница Јанева / Бугарија - професор на Академијата за ликовни уметности при универзитетот во Велико Трново и Венцеслав Антонов / Бугарија - Директор на МБГ и Галеријата на графичката уметност во Варна.

Жирито ги додели следните награди:

Голема награда (Гран при) на Град Варна - Мице Јанкуловски, Македонија

Посебна награда на жири - Чакрит Лапаудомлоет, Тајван

Три рамноправни награди - Оја Масаки, Јапонија / Мердад Катаеи, Иран / Христо Цациноц, Бугарија

Делото на Јанкуловски, носител на Гран при, е концепт од 5 графики насловен како „Формите на Венеција“ (сериграфии со апликација на флок, отпечатени во серија од 10, секоја со дименизии 100х70 см), куратиран од познатиот историчар на уметност и куратор Енцо ди Мартино од Венеција.

Графиките можат да се разгледуваат поединечно, но најдобро функционираат во заеднички концепт. Беа печатени во познатото графичко студио „Фалани“ во Венеција и промовирани во нивниот центар за уметност на 19 јули 2017.

Во овој момент сѐ уште трае изложбата на Мице Јанкуловски „Формите на Венеција“ во „Фалани Арт-центарот“, па интересно е што додека таму трае изложбата, истото дело во Варна е наградено со највисокото признание на Меѓународното биенале на графика, извести Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен“.

Меѓународното биенале на графика во Варна спаѓа меѓу најрепрезентативните форуми на современата графичка уметност во Бугарија и меѓу десетте најавторитни и највлијателни уметнички настани во оваа област во светот. Неговата главна цел е да ги претстави како класичните техники, така и тековните трендови и современи достигнувања во графичка уметност.

Овогодишното издание беше отворено на 11 август 2017 година во салонот на Градската уметничка галерија „Борис Георгиев“ во Варна, Бугарија. Изложбата ќе биде отворена за посета до крајот на септември.

Биеналето на графика во Варна е првото не само во Бугарија, но и едно од првите во Европа. Идејата за форумот се раѓа во 1979 година во Варна.

Во 2001 година Меѓународното биенале на графика (МБГ) е вклучено во културните рути на Европа и оттогаш е под покровителство на УНЕСКО.

Негови организатори според статутот се Општина Варна, Министерството за култура на Република Бугарија и Сојузот на бугарските уметници СБХ, додека директен организатор на изложбата е Галеријата за графичка уметност во Варна.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе