„Допирот“ во Охрид и во Скопје

Допирот е дел од проектот Ние сме тука: идни екологии, проект на Британскиот совет и агенцијата „Лукс“ и кураторот Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на Македонија.

Британскиот совет, агенцијата „Лукс“ и кураторот Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на Македонија го најавуваат проектот под наслов „Допирот“, дел од Ние сме тука: идни екологии.

Идни екологии е една од петте уметничко-филмски програми на проектот Ние сме тука: програма за уметнички подвижни слики развиена од Британскиот совет и „Лукс“ (LUX), агенција за уметност со седиште во Лондон, која ги поддржува и промовира уметничките дела со подвижни слики. Секоја од програмите е курирана околу темите национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање. Ние сме тука обработува дискурси за влијанието на оваа тема кај младите, но и кај етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика. Куратор на програмите е Тендаи Џон Мутамбу.

Идни екологии се состои од компилација од 4 дела со подвижни слики, и тоа: Уриел Орлоу, „Muthi“, 2016; Луис Хендерсон, „All That is Solid“, 2014; Шарлот Проџер, „LHB“, 2017; Бен Риверс, „Urth“, 2016, сите сопственост на „Лукс“. Покрај претходните, од понудените изборни дела со подвижни слики од колекцијата на Британскиот совет, дел од „Идни екологии“, во македонскиот концепт на проектот во „Допирот“ ќе се вклучи и делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник“, 2013.

Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за подвижни слики е да се иницираат разговори на тие клучни теми.

Во основата на овој проект лежи размената со Велика Британија преку изложби и разни други последователни настани наменети за пошироката публика.

Проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји.

Македонскиот концепт на кураторката Ана Франговска е насловен „Допирот“ и е петтата изложба во низата изложби на проектот Идни екологии во Западен Балкан. „Допирот“ се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. Покрај изборот на дела со подвижни слики од проектот Ние сме тука: идни екологии, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото..., и тоа: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување“, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото“ и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Silentio Pathologia“.

Со цел да се децентрализира и да се прошири пораката на проектот како суштински исход, две дела со подвижни слики од проектот „Допирот“, и тоа „Ѕвездениот гласник“ на Бедвир Вилијамс и „Место на спојување“ на Кристина Пулејкова, ќе бидат претставени во Охрид, како најава на главната изложба, во јавен простор, пред Центарот за култура „Григор Прличев“. Проекциите ќе се одвиваат последователно три дена, на 7, 8 и 9 август, со почеток во 21 часот.

Брзите, визуелно немилосрдни, наративни филмови на Бедвир Вилијамс се базираат врз социјално набљудување и повторно замислување, како и врз сопственото позиционирање во двата света (реалниот и фантастичниот). Во „Sвездениот гласник“, направен за неговата соло презентација што го претставуваше Велс на Биеналето во Венеција во 2013 година, Вилијамс размислува за врската помеѓу микрокосмосот во под од една тераса и бесконечниот простор околу нас. Од гледачот се бара да се замисли себеси како мало парче камен заробено во еден комплексен систем.

„Место на спојување“ на Кристина Пулејкова, пак, е прекрасна визуелна нарација, чија тематика е директно поврзана со Охрид и загрозената охридска јагула, која поради поставените 6 електрични брани во изминатите 60 години не е во можност да ја остварува својата природна репродукција и да го спроведе „свадбениот пат“ до Саргаското Море. Уметничката нарација предадена преку кореографски танц на две индивидуи (кои асоцираат јагули), надополнети со компјутерски анимации, на мошне непосреден и бајковит начин ја пренесуваат конверзацијата меѓу две јагули, едната од Британија, од реката Темза, а другата од Охрид.

Овие два мошне интересни и визуелно елоквентни проекти ќе ја збогатат и летната уметничка програма на Охрид, а секако ќе бидат одличен поттик за ширење на свеста за екологијата и заштитата на животната средина, теми кои се од особена важност во последните години, а со особен интензитет го зафаќаат и визуелно-концептуалниот вокабулар на уметноста и културата како значајни посредници со публиката.

Главната изложба ќе се отвори на 15 септември, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ и ќе биде поставена до 15 октомври. Ќе биде придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни, конференции, интердисциплинарни соработки помеѓу дивергентни факултети итн.

Проектот е овозможен благодарение на Британскиот совет и агенцијата „Лукс“, а е потпомогнат и од Министерството за култура на Македонија.

 

Кристина Пулејкова

Место на спојување, 2021

Видео и анимација, ВР-видео

Делото „Место на спојување“ е базирано врз уникатната миграција на критично загрозената европска јагула. Следејќи го животот на две јагули кои потекнуваат од различни средини (едната живее во Охридското Езеро во Македонија, додека другата во реката Темза во Лондон, Обединетото Кралство), делото ќе се обиде да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграцијата и самоостварувањето. За жал, охридската јагула е спречена да го остварува својот природен репродуктивен пат, бидејќи во 1962 година на нејзината траса била изградена брана спрема Република Албанија, а денес на таа линија се наоѓаат уште пет други брани. Оттогаш Охридското Езеро вештачки се мрести со јагули. Овој дискурс го поставува на сериозно рамниште прашањето за човековото влијание врз еколошките катастрофи, од една страна, а исто така и политичкиот удел, перспективи и платформи, од друга страна.  

Кристина Пулејкова (1988) е македонска уметница која живее и работи во Скопје и во Лондон. Нејзиното интердисциплинарно творештво се заснова врз науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот на кој употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек – природа. Работејќи низ подвижни слики, звук и инсталација, таа има за цел да изгради субјективни наративи, засновани врз научни податоци и начела. Во своите дела има тенденција да претставува гласови – гласови од суштества, предмети, па дури и атоми, со цел да се обиде да ги воведе нечовечките перспективи. Преку употребата на напредната технологија, делата на Кристина честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни, кои ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата.

 

Бедвир Вилијамс

Ѕвездениот гласник, 2013 година

Едноканално HD-видео 16:9

Боја, звук

Ѕвездениот гласник на Бедвир Вилијамс (2013) е брз наративен филм во кој уметникот се осврнува на имагинацијата и неговото набљудување на светот кое ги проучува ѕвездите, космосот и нашето место во него. Направен за неговата самостојна презентација на Велшкиот павилјон на Биеналето во Венеција 2013 година, Вилијамс ги повикува гледачите да се замислат како мало, заробено парче камен во еден комплексен систем – поврзување на микрокосмосот од подот на една тераса со макрокосмот на бесконечниот простор насекаде околу нас.

Бедвир Вилијамс (р. 1974) живее и работи во Каернарфон, Велс. Скулптурите, сликарството, перформансите и видеото на Вилијамс се повлијаени од неговите сопствени животни искуства. Неговото дело на невообичаен начин, кој е едновремено симпатичен и функционален, ги преплетува уметноста и животот нудејќи остра критика на нашиот секојдневен свет, а ги издигнува и величи нејасното и занемареното.

 

 

 

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе