Интервју

Дита Старова Ќерими: Волјата да се наложи естетската визија над објективните тешкотии е голем предизвик

Националната галерија на Македонија го почна одбележувањето на 70-годишнината од своето основање со јубилејот 100 години од раѓањето на Борко Лазески (1917-1993), кое се случи во февруари 2018 година. Март беше посветен на понежниот пол, април беше обоен во сина боја, во знак на подигнување на свеста во битката со аутизмот. Сосема нов и свеж дух во работата на оваа национална установа внесе Дита Старова Ќерими, која е директорка на Националната галерија на Македонија од октомври 2015 година.

Изложбата на дела од Мазев минатата година според многумина беше настан на годината. Изминативе две години во Националната галерија на Македонија (НГМ) беа претставени и дела на Никола Мартиноски, Борко Лазески, Икони од 14 до 20 век, Омер Калеши, Бурхан Ахмети, изложбата „Чудесните жени од колекцијата на НГМ“ и многу други. Од 12 мај до 12 јуни оваа година, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе може да се видат и делата на најреномираниот албански уметник на изложбата со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра.

Ве радува ли што сето ова се случува во периодот кога вие сте директор на НГМ?

Националната галерија на Македонија, како и другите институции од областа на културата и уметностите, се соочува со низа објективни тешкотии. За да се наложи естетската волја, односно избере доминантно дело во сиот свој сјај (како што беше случајот со изложбата на делата на Мазев) претпоставува долг пат за разрешување на низа проблеми, но волјата да се наложи естетската визија над објективните тешкотии, за мене, беше голем предизвик.

Пред сѐ, како човек кој целиот свој живот го има поминато во мисија посветена на ликовната уметност од најраното детство (во париско сликарско ателје, па школувањето во уметничкото средно училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, студиите и магистратурата од истата област, а на крајот и докторатот од историјата на уметноста). Изложбата со дела на Мазев, според зборовите на еден наш истакнат академик и филозоф, стана парадигма како да се организираат изложби од ваков вид.

Секако, работата на секоја голема изложба подразбира голем авторски тим во нејзината подготовка. Според кои принципи се раководите во работата со стручните тимови во институцијата? Како се прави селекцијата кои изложби ќе бидат застапени во годишната програма?

Квалитетната тимска работа е лицето на една установа. И кај нас е така. Во последно време инсистирам нашиот тим да функционира што покохерентно и што поусогласено, за разлика од досегашното нагласено индивидуалистичко егзистирање. Вообичаена практика е сите кустоси да предложат проекти, а потоа заедно да одлучиме кој проект е поквалитетен и заслужува да биде одобрен од Управниот Одбор на НГМ и поднесен пред Министерството за култура.

Националната галерија е комплексна институција и еден од столбовите на ликовната уметност во Македонија. Кој беше вашиот предизвик да ја преземете одговорноста за работата во НГМ?

Го прифатив предизвикот како човек од браншата, сликар и професор, со својата младост да се изборам во борбата за квалитет и мобилизација на истомисленици, вредни соработници.

Покрај изложбите, минатата година организиравте и трибини за можната иднина, односно понатамошниот развој на НГМ. Има ли конкретни заклучоци од трибините?

Да, трибините и отворањето на нови дискусии за можната иднина на нашата институција продолжуваат со цел да се слушне мислењето на професионалната фела во нашата држава. Воедно, на овие јавни трибини секогаш беа поканети сите чинители кои на конструктивен начин преку дискусија и конкретни предлози можат да придонесат кон унапредувањето на нашата дејност.

Оваа практика на транспарентно и активно работење на Националната галерија на Македонија веќе ја менува свеста и односот не само на стручната, туку и на пошироката јавност кон оваа институција во исклучително позитивна насока, а заклучоците од овие јавни трибини постепено вродуваат со одредени поместувања и плодови, кои за надворешниот свет можеби се и невидливи, но за нас значат многу. Според овие досегашни согледувања очекуваме дека работите во блиско време уште повоочливо ќе се променат.

Активностите на НГМ се одвиваат во трите објекти – Даутпашин амам, Чифте амам, кои се споменици на културата, и во Мала станица. Со какви проблеми се соочувате во објектите? Што може/треба да се подобри?

Како што посочивте, во трите објекти на НГМ активно се случуваат различен тип на активности, пред сѐ изложби, но и едукативни работилници, концерти, промоции итн, а во сите објекти работат нашите стручни и технички служби.

Првите два објекта, Даут пашин амам и Чифте амам, се споменици на културата кои датираат од средината и од втората половина на 15 век, Мала станица датира од 1922 година, а во владеење на НГМ е и куќата на Лазар Личеноски. Сите овие објекти имаат свои инфраструктурни проблеми за кои е потребно постојано одржување.

Во Даут пашин амам и Чифте амам проблемите се однесуваат, пред сѐ, на влагата која е алармантна, особено во Чифте амам, каде недостасува и соодветно галериско осветлување кое е дотраено, а околината на Даут пашиниот амам со години е сосема девастирана и приодот на посетителите и љубителите на уметноста е отежнат.

Во Мала станица постојано се појавуваат и проблеми со протекување на кровот. Во сите овие објекти кои се адаптирани за музејско и галериско работење се чуваат уметнички дела кои се сопственост на НГМ, немаме конзерваторска лабораторија, а влагата и непостоењето на соодветни депоа кои ќе ги задоволат минималните стандарди за нивно чување и заштита се сериозни проблеми за чие решавање се потребни големи финансиски средства.

Да не зборуваме дека куќата на Лазар Личеноски треба сосема да биде реновирана и адаптирана за музејска поставка, односно да се обезбедат сите услови за нејзино безбедно функционирање. Во сите овие објекти и условите за тековно работење на персоналот се минимални, во Мала станица недостасува лифт за пристап за инвалиди, а немањето на транспортно возило се надоврзува на листата на проблеми која уште може да се продолжи, но ете ги споменав само основните чие постоење секојдневно ни ја отежнуваат работата.

Што се случува со спомен-куќата на Лазар Личеноски?

Преадаптација, конзервација и ревитализација на куќата на нашиот еминентен сликар и основоположник на македонската современа ликовна уметност, Лазар Личеноски, во спомен - куќа „Музеј Лазар Личеноски“ е проект кој веќе подолго време е актуелен и на кој интезивно се работи од 2015-та година. До крајот на тековната 2018-та година се очекува да биде заокружена фазата која предвидува завршување на проектите за конзервација на движниот културен материјал: сликарски, мозаичен, етнолошки и библиотечен.

Во фаза на реализација е и евиденцијата и документирањето на архивската граѓа, која дополнително е издвоена при евиденцијата на другиот културен материјал од оставината на легатот Лазар Личеноски.

Изработката на Основниот проект за санација на куќата и нејзино адаптирање во Спомен куќа на Лазар Личеноски е во надлежност на НУ Конзерваторски центар – Скопје, и колку што сме информирани и тој е во завршна фаза. По изготвувањето на проектите и добивањето на одобренија за нивна реализација од соодветните установи ќе се пристапи кон непосредна конзервација, чија динамика ќе зависи од буџетот на проектите, односно од финансиската поддршка која, пред сѐ, би ја добиле од Министерството за култура на РМ.

Следниот голем настан во НГМ е изложбата со која ќе се одбележат 100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра. Кој учествуваше во подготовките на изложбата?

За овој значаен јубилеј, 100 години од раѓањето на големиот албански уметник Ибрахим Кодра, НГМ подготви изложба која ќе биде отворена на 12 мај во објектот Чифте амам и истата е пропратена со соодветно печатено издание на 80 страници. Печатеното издание содржи голем број фотографии од неговите дела и текстови преведени на три јазици. Во реализација на изложбата наши партнери се Националната галерија на Косово и Фондацијата „Ибрахим Кодра“, чии дела пристигнаа во Скопје. Понатаму, во период до 12 јуни нашата домашна публика ќе може да се запознае и да ужива во делата на овој значаен уметник кој дружел, создавал и изложувал во светските центри со великаните на европската уметност, како што се Пикасо, Модиљани, Брак, Матис, Миро, Оскар Кокошка и други од овој ранг.

Ибрахим Кодра „Фантастична Албанија“ (1997)

Светски најреномираниот албански уметник, Ибрахим Кодра, изложувал низ повеќе центри во целиот свет (Њујорк, Токио, Палермо, Штутгарт и други), достигнувајќи многу голем успех. Неговите уметнички дела, создадени со пост-кубистички влијанија, се збогатени со реминисценции на традицијата на неговата татковина, Блискиот Исток, Византија, средбите на културите на Средоземното Море. Неговите уметнички дела се наоѓаат во многу музеи и приватни збирки, како што е Музејот на Ватикан.

Уште еден голем странски автор ќе гостува во НГМ. Што е договорено околу поставувањето на изложбата на Анри Сала?

Гостувањето на Анри Сала го подготвуваме за ноември годинава. Тоа ќе биде негова голема самостојна изложба која бара многу менаџерски способности, а секако и одлична организација на сите вклучени професионалци. Изложбата ќе биде поставена во Даут пашин амам и ќе вклучи видео инсталации и просторни инсталации кои Сала ги има изработено во последните 10 години, а нивната корелација во наративната историја на Даут има прекрасна аналогија. Сѐ ќе биде претставено на високо професионална техничка опрема, нешто што е главен предуслов за изложување кај овој автор. Тој е автор кај кого звукот колку и визуелната поезија се клучни чинители на неговата естетика. Ова ќе биде проект кој не смее да се пропушти.

На крајот, вие и самата сте ликовна уметница. Колку работата на сопственото творештво го отстапи местото на раководната улога во НГМ?

Се разбира, во позицијата на која се наоѓам со мошне напорна агенда на настани, помалку ми останува време да работам на своето сликарско дело, но како што велеше еден голем наш сликар, раката мора постојано да дејствува, да црта, слика. Работам постојано на нова изложба.

Тони Димков

Фотографии: Роберт Атанасовски

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе