Интервју

Костадин Танчев Динка – таткото на македонскиот графички дизајн

Ретроспективно-монографска изложба на графичкиот дизајнер Костадин Танчев - Динка ќе биде отворена на 24 април во Даут Пашин Амам, најрепрезентативниот објект на македонската Национална галерија. Изложбата беше најавена со промоција на фантастична монографија за животот и творештвото на Костадин Танчев - Динка, кој, според многумина професионални дизајнери, е таткото на македонскиот графички дизајн.

Монографијата и ретроспективната изложба на Костадин Танчев Динка (1940, Валандово) бележат 50 години творештво од неговото дипломирање во 1968 година во Белград до актуелниот творечки миг, кој ќе биде претставен со седум нови дела.

Монографското издание „Костадин Танчев-Динка - Од слика и графика до нови медиуми“ содржи текстови од проф. д-р Владимир Величковски, проф. д-р Тони Васиќ, проф. Лазе Трипков, проф. д-р Кирил Темков и Конча Пирковска. Книгата е издадена на македонски и на англиски јазик од страна на Националната галерија, опфаќа 240 илустрации и отпечатена е во колор на 304 страници.

На изложбата ќе бидат прикажани околу 90 дела од областа на графичката уметност, сликарството и графичкиот дизајн - пресек на повеќедецениско творештво на Костадин Танчев - Динка, а ќе бидат изложени и делата од циклусот – интегрална графика „Време – Игри“ (2017/2018). Со своите дела на полето на применетата графика Динка се смета за водечки мајстор и иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации.

Според кој концепт е поставена изложбата во Даут пашиниот амам?

Изложбата е направена по истиот концепт со кој беше приредена монографијата за моето творештво. Дополнително успеав да донесам некои постари дела од моите студентски денови во Белград, дела кои беа реализирани во 1967 година, кога работев филмски плакати со Мича Поповиќ и Џорџ Скригин. За завршната изложба направив и седум нови дела. Во однос на техниката тие се комбинација меѓу дигитална графика и синеарт, како еден нов медиум на изразување.

Голем број од вашите студенти и многу графички дизајнери ве сметаат за „татко на графичкиот дизајн“ во нашата земја. Со што ја заслуживте таа титула?

Ако тоа е така, тогаш веројатно ја заслужив со работата по враќањето од студиите во Белград. Во тој период бев поканет да работам во „Нова Македонија“, каде Сотир Качевски формираше оддел за маркетинг и беа потребни иновации и промени. Дизајнот тогаш беше наследен од времето по војната под влијание на Кун (Ѓорѓе Андреевиќ - Кун, 1904-1964) и беа потребни нови идеи и нов начин на видување на дизајнот. Тогаш бев упорен со моите идеи во однос на плакатот и на логоата и делумно успеав да ги остварам. Практично, го работев тоа за што студирав, односно графички дизајн и графика, а следствено на тоа се случи и мојата прва изложба во 1972 година.

Во различни периоди од животот се занимавав со сликарство, со графика или со дизајн, но секогаш експериментирав трагајќи по иновации. Комплиментот го добив, веројатно, затоа што направив некои радикални промени по 70-тите години на минатиот век, почнувајќи со работата во тогашниот младински весник „Фокус“ и со новите заштитни знаци, денес познати како логоа, со кои донесов нова естетика во визуелната комуникација.

Во изминатите 50 години се случија промени во општествениот систем, а технологијата доживеа огромен развој, но што е константниот параметар на графичкиот дизајн? За што во денешно време велиме дека е добар графички дизајн?

Личниот приод кон графичкиот дизајн е тој што може да не одведе до добар графички дизајн. Во денешно време е штета што технологијата повеќе се користи сама по себе. Сметам дека кога се почнува одреден дизајн треба да се почне со скица на хартија, а технологијата да биде алатката која ќе ви помогне полесно да го изведете дизајнот. Тоа е основата до која се држам, односно одам пеш со користењето на современиот јазик. Секогаш сум се придржувал до класичниот начин на работа, бидејќи и образованието нѐ учеше до решението да стигнеме пеш, а тогаш живеевме во црно-бел свет и не можевме да провериме како изгледа финалниот продукт до самиот крај. Честопати и напорот да му се допаднете или да го освоите нарачателот создавал поголеми амбиции и ангажираност да дојдете до целта. Разликата од моето и новото време е што сега сите сме во „трка со времето“, а порано имавме доволно време одредена идеја да ја разработиме на класичен начин.

Колку „трката со времето“ ја „убива“ креативноста?

Кога преку ноќ треба да направите одредено решение, секако дека ќе немате доволно време истото добро да го проверите. Уште една грешка што се практикува е што од вас како дизајнер нарачателите бараат пет или десет идејни решенија кои ќе се разгледуваат, а на тој начин практично една идеја се растопува на десетина недооформени решенија. Мојот систем беше таков што никогаш не правев повеќе решенија, а го нудев тоа решение што сметав дека е најдоброто. Уште еден проблем што редовно се појавува во графичкиот дизајн е што не е важно кој го направил, туку кој го избирал дизајнот. Затоа честопати се случувало одбиените решенија да бидат подобри од одбраното, но тоа не зависи од дизајнерот, туку од тој што одлучува кое решение ќе биде избрано. Затоа на конкурсите на кои сум учествувал испраќав само едно решение во кое бев убеден дека е најдобро.

Младите генерации дизајнери често се ставени во ситуација да реализираат идеја на нарачателот, место да креираат сопствени дизајн-решенија. Зошто е тоа така?

Мислам дека во денешно време со појавата на агенциите, кои најчесто ги ангажираат младите дизајнери, се изгуби феноменот на авторот. Сето она што ќе биде креирано во рамките на одреден проект го потпишува агенцијата, а се губи името на авторот. Во моето време авторот секогаш се потпишуваше под својот дизајн, и тоа беше голема предност на индивидуален план.

Која е суштинската разлика од претходниот и сегашниот општествен систем во однос на професијата графички дизајнер?

Во денешното време со напредната технологија можете да постигнете многу попроверени и поефективни резултати, но маната на ова време е што се трча по профит. Профитот не носи секогаш квалитет, а уште поизразена е улогата на нарачателот. Ако со нарачателот не можете да се разберете, или ако оној што бира не е доволно информиран или образуван за одреден проект, тогаш нема високи критериуми и дизајнот паѓа на многу ниско ниво.

Промоција на монографијата на Костадин Танчев Динка

Вашите современици се сеќаваат на гигантографиите што сте ги правеле во времето на социјализмот, но и со дизајнот на прогресивниот младински весник „Фокус“. Кои беа мотивите што ве придвижуваа во тоа време?

Имаше силен мотив што влечеше кон прогресивност. Ми беше дозволено да ја пренесам целата креативност во границите на можноста со апсолутна слобода на изразот во ликовен аспект. Многу ми беше жал кога го затворија „Фокус“ поради одредени цензури. Но, во однос на гигантографиите, односно масивните сценографии во простор, немав никакви цензури или забрани.

Како се одвиваше вашето лично патешествие низ животот и уметноста, од родното Валандово, преку Скопје, Белград, Париз и повторно во Скопје, каде живеете и работите?

Во времето после војната во 1946-47 година во Валандово немаше многу образован наставнички кадар и можам да кажам дека од прво до четврто одделение завршив со една тетратка, а од петто до осмо со друга тетратка. Среќа е што во Валандово и ден-денес има прекрасна библиотека и моите лични интереси ги оформував со книгите од библиотеката. Со доаѓањето во Училиштето за применета уметност во Скопје се сретнав со маестралните автори и професори Личеноски, Пандилов, Аврамовски, Пенкин, Белогаски и желбата да се напредува беше огромна.

Секако, студиите во Белград ми значеа многу. Таму сретнав една поинаква атмосфера и имав среќа да бидам студент на врвни професори, како мојот ментор Милош Ќириќ, потоа Богдан Кршиќ и Миха Петров. Многу ми помогна и периодот помеѓу втората и третата година на студиите, кога една година бев во Лондон. Во тоа време најмногу ми значеше месечникот „Графис“, кој излегуваше во светски рамки и од него ги дознавав најактуелните текови во уметноста.

Уште тогаш имав огромна желба да се занимавам со дизајн и имав претчувство дека дизајнот има иднина и дека со него може да се кажат многу работи. Бев љубопитен и имав многу интереси – кон плакатот, графиката, сликарството и не останав само во еден медиум или техника, туку постојано се ширеа моите интереси за работа. Дваесетина години волонтерски предавав дизајн на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) и жал ми е што своевремено не успеав во моите намери дизајнот да стане петтата катедра, а сега веќе има 20-тина други школи и факултети на кои се предава дизајн.

Од периодот кога бевте професор, а одредено време бевте и продекан, на ФЛУ имам чувство дека студентите ве чувствуваат како татко. Каков беше вашиот пристап во работата со студентите?

Кон своите студенти се однесував како со личности. Не им дозволував да влегуваат во манири или препознатливост, туку се трудев максимално да ги респектирам како личности, односно да се насочат таму каде се чувствуваат најмоќни и најсигурни. Токму затоа се случуваше таа блискост која овозможуваше долго да разговараме за уметноста, за нивните ракописи и препознавања. Мислам дека успеав да ги насочам индивидуализмот да го сочуваат во себе и да го применат во своите дела. Не сакав да ги наведувам да размислуваат како професорот, туку да размислуваат како индивидуални личности. Секако, за создавање на сопствен ракопис требаше добро да ги совладаат техниките за да им остане повеќе време за ликовно размислување.

Со кои луѓе генерациски се разбиравте, се развивавте и работевте?

Во генерациска смисла од областа на дизајнот можам да го издвојам Владимир Боројевиќ. Мислам дека тоа е еден од ретките дизајнери во државава кој направил радикални промени. Повеќе се занимаваше со продукт-дизајн, но неговата работа во областа на дизајнот ќе остане запаметена. Исто така, многу ми значеше работата со луѓето во Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет, меѓу кои беше и професорот Кирил Темков. Многу ги сакав и театарот и филмот. Работата во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје ми овозможи да реализирам голем број плакати, по кои подоцна станав препознатлив со својот израз.

Плакатите како дел од графичкиот дизајн секогаш носат порака со универзално значење. На што се потпира моќта на плакатот?

Според мене, плакатот е најубавата дисциплина во графичкиот дизајн. Дури и на предавањата на факултетот плакатот беше одвоена дисциплина во визуелната комуникација како предмет за себе. Ден-денес го сметам за одвоено ликовно дело, а разликата е во тоа што има одредена намена.

Кои проекти во изминативе 50 години ви е мило што сте ги направиле?

Театарот секогаш ми бил најголемиот предизвик. Во политичкиот плакат не сум се врзувал директно за партијата, туку ми беа интересни сојузите на младината, на синдикатите, односно оној дел што даваше поголема креативна слобода.

Што мислите за дизајнот на актуелните политички кампањи?

Мислам дека тоа е веќе типичен шаблон. Има билборди, видеоспотови и низа други елементи, но нема иновација, нема нов дизајнерски приод во целата работа, а има многу можности.

Пред поставувањето на ретроспективната изложба промовиравте една фантастична монографија за своето творештво. Зошто толку внимание посветивте на подготовката на книгата?

Бидејќи тоа ми е професија. Целиот живот се занимавам со дизајнирање и сакав и со монографијата да направам уметничко дело. Благодарение на работата со Тони Васиќ, кој во процесот е од самиот почеток, сакавме да направиме дело вредно за сеќавање.

Тони Димков

Фотографии: Бисера Станкоска

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе