НОВА КАТЕДРА ЗА СОВРЕМЕН ТАНЦ

Конкурсот за студиите по современ танц на УГД во Штип е отворен до 14 септември

Почнувајќи од оваа студентска година 2017-2018 на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, ќе се отвори Катедра за современ танц, која ќе ја води вонредниот професор д-р Рисима Рисимкин. Катедрата за современ танц ќе функционира во рамките на Музичката академија при УГД и ќе овозможи образовна програма на европско ниво.

„Студиите по современ танц на УГД се програма дизајнирана како тригодишен циклус, во која преку интензивна практична и теоретска настава, студентите ќе добијат комплетно академско образование во областа. Покрај домашниот стручен кадар, програмата ќе ја одржуваат врвни педагози од странство, а студентите ќе имаат можност за практична работа со нови танцови продукции“, рече Рисима Рисимкин.

Отворањето на Катедрата за современ танц има за цел да создава танчери во првиот циклус на студии, со што се укажува можност за запишување на поголем број на студенти кои ќе студираат во државна квота.

„Како дел од УГД ме радува фактот дека се шириме со квалитетни, иновативни и современи програми. Знам дека студентите од џез одделот ќе соработуваат со нивните колешки и колеги од танцовата катедра бидејќи џезот и онака настанал како танцова музика. Уписите се во тек и очекуваме одзив кај сите заинтересирани за современ танц“, вели Тони Китановски, Декан на Музичката академија при УГД.

Уписот на идните студенти на Катедрата за современ танц при УГД е во тек и конкурсот е отворен до 14 септември. Критериумите за упис во наведената студиска програма се: завршено средно образование, проверка на физичките способности на кандидатот, изведба на кратка кореографија по сопствен избор и кратко интервју.

Според програмата катедрата ќе остварува соработка со партнерски образовни институции од Холандија и Швајцарија и универзитети за танц од Европа и Кина. Со тоа се отвара моженост за студентска размена и привлекување на странски студенти, што во иднина ќе овозможи Македонија да стане еден од водечките центри во областа на едукација за соврмен танц.

Инаку „Интерарт културниот центар“ во 2008 година потпиша договор за соработка со Ротердамската академија за танц, при Универзитетот Кодартс во Холандија, а започна да функционира во 2010 година како „Скопје танцова академија“ при Универзитетот ЕСРА. Оваа танцова академија финансиски беше поддржана од амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и работеше како единствена академија за современ танц со програма за создавање современи танчери во првиот циклус на студии.

„Холандија ги поддржа корените за оформување на едукативната програма за современ танц преку ’Скопје танцовата академија‘. Мило ми е што оваа поддршка создаде прекрасен плод на македонско-холандската културна соработка. Многу сум задоволен, што можам да видам дека денес, оваа програма застанува на свои нозе, како дел од Универзитетот ’Гоце Делчев‘ од Штип и верувам дека ќе го задржи врвниот квалитет и ќе претставува уживање за идните студенти.

Досега ги следев претставите и постигнувањата на студентите од ’Скопје танц академија‘ и многу сум задоволен од тоа што го видов, бидејќи сум уверен дека има врвен квалитет, но уште повеќе бев задоволен што видов дека студентите уживаа во тоа што го прават. Исто така, ми претставува задоволство што соработката на танцовата академија од Скопје се проширува, покрај со танцовата академија од Ротердам, и со танцовата академија од Цирих“, изјави амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Н.Е. Волтер Пломп, кој најави дека планира да го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Со новото поглавје за современото танцово образование во Македонија се отвараат нови можности за развој на современата танцова сцена, воопшто.

Веќе во април следната година, во рамките на УГД од Штип и во соработка со фестивалот „Танц Фест“, ќе се одржи фестивалот „Share“, во кој ќе учествуваат европски академии и универзитети за танц од Австрија, Словачка, Чешка, Полска, Латвија, Литванија, Унгарија и Македонија.

Во рамките на програмата ќе присуствуваат преку 100 студенти и професори од посочените универзитети, кои ќе ги разменат досегашните искуства и ќе имаат можност за идни соработки, на ниво на копродукции, студиски престоји и научно-истражувачка работа.

Т.Д.

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе