За скопскиот земјотрес антологија песни на новинари од Македонското радио

На 26 јули 2018 година (четврток) со почеток во 19,00 часот во Домот на културата „Димитар Влахов" во скопската населба Автокоманда ќе биде промовирана антологијата на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963" што, по повод 55-годишнината од овој најтрагичен настан во поновата историја на Скопје, ја приредија новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и проф. д-р Васил Тоциновски, универзитетски професор, литературен теоретичар и критичар, писател и поет.

Антологијата, која е плод на речиси двегодишна континуирана истражувачка работа, содржи 182 песни на деведесетина поети од речиси сите страни на светот кои преку нив ги искажуваат својата болка и тага за она што го снајде Скопје во тој судбоносен и во црно завиткан 26 јули 1963 година, но и надежта дека Скопје повторно како феникс ќе се крене од пепелта и урнатините. Со свои песни се застапени автори од сите генерации македонски поети, почнувајќи од највидните претставници на македонската поетска реч: Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Лазо Каровски, Љупчо Стојменски, Томе Арсовски, Евгенија Шуплинова, Бистрица Миркуловска, Цане Андреевски, Иван Чаповски, Влада Урошевиќ, Драгица Најческа, Славка Арсова и др., па до најновата генерација македонски поети, од кои некои своите песни ги напишаа специјално за оваа антологија. Од поетите од странство, меѓу другите, со свои песни се застапени: Јеврем Брковиќ, Јуре Каштелан, Славко Михалиќ, Кристине Буста, Иван В. Лалиќ, Јон Хореа, Елио Филипо Акрока, Луси Албертини, Алберто Баеса Флорес и др.      

Посебен куриозитет претставува тоа што во антологијата за првпат на македонски јазик интегрално се објавува и збирката „Урнатини” на познатиот хрватски и македонски филозоф и еден од втемелувачите на катедрата по филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје и поет Павао Вук-Павловиќ, кому скопскиот земјотрес му беше главен мотив на својот мајчин хрватски јазик да ги напише антологиските 33 скопски сонети кои во 1964 година беа вкоричени под наслов „Развалине”, а кои пет децении подоцна беа препеани на македонски од универзитетскиот професор Кирил Темков.

Во прилогот насловен „Скопскиот земјотрес и музиката“, пак,  за првпат на едно место се собрани текстовите на песните што за скопската катаклизма и за Скопје ги испеаја легендите на македонската народна музика Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски и сестрите Мавровски.

Промотори на антологијата „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ се проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, и проф. д-р Александар Прокопиев, универзитетски професор и писател, а покровител на изданието и на промоцијата е градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.

 

 

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе