Второ издание на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски

Издавачката куќа „Полица“ објави второ издание на првата книга за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, најдобриот млад научник во хуманистичките науки во 2021 година, кому минатата недела му беше доделено признанието „Успешни млади“. 

Второто издание на „Идентитетот е приказна“ се случува по само месец и половина од објавувањето на првото издание по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, кое веќе се исцрпува по големиот интерес на читетелите и одгласите на македонската книжевна наука, а веќе предизвика забележлив интерес и надвор од Македонија.

„Еве, конечно, едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. Имено, таа методолошка „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Иван Антоновски дека „есејот на Горан Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси. Антоновски беспрекорно ја покажува семио-осмозата меѓу драмите и есеите на Стефановски. Неговата студија е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски“, истакна универзитетскиот професор, книжевен критичар и писател, Венко Андоновски, при објавувањето на првото издание на „Идентитетот е приказна“.

Според универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, оваа книга е исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура.

„Студиозна и високо книжевно-критичка анализа, која низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби и ќе отвори низа прашања кои може да станат појдовни точки за некои натамошни, нови истражувања“, посочува Мојсова-Чепишевска.

Како што посочува универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова, „Идентитетот е приказна“ не е само книга во којашто се толкува есеистичкиот корпус на еден исклучителен и автентичен интелектуалец.

„Ова е и книжевно-научна студија во вистинската смисла на зборот која проникливо, аналитично, аргументирано, но и полемички ги нотира актуелните состојби во книжевната наука, вклучително и македонската, давајќи конкретни предлози за понатамошни истражувања и во однос на есејот, вклучително и македонскиот, и во однос на есеистичкиот опус на Горан Стефановски“, оценува Ѓорѓиева-Димова.

И второто издание на „Идентитетот е приказна“ е објавено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, и во него, покрај научната студија на Иван Антоновски, објавен е и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“.

Досега, книгата доживеа две промоции во државава, а по интересот на читателите, на покана на локалните библиотеки и домовите на култура, веќе се закажани уште неколку за следниот период. Минатата недела, на покана на Универзитетот во Љубљана, Антоновски одржа и предавање за есеистиката на Горан Стефановски, на кое покрај словенечките студенти – македонисти и јужнослависти се вклучија и студенти од универзитетските центри во Загреб и Скопје, но и етаблирани македонисти и јужнослависти – истражувачи, книжевни преведувачи и писатели, вклучително и предавачи и книжевни преведувачи од Англија и Грција.

Инаку, Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, кој зад себе веќе има неколку публикации, а од крајот на 2021 година е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Првичната верзија на книгата „Идентитетот е приказна“ беше негов магистерски труд, со кој оствари обид за прочит и вреднување на есеистиката на Горан Стефановски. Дел од тезите за есеистиката на Стефановски, детално образложени во книгата „Идентитетот е приказна“ се претставени и во неколку од неговите одделни научни трудови за кои му беше доделено високото признание „Успешни млади“, за најдобар млад научник во хуманистичките науки.

Второто издание на „Идентитетот е приказна“, веќе е достапно за читателите во книжарницата на „Полица“ во Скопје и во другите поголеми книжарници.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе