Во Корча се одржа научен симпозиум за големиот албански просветител, Македонецот Стерјо Спасе

Македонското друштво „Сонце" во соработка со универзитетот „Фан Ноли" вчера во Корча, Албанија, организираа научен симпозиум посветен на животот и литературното дело на Стерјо Спасе. На симпозиумот, со свои трудови учествуваа научни работници од Албанија и од Македонија.

Претседателот на Албанија Илир Мета на членовите на семејството на Стерјо Спасе им го врачи признанието „Витез на редот на знамето” со кое постхумно го одликува. Симпозиумот со одржа со подршка на Австралиско-македонскиот комитет за човекови права и Македонското меѓународно движење за човекови права.

Ректорот на универзитетот „Фан Ноли”, проф др. Али Јашари му се заблагодари на синот на Стерјо Спасе, Илинден Спасе, кој како достоен наследник на родителот дава вреден придонес на албанското образование”.

„Како што можете да видите, и покрај студеното време, се собравме заедно, Албанци и Македонци, политичари и дипломати, педагози и други научници, да го почитуваме животот и работата на големиот писател и просветител на дваесеттиот век, Стерјо Спасе. И ова беше овозможено благодарение на иницијативата и посветеноста на Васил Стерјовски, историчар и претседател на македонското друштво 'Сонце', кого сакам особено да му се заблагодарам. Името на Стерјо Спасе и неговото литературно дело е длабоко вградено во културата на генерациите наставници по јазик и литература од седумдесетите годинi на минатит век, еден од кои сум и јас, но ова продолжува и до ден-денес во наставните програми на албанската литература која се одвива со нашите студенти на Факултетот за образование и филологија на Универзитетот во Корча, од кои многумина се од македонското малцинство. Ви ветувам дека за многу брзо, за да го овековечиме името на Стерјо Спасе на uниверзитетот во Корча, универзитетската научна библиотека која се наоѓа во просториите на Ректоратот ќе го носи неговото име”, рече Јашари.

Васил Стерјовски на симпозиумот рече дека го чествуваат и вреднуваат колосот на современата албанска литература, Стерјо Спасе.

„Денеска сме тука, да се потсетиме и да го почитуваме истакнатиот писател на дваесеттиот век, еден од придонесувачите на албанското образование Стерјо Спасе, човекот кој пишуваше за едукација на цели генерации Албанци и кој никогаш не ги криеше македонските етнички корени. Стерјо Спасе е исто така познат како преведувач, собирач на фолклорот, традициите и обичаите на македонската заедница во Преспа, но и како уредник на учебници за децата од македонската заедница во Преспа и село Врбник во Деволската област.

Стерјо Спасе

Неговото родно село, Глобочени, областа на Преспа, како и сите Македонци во Албанија со право се горди што на нашата земја му дадоа доживотен писател чии дела се вклучени во албанската книжевност како важен придонес на Македонците во албанското општество.

Стерјо Спасе, со делата што ги остави зад себе, направи истовремено да се чувствуваат горди и албанскиот народ и македонскиот народ, за што особено треба да му бидеме многу благодарни. Во книгата „Писма до мојот внук Аријан" Стерјо Спасе напишал дека во неговите вени течи македонски крв, но неговата душа и интелект се албански. Одржувањето на овој научен симпозиум, освен што се сеќава на животот и делото на Стерјо Спасе, отвора нов прозорец на културна комуникација меѓу албанската и македонската нација и придонесува за добрите односи меѓу двете земји, Република Албанија и Република Македонија“, рече Стерјовски.

На симпозиумот присуствувашр и министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми кој рече дека литературното дело на Стерјо Спасе, неговото творештво е важен мост помеѓу Македонците и Албанците“.

Професорот Илинден Спасе, синот на Стерјо, му се заблагодари на Илир Мета за титулата „Витез на редот на знамето”  и кажа дека за неговиот татко токму Корча беше првиот прозорец каде тој се сретна со граѓанска култура, каде ја почувствува топлата рака на неговите први учители Риза Алити, Никола Митацен, Ило Митк Ќафзези, Сотир Папакристо...

„Корча, е градот каде што тој за прв пат го објави во 1935 година, романот „Зошто?!...", првично во неколку изданија на весникот Корча, а потоа и како посебна книга. Тука ги доби првите впечатоци за овој роман, впечатоци кои го ценеа и критикува романот во целиот печат на овој град. Токму од граѓаните на овој град, се роди изразот што го овековечи неговото име. "Зошто?", "Зошто" не го најде Стерјо Спасе. Значи, целиот печат на Корча стана главна негова поддршка што го инспирираше да ги потенцира своите таленти како наставник, публицист, новинар и писател. Од моето срце ми доаѓаат два збора - благодарам Корча“, рече Илинден Спасе.

 

 

Стерјо Спасе (14 август 1914 - 12 ноември 1989) е албански писател и критичар од македонско потекло. Автор е на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Неговите дела се преведувани на неколку светски јазици.

Изразувајќи го својот македонски културен идентитет, во периодот пред Втората светска војна, кога Албанија води силна асимилаторска политика, Стерјо Спасе станува непожелен за албанските власти во Тирана. Иако романот „Зошто“ (Pse), всушност е прв роман отпечатен во Албанија, албанските власти го забрануваат заради македонското потекло на авторот.

По ослободувањето, кога во Албанија попушта асимилаторската политика кон малцинствата, Стерјо Спасе околу 50 – тите години се сели во Тирана. Во еден период бил просветен инспектор, уредник на „Litaratura jone“ („Наша литература“), „Nеntori“ („Ноември“), „Shkolla e Re “ („Ново училиште“) и др. Во 1960 година, тој завршил висок курс за книжевност во Институтот за јазик и книжевност „Максим Горки“. Својата наобразба ја довршил во Фиренца, Италија и во Москва, Русија.

Книжевноста на Стерјо Спасе по Втората светска војна е разновидна. Автор е на проза и раскази, романи, учебници и репортажни записи. Напишал образовни дела, се занимавал со преводи, статии, монографии и сл. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби. Неговите дела се преведувани на неколку светски јазици.

Стерјо Спасе е автор на десетина романи. По ослободувањето, во 1952 година, тој го издава романот „Тие не беа сами“ (Ata nuk ishin vetëm, roman), во кој ја опишува борбата на албанскиот селенац против беговите. Три години потоа, во 1955 година, го издава и романот „Венера повторно во селото“ (Afërdita përsëri në fshat). Романите „Огнот" („Zjarre“ -1972), "Смрт или слобода" („Ja vdekje, ja liri“ - 1978), "Бунтовниците" („Kryengritësit“ - 1983) и други, имаат историска тематика во кои Стерјо Спасе ја опишува борбата на населението во Албанија против Отоманската империја.

Спасе пишува и за најмладите. Во 1966 година издава адаптацијата на епски песни за деца „Соколица“ (Sokolesha), а две години потоа, во 1968 година и приказни за деца „Поздрави од селото“ (Të fala nga fshati).

Стерју Спасе ги забележува македонските народни песни од Преспанскиот регион, со што зазема значајно место меѓу собирачите на македонски народни умотворби. По неговата смрт во 1989 година, како дел од македонското културно наследство, под наслов „Македонски народни песни од Мала Преспа“, во 1992 година овие песни за печат ги подготвува Благоја Стојчевски.

 

 

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе