Вечерва почнува меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“

Во Музејот на македонска борба за самостојност вечерва започнува четвртото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Манифестацијата ќе започне со беседа за великанот Поповски, отворање на изложба, промоција на книга, врачување награди и поетско читање.

Говорот ќе го одржи проф. д-р Кристина Николовска, а со обраќање на директорката на Музејот, Даниела Николова ќе биде отворена изложбата на предмети, документи и фотографии на академик Анте Поповски, коишто претставуваат музејски фонд, кои по повод 90-годишнината од неговото раѓање, по првпат ќе бидат презентирани пред јавноста.

Во Музејот вечерва ќе бидат врачени почесното признание „Антева златна книга“ и наградите од конкурсот за поетски ракопис „Антево перо“ за 2021 година. Годинешен добитник на почесното признание „Антева златна книга“ е академик Влада Урошевиќ, а на наградата „Антево перо“ е поетот Братислав Ташковски. Книгата „Небесни разговори“, за којашто ја доби наградата, првпат ќе биде промовирана во рамките на свеченоста.

Ќе бидат врачени и наградите „Антев златник“ – на Елизабета Баковска и Димитар Аранаудов и „Антев часовник“, награда за млад автор – на Марија Филипова. За остварувањата на добитниците на наградите ќе говори проф. д-р Венко Андоновски, којшто годинава беше и претседател на жирито на конкурсот „Антево перо“. Во завршницата на првиот ден од манифестацијата ќе се одржи и поетско читање.

Манифестацијата продолжува утре во Лазарополе, родното место на Анте Поповски, каде што ќе се одржи и научниот симпозиум „Антево дело“, којшто од годинава има меѓународен карактер и од којшто ќе произлезе и зборник на научни трудови. Програмата предвидува и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувана според неговата прва книга – „Одблесоци“.

Во текот на третиот ден предвидена е посета на родната куќа на Анте Попоски, по што во Паркот на книжевноста ќе се одржи поетското читање „Провиденија“.

Оваа година, манифестацијата „Анте Поповски – Антево дело“ има најбогата програма досега, при што се настојува преку неа да се оствари влог во трајните вредности на македонската култура, да се промовира македонската книжевна продукција и да се поттикнува македонската книжевна наука, наведуваат организаторите. 

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе