Утре почнува првиот Скопски поетски фестивал

Најавеното прво издание на Скопскиот поетски фестивал почнува утре и ќе трае до 3 септември. Станува збор за интернационален фестивал, на кој ќе учествуваат главно македонски поети, но и неколкумина од странство – во живо и преку видеопроекции.

Фестивалот почнува во 19 часот во МКЦ, а во склоп на првиот ден ќе има и изложба отворена за сите посетители, сочинета од делата на 16 ликовни уметници и графички дизајнери директно инспирирани од конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

На втори септември, со почеток од 19 часот, ќе бидат преставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска. Освен читањето, ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови, дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија.

Последниот ден е резервиран за креативно пишување, преку „Зум“ платформата, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и Институтот за македонска култура. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се Оксфорд и Станфорд.

Фестивалот ќе може да понуди околу една четвртина од првично планираната програма, која најпрво беше преполовена поради недобивањето поддршка од страна на Министерството за култура (во два наврата), а дополнително е скратена заради актуелната состојба со ковид во државата.

Дваесетина поети од регионот и од Европа изразија поддршка и го поздравија основањето на фестивалот со видеопораки и со песни.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винаријата „Стоби“.

Учесници поети: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку , Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски,  Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос,  Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.

Учесници ликовни уметници и графички дизајнери: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов,   Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе