Тројца македонски преведувачи добија европски награди од Еуродрам за драмски превод за 2021 година

Атанас Вангелов, Катица Гароска Ацевска и Благоја Бошковски се тројцата македонски преведувачи кои добија награди од Еуродрам – Европската мрежа за современа драма и во изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2021 година, на којшто имало 343 пријавени преводи од цела Европа.

Македонскиот комитет на Еуродрам, како што соопштија оттаму, разгледа вкупно девет предложени преводи, од кои како најдобри ги избра: „Праведници“ од Албер Ками, во превод од француски на Атанас Вангелов, „Од сабајле не сум запрел“ од Уна Визек, во превод од хрватски на Катица Гароска Ацевска и „Диши“ од Данкан Мeкмилан, во превод од англиски на Благојa Бошковски.

Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитети се најдоа и преводите на две драми од македонски автори: „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во превод на босански/црногорски/српски/хрватски од Лука Сушиќ и „Така било пишано“ од Сашко Насев во превод на украински од Ана Багрјана.

Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат претставени преку јавни читања во 2021 година.

Изборот на најдобри драмски преводи во Европа за 2021 година му е посветен на Марсел Куртијаде (1953-2021), француски лингвист, предавач на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, член на Еуродрам и познат истражувач и афирматор на ромскиот јазик и култура.

Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот  на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и  изведување.

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катерина Коцевска, актерка, драмска писателка и директорка на Драмски театар од Скопје, Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.

 

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе