Напишана од ирската авторка Ниша Долан, во превод на Паулина Јамакова-Пејкова, ова е роман за неверојатната слобода, но и големата несигурност што таа ја носи во себе.
Токму пред почетокот на годината, време кога си поставуваме цели, секој треба да ја постави слободата за своја цел. Секој од нас се наоѓа на крстопат помеѓу умот и срцето, а вистинската страна може да се пронајде преку книгите. Во нив спие одговорот.
Овој роман во себе содржи и многу од она што го имаат книгите за самопомош – совети за исполнет живот суптилно вткаени во приказната за една девојка која од Ирска се преселува во Хонгконг во потрага по сопствената среќа. Низ најразлични мисли, постепено ликот ни ги открива својот карактер, борбата со ниската самодоверба и храбрите политички ставови.
Во борбата со стварноста потребно е да се влезе храбро, со книга в раце како најголема поддршка. Тогаш целиот свет може да биде ваше поле за докажување. Затоа е потребно да „Читаме заедно", а книгите како оваа, одбрани со љубов, преведени и уредени со многу внимание, значат проток на квалитетна литература во земјава и се поттик за нашите автори кои допрва ќе излегуваат во Европа и светот.
Книгите издадени во 2021 година се наслови кои ќе остават трајна трага во книжевноста. Сите дела поддржани од програмата „Креативна Европа" на Европската Унија се дел од Зимскиот фестивал на книгата на ТРИ, со цел да се актуализираат наслови од европското поднебје.