Трајковска, Гогов и Станоеска добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“

Годинашни добитници на наградата Македонска книжевна авангарда се: Даниела Андоновска-Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска-Станоеска, што се доделува од Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје. Наградата се доделува за иновативна, експериментална и креативна, односно најдобра книга објавена во 2019 и 2020 година.

Митко Гогов

Даниела Андоновска-Трајковска е наградена за поетската книга „Куќа на контрасти“. Станува збор за женско писмо со многу семантика, мудрости и значења. Нејзините песни се нетипични и некласични. Авторката експериментира со формите, но и содржините на песните. Нејзината поезија изобилува со слики, симболи и метафори.

Даниела Андоновска-Трајковска

Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, научник, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на докторски студии со објавени над 100 научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници.

Таа е коосновач е на Универзитетскиот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО, а иницијатор е и за создавањето на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет – Битола каде активно работи и на проекти од областа на книжевноста. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и на Битолскиот книжевен круг (БКК), на повеќе меѓународни професионални тела и уредувачки одбори на списанија и конференции, член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет.

Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанието „Раст“ (БКК), уредник е и на списанијата „Современи дијалози“ (МНД) и „Книжевни елементи“.

Има објавено 8 поетски книги: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, 2015), „Црна точка“ (2017), „Стапалки“ (2017), „Три“ (2019), „Куќа на контрасти“ (2019), „Електронска крв“ (2019) и „Математичка поезија“ (2020), една збирка раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), две меѓународни публикации за водачи во образованието (2013) и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019).

Преведена е на повеќе светски јазици (српски, босански, хрватски, албански, бугарски, англиски, кинески, арапски, виетнамски, италијански, романски, украински, полски, узбекистански и турски). Застапена е во повеќе книжевни списанија и антологии, а е добитник на неколку книжевни награди (Носиде, Италија (2011), Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019) и Караманов за поетската книга „Електронска крв“ (2019).

Митко Гогов е награден за книгата Скриено писмо. Станува збор за концептуална поетска збирка во која има три циклуси, од кои првиот и третиот се патувања во социјално ангажираниот светоглед и духовниот повик за подобро утре, а хаику циклусот кој е поместен помеѓу овие два циклуса, има функција на еден скриен начин да не потсети на детството и сите оние нешта кои некогаш сме ги имале во подрумот, како реликвија за едно време. Во овие стихови се пее за времето/темпоралноста, но и за болката и за страдањето, за осаменоста и за копнежот по (не)достижниот Друг.

Песните, иако се зачнати и родени во лирското, се стремат кон филозофското и метафизичкото. Се создава еден поетски простор-време, сценски или сценографски режиран и филмски монтиран, прикажувајќи го светот низ фрагментарни и маргинални слики, прочистени од патетичност, барокна метафоричност и романтичност.

Митко Гогов е роден на 11 ноември 1983-та година во Скопје. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата тњиттер. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, УСА, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Автор е на стихозбирките: Ледена вода, издадена во Србија (2011), а во Македонија во едицијата Огнови на издавачката куќа Антолог (2014) и Скриено писмо (Антолог, 2019 година).

Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои: наградата Енахалон на Струшките вечери на поезијата, наградата Анџело Ла Векија во Сицилија, Италија, наградите на Поетски литературни искри, Поетски слем во Прилеп, Струшки бранувања во Струга и многу други. Претседател е на Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство Контекст – Струмица, организатор на глобалната поетска манифестација 100 Илјади поети за промена во Македонија, претставник на Светската унија на поети и Школата за поезија – Делегација Македонија, еден од основачите на наградите Антево слово и Антево перо, уредник на струмицаонлине.нет и репер.нет.мк. Концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија… Младински работник и граѓански активист. Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали, блогер…

Габриела Стојаноска-Станоеска

Габриела Стојаноска-Станоеска е наградена за книгата Приказни за краткоста. Во поднасловот на книгата стои: раска(з)жи за своја душа. Станува збор за концизна, збиена, постмодернистичка проза. Карактеристики на нејзините раскази пишувани со пресврти и заплети се современоста и актуелноста, односно јадровитоста, лапидарноста, сликовитоста и мисловноста. Книгата е создадена во манирот на урбаната кратка проза.

Габриела Стојаноска-Станоеска (1978, Прилеп) има магистрирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Со поддршка од Министерството за култура ги има објавено следниве книги: збирките раскази „Гола“ (2007) Арлекин-ГФ Прилеп и „ПРИКАЗНИ ЗА КРАТКОСТА – раска(з)(ж)и за своја душа“ Сигмапрес Скопје (2019), научната студија „Кусиот расказ и сонот“ Сигмапрес Скопје (2018), а пред печат е збирката драми „ДРАМИ – Трудници * Тајни“ (2020).

Стојаноска-Станоеска има добиено прва награда на конкурсот за краток расказ на списанието „Студентски збор“, две први награди на конкурсите за кус-кус расказ на интернет порталот Окно, откупна награда на конкурсот за расказ на весникот „Нова Македонија“ и други. Застапена е со расказ во повеќе антологии и други избори. Главна уредничка е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Досегашни добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“ се: Елена Пренџова, Марина Мијаковска, Дејан Трајкоски, Стефан Марковски, Ана Бунтеска и Бистра Илин Шеќеровски

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе