На професорот Коста Пеев

„Струмичкиот говор: етно-лингвистички материјали“ ризница на приказни, сеќавања, интервјуа, заборавени зборови...

Ова се „материјали со непроценлива вредност – животни стории, митови и легенди, народни песни, описи на веќе подзаборавени обичаи и опис на еден свет од пред половина век, кој денес постои само во спомените на постарите“, се вели во предговорот на книгата.

Излезе од печат книгата „Струмичкиот говор: етно-лингвистички материјали“ (лексика, фразеологија, топонимија, текстови) од професорот Коста Пеев, макотрпен труд во соработка на Пеев со Институтот за етнологија и антропологија.

Книгата е резултат на долг процес на дигитализација, транскрибирање и архивирање на теренски интервјуа што авторот ги направил во 1970-тите, а кои до скоро беа регистрирани само на стари магнетофонски ленти. На ова работеше тим од осум луѓе, главно вработени на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет, дипломирани етнолози и антрополози и надворешни соработници. 

Книгата содржи животни стории, интервјуа, сеќавања, приказни и фолклорни материјали од повеќе села од Струмичко. Тие се граматички обработени и како такви имаат голема вредност и за лингвистите, но и за етнолозите и фолклористите. Одбележувањето со посебни граматички знаци (акценти и посебни дијалектолошки симболи) професорот по дијалектологија Пеев го направи сам, и покрај одминатата возраст и нарушениот вид. Текстовите се во форма на дијалог помеѓу истражувачот и соговорниците и содржат информации за начинот на живот, обичаите и усно народно творештво во овој регион, а особено е скапоцено регистрирањето на зборови и изрази што денес се или целосно заборавени или почнуваат да исчезнуваат.

„Истовремено, оригиналните аудиоснимки, заедно со тешкиот магнетофон што професорот го носел на терен како и голем број книги, статии и ракописи од неговата библиотека, послужија за формирање посебна збирка со неговото име во рамки на библиотеката на ИЕА, достапна на сите заинтересирани“, вели професорката Илина Јакимовска во предговорот и додава дека „оваа книга станува и аманет за следните генерации, за зачувување на културното наследство, и патоказ за начинот на кој тоа треба да се прави – професионално и не од лична или финансиска корист, туку како патриотски долг и професионална обврска.“
Коста Пеев е меѓу нашите најстари слависти и македонисти, ученик на Блаже Конески, со долгогодишно искуство во областа на дијалектологијата, кој и самиот е родум од Струмица. За своите постигнувања неодамна беше одликуван со високото државно признание – Медал за заслуги за Македонија.

Издавач е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија, а финансиски е помогнато од Министерството за култура и од Општина Струмица.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе