На страниците на оваа книга познатите научници и проследувачи ја раскажуваат приказната на Нивици/Псарадес, крајезерско село, сместено на брегот од Големото Преспанско Езеро. Ова село, неконвенционално според својот начин на живот, ги отелотворува сите спротиставености на модерната македонска и регионална историја. Истражувајќи ги и проучувајќи ги историските корени на областа, Џејмс Петифер и Миранда Викерс вешто ја откриваат пошироката општествена, културна и политичка историја на овој малку познат езерски регион. Создадена од усни сведоштва и преданија, и многу внимателна кон изградбата на националните истории, оваа книга го разгледува како развојот на меѓународните граници, движењето на народите и улогата на националните идентитети кои во рамките на царските граници ја обликувале денешна Македонија. Фокусирајќи се на преспанските езера и користејќи ја иновативната еколошко-историска методологија, Петифер и Викерс ја нудат првата еколошка историја на овој често оспоруван пограничен регион. Резултатот е нијансиран и претставува префинет транснационален извештај за Македонија од најраните векови.
Според Сабрина П.Рамет, професор емеритус на Норвешки институт за наука и технологија: „ова научно дело е одраз на речиси тридецениско истражување на двајца ветерани, познавачи на Балканот, во миговите на зенитот на нивната слава. Богата со детали – од времето на македонските лавови и гладијатори во антиката до периодот на дваесеттиот век – во оваа книга се зборува за регионот на Преспанското Езеро, вгнездено меѓу Албанија, Грција и Македонија, како призма низ која треба да се разберат политиките што го засегаат целиот Балкан. Ова дело е едно од најдобрите историски наративи.“
Џејмс Петифер е професор по Балканска историја во Оксфорд, Обединетото Кралство. Тој е автор на неколку студии за модерната балканска историја, вклучително и Создавањето на грчката криза (2015), Ослободителната војска на Косово (2012) и Новото македонско прашање (2001).
Миранда Викерс е независен научник, што живее во Обединетото Кралство.Таа е автор на неколку дела за Балканот, како Албанците: модерна историја (2011), Албанското прашање: преобликување на Балканот (со Џејмс Петифер, 2009) и Албанија: од анархија до балкански идентитет (исто така со Џејмс Петифер, 2000).
Книгата „Езерата и империите во македонската историја – оспорување на водите“ ја објави „Матица македонска“ од Скопје.