Европска литература

Со промоција на „Ла Суперба“ на Илја Леонард Фајфер ќе биде отворен „Букстар 2017“

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ (Book Star) го најави отворањето на третото издание на Фестивалот со гостувањето на холандскиот писател, со живеалиште во Италија, Илја Леонард Фајфер. На 25 октомври (среда), со почеток во 20 часот, во МКЦ Клуб-ресторан ќе биде промовиран неговиот роман „Ла Суперба“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Елизабета Божиновска.

Романот „Ла Суперба“ е ремек-дело на Фајфер, громогласно фалено со самото објавување во 2013 година, кога ги добило наградите „Либрис“, најпрестижната литературна награда во Холандија, и „Цум“, наградата „за најубава реченица напишана на холандски јазик“. Промоторка на романот ќе биде писателката и литературна критичарка Румена Бужаровска.

Книгата е дело на еден од најважните современи европски писатели, кој решава да му напише љубовно писмо не на градот во кој е роден туку на италијанскиот град во кој живее. Џенова е наречен Ла Суперба поради својата убавина и богата историја. Главниот херој, во кого препознаваме црти на самиот автор, ја истражува дивата страна на овој мистериозен и егзотичен град, полн со лавиринти и магија.

Сè почнува со глетката на една женска нога, која го фрла раскажувачот во потрагата „по најубавата девојка во Џенова“, потрага што ќе го води низ улиците на проститутките, мигрантските засолништа, пристаништата, баровите полни морнари. Оваа книга е како џебно издание на „Пеколот“ на Данте, напишана од автор што ужива да оди во крајности, вистински мајстор на јазикот и на раскажувањето.

Фотографија на Илја Леонард Фајфер © Stephan Vanfleteren

Илја Леонард Фајфер (1968) е сестран автор. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле. Половина од критичарите го сметаат за гениј, а другата половина за ретростилист. Неговата последнообјавена поетска збирка е првата книга поезија што некогаш ги освоила трите најголеми поетски награди во Холандија.

Уморен од холандскиот државен систем што воопшто не создава неврози, овој уметник и естетичар се преселува во Џенова – топлиот приморски рај во кој најобичната задача се претвора во мини-авантура низ бирократскиот пекол – и ја оживува поетиката на градот преку полуавтобиографскиот и фантастичен роман „Ла Суперба“. Романот е значајно дело за хаотичниот Цајтгајст и ги опфаќа темите како: емиграцијата, сексуалните идентитети, расизмот, бирократските лавиринти и, се разбира, љубовта. Фајфер е самокритичен и хумористичен и, ако нешто најмалку поседува, тоа е тешкиот, елитистички и снобовски карактер на интелектуалците.

Читателите ќе имаат повторна шанса да го запознаат авторот одблиску на вториот фестивалски ден, на 26 октомври, во Книжарницата „Антолог“ на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31, со почеток во 11 часот, кога ќе се одржи кафе-средба на која тој ќе потпишува книги.

На истиот ден, 26 октомври, ќе се одржи и промоцијата на „Треба да е лесно“, четвртата поетска збирка на македонската писателка Снежана Стојчевска, како дел од програмата Македонска поддршка, со почеток во 20 часот, во МКЦ Клуб-ресторан.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе