Интервју

Снежана Стојчевска: Поезијата е убавина која му недостасува на светот

Промоцијата на четвртата поетска збирка „Треба да е лесно“ на писателката Снежана Стојчевска, како дел од програмата „Македонска поддршка“ на третото издание на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“, беше повод за разговор со авторката која ги овековечува поетски вредните мигови согледани низ трансформативната моќ на љубовта.

Со четири поетски збирки во својот творечки опус, Снежана Стојчевска мошне лесно остварува завиден креативен багаж во своето портфолио. По „Шеќер по подот“ (2012, Или-или), „Под нулата“ (2013, награда „Бели мугри“) и „Модри фантазии“ (2015, Темплум), во четвртата книга „Треба да е лесно“ (2017, Антолог) Стојчевска продолжува да ги овековечува поетски вредните мигови согледани низ трансформативната моќ на љубовта.

Снежана Стојчевска е родена во 1980 година во Скопје. Дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе девет години работи во „Квазар филм“ како координатор на продукција. Тука ги откриваме нејзините поетски почетоци.

Од иницијативата за „Русалки“ и објавата на првата книга до „Треба да е лесно“ има временско патување од пет години. Лесно ли беше?

Всушност, од почетоците на блок.мк се поминати точно 10 години. Ако тогаш некој ми кажеше дека сега ќе сум тука каде што сум – в лице ќе му се изнасмеев. Не тргнав со некава намера или очекувања, едноставно поезијата ме понесе и во тие први години ништо, ама баш ништо не ми беше тешко. Тешкотијата дојде со годините кога се поставија повисоки очекувања и поголема одговорност и пред себе и пред читателите, кога станав свесна што направив и до каде дојдов, но сепак тоа се слатки маки.

Снежана Стојчевска - фотографија на Роберт Јанкулоски

Користиш чист и едноставен поетски израз, почесто е важна мислата, а помалку поетиката, а сепак склопуваш прекрасни стихови што ја допираат душата на читателот. Кога ја осозна потребата дека мислите треба да се преточат во стихови и да се стават на хартија?

Првите стихови ги напишв во средно училиште, и таа „Прва песна“ во „Шеќер по подот“ е навистина прва песна што сум ја напишала во животот. Во книгата ја ставив со намера никогаш да не го заборавам тој прв импулс. По долга пауза повторно ми се врати тој првичен порив, овојпат многу посилен вруток на зборови. Иако долго време не го гледав сериозно, сѐ додека не го направив стотиот пост на блог, кој ме свести дека ова е нешто многу повеќе од само игра, и тогаш се роди идејата да ја издадам првата книга.

Љубовта со сите нејзини форми и трансформации, блиските луѓе со сите нивни доблести и мани се сретнуваат во твоите песни. Има ли период на инкубација на одредени стихови, или тие извираат одеднаш и во одредено време?

Да, има и такви и такви песни. Песни кои ги вадам во еден здив и се финални и песни кои долго време зреат во мене пред да ги напишам, како и песни кои ме мачат малку повеќе и кои ги доработувам откако ќе ги оставам да одлежат. Тоа, секако, се финеси кои се незабележителни за другите, но за мене не е готово додека не се испечати во книга. Е тогаш веќе морам да ги пуштам како деца да си го најдат своето место во светот.

Што според тебе е поезија, во најопшта смисла на зборот?

За мене поезијата е љубов во најопшта и во најсуштинска смисла на зборот. Дом во кој се чувствувам безбедно, моја сигурносна зона. Нешто што ме дефинира и што ме оформи како личност. За мене поезијата е убавина која му недостасува на светот. Вечност по која сите копнееме.

Што ја прави интимната (што ја чувствуваш одвнатре) разлика меѓу секоја од твоите 4 до сега објавени збирки?

Сите четири книги се приказни за себе, иако првите три се поповрзани, јас би ги нарекла ’трилогија на болката‘. „Треба да е лесно“ е нешто сосема поинакво од мене, но оваа книга немаше да се случи да не беше растењето што го доживеав низ првите три книги.

Какви песни и стихови носи „Треба да е лесно“ и дали насловот дојде одвнатре, или беше смислен однапред?

„Треба да е лесно“ е поделена во три циклуси. Во првиот циклус опфаќа песни поврзани со потрага и пронаоѓање на духовен мир. Вториот циклус ја отсликува семејната поврзаност и љубов, додека пак третиот циклус е своевиден албум на една среќна љубовна приказна. Насловот не беше смислен однапред туку беше извлечен од стих на водечката песна во книгата, која се вика „I’ll never stop“. Поаѓам од една премиса дека поезијата ја создава таа илузија дека е многу лесно да се создаде, но не е. За на крај да ја заокружам цела книга со помислата дека најубавите работи во животот ни се случуваа со леснотија. Иако и поезијата, како и сѐ друго, си бара посветеност и работа.

Хипотетски, ако станеше балерина, како што пишуваш во песната I’ll never stop, дали ќе станеше и поетеса?

Не, никогаш немаше да станам балерина, иако тоа беше мој детски сон, да сум дел од некоја патувачка трупа. Не познавам некое дете што сака да биде поет, сите девојчиња сакаат да бидат балерини или принцези. Во мене танцот со зборовите секогаш ќе го победеше телесниот танц. Поезијата е и ќе биде единствениот пат за мене, кој ми беше даден без да бидам свесна за тоа.

Промоцијата на книгата е во рамките на третиот „Букстар“. Каков е планот за промоцијата?

Ова е прва моја книга поддржана од Министерството за култура, што многу ми значи како автор. Морам да кажам дека сум бескрајно благодарна на Жарко Кујунџиски и издавачката куќа „Антолог“. Да се биде дел од Фестивалот на европска литература „Букстар“ е огромна чест, поради фактот дека се претставуваат само двајца македонски автори, од кои само јас сум застапена со поезија.

Тони Димков

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе