„Шепотот на пелагониските села“, нова книга на писателот Ѓорги Лазаревски

Ѓорги Лазаревски, научен истражувач и публицист, член на Македонско научно друштво – Битола и актуелен претседател на „Пелагониските научно-културни средби" – Новаци, ја објави својата најнова авторска книга „Шепотот на пелагониските села", истражувачки труд посветен на селата во Општина Новаци.

Според авторот Лазаревски, книгата „Шепотот на пелагониските села" претставува континуитет на книгата „Исчезнати и раселени населби" издадена од МНД – Битола во 2014 година.

„Во оформувањето на трудот ми помогнаа жители од пелагониските села кои лично ги посетив и кои ми посочија на информации од минатото кои ги запишав и ќе останат за навек. Во книгата пишувам за селата Гермијан, Живојно, Добровени, Скочивир, Брод, Тепавци, Мегленци, Арматуш, Рапеш, Зовиќ, Маково, Орле, Горно и Долно Агларци, потоа за селото Далбеговци, за Гнеотино, Рибарци, Добромири, Стрежево и Мечкарица. Сите села се различни по својата големина, состојба и своето историско минато, а во најголем дел од нив згаснале огништата, жителите заминале некаде, нема џагор по улиците, нема жетварски песни и има само шепот. Во книгата го пренесувам шепотот на пелагониските села“, истакна Лазаревски.

Историјата, но и сегашноста поместени на страниците од „Шепотот на пелагониските села" на Ѓорги Лазаревски не се вкочанети слики, тие повеќе наликуваат на снимена филмска лента на која местата и личностите се движат низ просторот и времето, нагласува еден од рецензентите на книгата д-р Александар Литовски.

„Авторот со право во книгата запишал дека многу работи заминале во вечното царство на заборавот и останало само тивкото шепотење на испразнетите, напуштени и разурнати куќи, но токму оваа книга покажува дека и тоа тивко шепотење е доволно низ убав збор да го обнови споменот“, посочува реценезентот Литовски.

Ѓорги Лазаревски, пензиониран наставник по македонски јазик и култура, е автор на повеќе книги и научни трудови, меѓу кои „Педагошко-психолошка служба во Битола и Битолско" и „Светли ликови на просветни работници", а автор е и на монографиите „50 години основно училиште „Гоце Делчев" во Битола", „55 години основно училиште „Стив Наумов" во Битола", како и монографијата „Македонска православна црковна општина „Св. Кирил и Методиј" во Штутгарт". 

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе