Издавачката куќа втора година по ред бира национален претставник за „Балканика“, а жири-комисијата ја сочинуваат Александар Прокопиев, Весна Мојсова-Чепишевска и Александра Јуруковска.
Првично влегоа две книги во потесниот избор, и „Лазарка" од Љупчо Петрески во издание на „Арс ламина", но на крајот комисијата едногласно го избрала романот на Кујунџиски.
Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на „Балканика“ се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов. Во „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави-членки на фондацијата. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.
Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи на почетокот на наредната 2022 година. Наградата ќе биде доделена од меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите-членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.
„Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво, кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци, поточно кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Романот, и покрај комплексноста, има убава динамика со која се доближува до динамиката на трилерот или уште поконкретно до една суптилна комбинација од трилер и книжевна метафикција, при што целата приказна постојано ги подгрева вниманието и љубопитството на читателот“, вели комисијата.