„30 години читаме со задоволство“

Саемот на книгата ќе се одржи во спортска сала, но на Скопје, дефинитивно, му треба ново сајмиште

Со слоганот „30 години читаме со задоволство“ и под покровителство на Министерството за култура на РМ од 03 до 09 мај, сепак, ќе се одржи јубилејниот Саем на книгата. Пишуваме „сепак“, бидејќи постоеше можност Саемот воопшто да не се одржи. Саемот го организира „Скопски саем“ и ќе се одржи во ВИП Арена „Борис Трајковски“.

Кампањата за јубилејниот 30. Саем на книгата со учество на книжевни ѕвезди на македонските издавачки куќи веќе почна. На саемот учество ќе земат сите значајни издавачки куќи од земјата, а најавени се и изложувачи од регионот. Од „Скопски саем“ известија дека за време на Саемот на книга ЈСП Скопје ќе воведе две нови линии кои ќе сообраќаат до ВИП Арена „Борис Трајковски“.

Напишавме „сепак“, бидејќи претходните месеци имаше долги преговори меѓу издавачите, Министерството за култура и „Скопски саем“ кога и каде да се одржи Саемот на книгата. Група граѓани даде иницијатива да не се дозволи уривање на стариот објект на Скопскиот саем. Владата пресече дека на таа локација ќе се урнат старите и ќе се изградат нови објекти со друга функција. „Скопски саем“ потврди дека ќе продолжи со организирање на саемски манифестации. На крајот беше договорено да не згаснува најзначајната манифестација посветена на книгата и издаваштвото и својот живот, барем засега, да го продолжи во ВИП Арена „Борис Трајковски“.

„Морам да ја изнесам мојата разочараност од згаснувањето на скопското сајмиште – единствениот простор од таков вид во главниот град. Тоа не смееше да се дозволи, и државата беше должна да интервенира и изнајде модус за задржување на просториите за предвидената намена. Во очекување на реализација на ново сајмиште, арената ’Борис Трајковски‘ со својата инфраструктура, во моментов е најсоодветен простор за одржување на саемот на книга“, вели Горјан Лазаревски, оперативен директор на ИК „Магор“ и претседател на Здружението на издавачи и книжари на Македонија.

„Меѓународниот саем на книгата во Скопје, годинава има значаен, 30-годишен јубилеј. Затоа беше од огромно значење да договориме одржување на годинашниот Саем на книга. Со помошта од страна на Министерството за култура, се постигна консензус меѓу издавачите во Здружението на издавачите и книжарите на Македонија, другите здруженија на издавачи во државава, и управите на ’Скопски саем‘ и арената ’Борис Трајковски‘, за датумите и локацијата на одржување на Саемот на книгата“, објасни Лазаревски.

Мислење за селидбата на Саемот на книга во ВИП Арена „Борис Трајковски“ побаравме и од издавачите „Или-Или“, „Три“, „Бегемот“ и „Арс Ламина“.

„Тоа што е најдено решение за оваа година е добро, бидејќи Саемот на книгата нема да го прекине континуитетот. Но тоа не може да биде и конечно решение, бидејќи секоја година би зависеле од слободните термини на салата ’Борис Трајковски‘, која, пред сѐ, е за спортски намени. А за еден Саем многу е битно да постои дефиниран простор и време и на одржување. На Скопје му треба ново Сајмиште, дефинитивно. Саемот е битен за македонското издаваштво бидејќи е единствена можност македонските издавачи да ја претстават својата продукција пред голем број граѓани, особено затоа што продажната мрежа низ земјава речиси и да не постои“, вели Ненад Стевовиќ од „Или-Или“.

„Очекуваме дека салата ’Борис Трајковски‘ ќе биде вистинско освежување и дека масовната посетеност на Саемот ќе го потврди тоа, не дозволувајќи долгата книжевна традиција да згасне токму на својата јубилејна 30 годишнина. Сите знаеме дека менувањето на еден простор со долгогодишна традиција бара и менување на навиките кај читателите, но од друга страна се нуди едно потенцијално освежување кое доколку помине во пракса (и идните изданија на Саемот на книга да се одржуваат на истата локација) ќе го има истото значење што го имаше и претходната локација.

Спортската сала ’Борис Трајковски‘ е единствениот простор што може да одговори на сите потреби за одржување на еден успешен саем, а тоа се, секако, големината (салата има можности да ги собере сите издавачи), пристапноста и организациските услови. Сметаме дека новиот простор ќе понуди и поубав изложбен третман на книгите, а на посетителите ќе им биде овозможен поголем и попријатен простор за разгледување“, вели Александар Саздов од „Три“.

„Веројатно сѐ уште е рано да се каже што губи, а што добива Саемот со преместувањето во салата ’Борис Трајковски‘, бидејќи, како што знаеме, ова е прва година што ќе се одржува таму. Сепак, мислам дека ќе ја изгуби онаа саемска посебност што ја имаше низ годините наназад, оној саемски шарм што, во голема мера, го создава самиот простор каде што се одржува. Ќе биде многу тешко да се реконструира таа саемска атмосфера на простор што примарно не е наменет за тоа. Сепак, во ситуација кога Скопскиот саем, од некои причини, не е во функција, најважното е што Саемот на книгата ќе се одржи и ќе имаме можност за нови искуства и споредби“, нагласува Филип Димевски од „Бегемот“.

„По неколкумесечната неизвесност, скопскиот Саем на книга, сепак, ќе се одржи. По три децении во халите на познатиот Скопски саем, годинава се сели на сосема нова локација. За нас, издавачите, организацијата на саемот на книга на нова локација е и нов предизвик. Но, ние сме оптимисти, бидејќи за вистинските љубители на книгите и редовните посетители сметам дека сево ова не е од суштинско значење. Ние како издавач секако ќе дадеме сè од себе како и секоја година да се претставиме во најдобро можно светло и на посетителите да им понудиме целосно искуство – многу нови и привлечни наслови, саемски попусти и подароци, промоции и настани, креативни работилници, средби и дружења со автори“, рече Бранка Бугариска од „Арс Ламина – публикации“.

Саемот на книга е без сомнение најзначајна книжевна манифестација во државава. Место каде домашните и странските издавачи ја презентираат својата најнова книжевна продукција, празник за сите љубители на пишаниот збор, каде на едно место, и најчесто по намалени цени, читателите можат да ги набават посакуваните изданија.

„Саемот носи мноштво промоции на книги, книжевни читања, гостувања на автори, трибини и расправи за издаваштвото и книжевноста, како и традиционалното доделување награди од страна на ЗИКМ, поделени во повеќе категории, за најдобрите изданија издадени меѓу последните два саеми, се вообичаен дел од програмата на оваа значајна културна манифестација.

Поради ова исклучително значењето на Саемот на книга за културата кај нас, а и државата воопшто, убеден сум дека сите субјекти од издавачкиот сектор, а и претставниците од Министерството за култура, независно од промените во условите како што тоа беше случај годинава, и во иднина нема да дозволат оваа традиција да се прекине“, потврдува Горјан Лазаревски.

„Саемот на книгата, со својата долгогодишна традиција, сериозно се наметна како една од најзначајните манифестации во Македонија. Тоа, пред сѐ, е единствена можност во текот на една година читателите непосредно да се запознаат со издавачката продукција, на едно место да ги видат сите новитети на издавачите, да поразговараат со нив, да разменат читателски искуства директно со издавачите, како и ретка можност за дружење со голем број истакнати македонски писатели“, потенцира Филип Димевски од „Бегемот“.

И Александар Саздов од „Три“ констатира дека самото одржување на саемот е од огромна важност за издавачката дејност, која цела година работи на својата издавачка програма со цел да се презентира на саемот пред македонската читачка јавност.

„За читателите, секако, придобивката е најголема, зашто Саемот е најавторитетниот книжевен настан не само во градот, туку и во државата. Тие ќе имаат можност да ги обиколат сите издавачи на едно место, да се запознаат со книжевните новини по одлични саемски цени, како и ретка можност да се дружат со авторите што ќе гостуваат на саемот.

Наше убедување е дека понудената содржина и, пред сѐ, книгите се оние што ги привлекуваат читателите да дојдат и да го посетат Саемот на книгата. Ние, како издавачка куќа и оваа година ќе понудиме програма преполна со нови книги, промотивни настани, средби со автори и секако саемски попусти. Нашето долгогодишно искуство покажува дека читателите ја знаат вредноста од одржувањето на една ваква манифестација, и затоа сме убедени дека ќе не поддржат во напорите да оствариме уште едно успешно издание на саемот“, потенцира Саздов.

„Саемот на книгата е една од најмасовните културни манифестации во земјава и секоја година претставува навистина празник за љубителите на пишаниот збор. За издавачите е место за претставување на најновите наслови, на промовирање на своите автори, на својата продукција и издавачко портфолио, а за читателите е можност да се запознаат со литературните новитети, да се сретнат со омилените писатели, да ги ’наполнат кесите‘ со омилените дела достапни по саемски цени. Овој саем е еден од најважните настани за одржување на читателската култура, како и за негување на читателската публика уште од најрана возраст“, заклучи Бранка Бугариска од „Арс Ламина – публикации“.

Саемот на книга го продолжува својот живот во нови услови. Искуствата од оваа година ќе бидат репер во кој правец ќе се продолжи одржувањето на манифестацијата и во следните години.

Тони Димков

Објавено

Четврток, Април 26, 2018 - 10:28

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе