Едиција „Македонски книжевни класици“

Реиздаден е романот „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев

„Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев се смета за прв егзистенцијалистички роман во македонската литература. По повод реобјавувањето на ова култно дело, на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“ беше организиран разговор со поетот, прозаист и книжевен историчар Славчо Ковилоски. Книгата првпат е објавена во 1964 година, но сега доби и ново лице, при што мотивот на корицата е дело на академскиот сликар Васко Ташковски, а изданието е дел од новата едиција „Македонски книжевни класици“, чија цел е да се приближат овие капитални домашни дела до новите читатели.

Уредничката Бисера Бендевска го водеше разговорот со Ковилоски, кој воедно е и автор на поговорот на новото издание на „Кратката пролет на Моно Самоников“. Тој посочи дека станува збор за дело кое лесно се пресликува и во денешното време. Воедно, говореше и за значењето на Солев како претставник на модернистичката струја во македонската книжевност во тоа време. Специфично е дека ова е еден од првите романи во 60-тите години што „тежнее“ кон урбаното.

„Солев го движи ликот на Моно Самоников и не го остава да мирува, сликајќи го неговиот психолошки портрет од дете од село кое изникнува во традиционална средина, а потоа во човек кој работи во весник, што во тоа време е голема работа. Тој е многу комплексен лик и низ него се гледа видувањето на Солев за споменатите миграции“, посочи Ковилоски.

Тој истакна дека Моно Самоников е лик чие име е прецизно одбрано со оглед што е човек кој иако секогаш е опкружен со луѓе, во суштина е осамен. Дејството во романот не се одвива линеарно, туку постојано има навраќања кон минатото на Самоников во селото и настанот што го прогонува.

„Моно е психолошки изграден лик. Тој е ангажиран на психолошки план и работи како новинар во весник насловен како „Народен пушач“. Во тоа време значи нешто друго, но од денешна перспектива името на весникот може да алудира на карактерната особина подлизурко“, појасни Ковилоски и додаде дека во романот има иронија и цинизам кои на почеток можеби не се евидентни, но при задлабочено читање се забележливи.

 Моно Самоников е „чуден лик, неприспособлив месечар, homo absurdus, сенка“ и живее во сопствените мисли и прогонувачки соништа, ќе напише критичарот Миодраг Друговац. Копајќи по свеста и растурајќи низ долапите на потсвеста, Моно трага по потврда за сопствената виновност за настан што се случил во неговото детство. А кога Моно бил дете, имало војна. И во таа војна детето Моно посведочило убиство кое како возрасен верува дека можел да го спречи, но не го сторил тоа. Оттука, овој роман може да се чита и како морална дилема на една цела генерација која во пресвртните историски моменти го сведочела хоророт, а притоа не можела да даде свој придонес во борбата. „Кратката пролет на Моно Самоников“ е егзистенцијалистички роман за апсурдот на живеењето во услови на егзистенција отуѓена од стоичкото во човекот.

Реиздадениот роман е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во чии рамки досега беа објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев. А наскоро ќе биде објавен и романот „Арамиско гнездо“ од Абаџиев.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе