Пророчките видувања на Раде Сиљан за судбината на Македонија

Раде Сиљан спаѓа во редот на најпознатите македонски писатели. Автор е на голем број поетски книги, од кои 26 се преведени на други јазици. За неговото богато поетско творештво добитник е на 24 национални и меѓународни награди, за него имаат пишувано неколку стотици автори, а обемот на напишаното од нив е неколку пати поголем од тоа што тој самиот го има напишано. Меѓутоа, досега малку е пишувано за конзистентните и пророчки видувања на Сиљан за Македонија и за светот во неговата поезија.

Уште во своето деби „Третиот лик на времето“ (1975 г. кога има само 25 години) поетот пее за националната загроза:

                      на пресека својот говор не си го знаеме

                      и не сме смели да кажеме

                      дека утре ќе има војна

                      и дека ќе ги преминеме границите

                      на лудата надеж

                                 („Дијалог со пријателот“)

Како и: „На твојот брег лажни светци битка водат („Огледало пред заодот на сонцето“). Едноставно, поетот најавува дека духовниот и националниот распад ќе биде инсцениран, а не природен, и дека новото време нема да донесе ништо добро.

Во втората своја стихозбирка „Сенки на јавето“ (1980), Раде Сиљан пишува во минато свршено време:

                               Тој што ќе ни ги земе името и видот

                               Тој ќе ги буди минатото и мигот

                                             („Мртва природа“)

 Во истата збирка, ќе ги искаже  предупредувачките стихови:

Две жени ќе ти дојдат како две птици:

едната ќе гледа на исток, а другата на запад –

ти можеш да избереш север или југ,

 Првата ќе ти го бакне челото

ќе ти подари јавни погледи и топли бакнежи;

Втората ќе ти залепи шлаканица,

ќе ти згази на сенката, ќе ти плукне на гордоста

(„Човек-статуа“)

Во изборот „Гласник“ (1990) со стари и нови песни, Сиљан ќе ни порача: „За нас и слободата е претешка задача“/„Тоа ни било пишано“. И уште: „Од сите страни провев/Искра надеж и многу светлина/Нема простор за игра„ („Провев“). Многу поконкретен е во песната „Давеници“:

Доволно има вода за давениците

И така денес

И така утре

Во таа 1990 г., поетот како сведок на новото време ќе ни порача: „во нас се цедат последните капки“ /„Полноќен запис“/. Во објавената стихозбирка, истата година, „Заѕидување на сенката“ е уште подециден:

Сенката ви е заѕидана во темелите

најголемо проклетство за поколенијата

ни угоре ни удолу е патот

пресудата е свршен чин!

 Во стихозбирката „Пресликано време“ (1999) тој пишува: „Си имаме многу татковини/Сѐ си имаме/А утре/Можеби народ ќе немаме“ („Лажно време“), „Последните остатоци од историјата си одат/За аманет ни остана надежта во зборот“ („Нашите предавници“).

Во однос на молкот за чувствителните национални теми, поетот пее: „Сѐ е кажано/Сѐ е чуено/Ништо не е разбрано“ („Давеници“). Тоа остана неразбрано, независно што Сиљан многукратно го користеше насловот „Давеници“ за своите песни.

Во „Сенки на Татковината“ (2007), авторот продолжи да пишува за македонската неизвезна судбина:

По патеката на животот

Утре слепи патници ќе врват

Со кошница полна лаги

И силни бури во нивните глави

(„Патеката на животот“)

Уште на двапати: во збирката „Кругови“ (2009) и „Завештанија“ (2010), Сиљан пишува за македонското име:

Дали рацете на Бога

Смешаа прсти

Татковина да имаме

Татковина без име

---------------------------

Нѐ бележа со знак пален

При свето име

Да живееме без име

(„Прокоба“)

 По патот кривулест

Со трње послан

Слепи патници одат

И за човекот без име

Мрежи од зборови плетат

(„Човек во рамка“)

Во книгата „Молитвење“ (2011), поетот загрижено пее:

Во земја

На шаховски игри

На небесни чардаци

И невидливи ветерници

 Во сокаче тесно

Сѐ е ставено на терезија

А свеќата на векот догорува

(„Свеќата на векот догорува“)

По една деценија од XXI век, Раде Сиљан навестува дека црни облаци ќе се надвиснат над Татковината. Тоа чувство на загроза во книгата„Сенка на векот“ (2013) сликовито е опишано:

Часовникот на небото

Забрзано ги отчукува

Последните мигови

На народот проколнат

(„Довикување“)

 Од господа колнатија

Родот од стеблото наше

Друга рака

Утре ќе го бере

(„Колнатија“)

Авторовото црногледство најдлабоко се чувствува во стигховите:

Во земја

На мраморни глави

Поразот

Како победа се слави

(„Трн од слепо око“)

 

Раде Сиљан како да насетува  што ќе биде и понатаму, па возбудено пее:

По многу години

Место лебно жито

Воденицата ќе меле

Умни глави

Од ножот на џелатот

По река без брегови

До морето од илузии

Ќе тече крв пресна

(„Претсказание“)

Своевиден продолжеток наоѓаме во песната „Ако пропее тагата“,застапена во стихозбирката „Бакнежот на судбината“ (2019), во која вели:

Потоа сѐ ќе биде лага

Зашто нашето семе

Ко прашинка на патот

Ветрот ќе го одвее

(„Ако пропее тагата“)

Пророчките видувања на Раде Сиљан за Македонија се одвиваат во циклусен поредок: минато – сегашност (катастрофа) – преродба:

Од некое ќоше

Ќе се појави глава

На воин дете

И по многу години

Со меч во рака

Ќе го убие злото на векот

(„Преселби“)

Тогаш ќе се стигне и до нов македонски преродбенски циклус:

Народ со славно име

По крвава патека ќе мине

Пред сенката на векот

До целта сам ќе стигне

(„Видовита песна“)

Поезијата на Раде Сиљан е упатена кон современиците и кон потомците, како искрена предупреда за македонското национално раслојување и разнебитување.

 

Стефан Влахов-Мицов

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе