Промовирана книгата „Јоаким Крчовски во народната и духовната традиција”

По повод одбележување на 205 години од делото на големиот книжевник и духовник и прв просветител Јоаким Крчовски во општина Крива Паланка беше промовирана книгата „Јоаким Крчовски во народната и духовната традиција" од авторот Д-р Јордан Михајловски.

Оваа пригодна книшка посветена во чест на 205 годишнината од отпечатувањето на неговото прво книжевно дело Слово исказаное заради умирание, во 1814 година, ни од далеку не го исцрпува интересот и сознанијата за неговиот живот и дело. Таа е повеќе симбол на нашата благодарност и почит кон него како деец, поклоник и свештеник, учител и преродбеник, книжевник и духовник, и на неговото возвишено и благородно дело. Воедно ова е и израз на роднокрајна должност, истражувањето да се насочи кон осветлување на нови моменти од неговиот живот, народната и духовната традиција и родословието со цел да се пополни една празна страница од неговата биографија. Колку се успеало во оваа намера и потфат, нека суди времето“, вели Михајловски.

Наедно, како што вели авторот, ова дело треба да е поттик да се реализира идејата за возобновување на гробните места на Јоаким Крчовски и неговиот син, Давид ереј, што е повеќе од наш долг, не само кон нив, туку и кон нашата преродба, духовност и традиција.

Промотор на книгата беше професорката д-р Маја Јакимовска -Тошиќ од Институтот за национална литература-Скопје

Наспроти повеќевековниот период на делби и поделби, преселби и раселби, именувања и преименувања, колективната меморија на народот од Североисточна Македонија, во ботаничката духовна градина на манастирот Св. Јоаким Осоговски и црквата Св. Димитриј, во Крива Паланка ќе се сочува традицијата и македонскиот бит со сите посебности што се раѓаат на оваа сиромашна, но културно и духовно богата грутка земја. – пишува авторот.

Св. Јоаким Осоговски и Јоаким Крчовски се најблагородните пројави на духот, што со божја промисла се случиле на овие простори. Првиот божји следбеник, кој доби божји дар да ги лекува болните и душите на оние кои со верба му приоѓаат. Вториот книжевник – даскал и духовник, светилник во темнината, основоположник на преродбеништвото, подржувач на христијанскиот начин на живот, морален и духовен реформатор. Две многу светли звезди над духовниот хоризонт на Осоговието.“ – раскажува Михајловски во своето дело.

По 1945-та година основното училиште во Крива Паланка е именувано во чест на големиот благородник и прв паланечки даскал Даскал Хаџи Јоаким Крчовски.

Седумдесет генерации со околу 50.000 ученици и над 1000 наставници од повеќе генерации, ќе ја оживеат легендата и визијата на првиот учител. Над 40 ученици од овие клупи ќе се стекнат со докторат, предавајќи кај нас и ширум балканските простори и Европа. Над 1000 млади луѓе ќе се стекнат со магистерско звање.

Денес, и од оваа временска дистанца, македонската преродба низ творештвото на Крчовски ја разбираме како наша културна парадигма на патот на кодификацијата на литературниот јазик, како едно од најзначајните духовни наследства на XIX век, и придонес во културната синтеза на западната цивилизација“, заклучува Михајловски.

Јордан Михајловски е универзитетски професор, автор е на монографијата за Крива Паланка, публикација со наслов „Манастир Свети Јоаким Осоговски“, автор на првата спортска монографија - Историја на спортот во градот во изминатиот век.

 

 

Сегашниот изборен модел е причината и генераторот  на сите проблеми на општественото и политичпко уредување на Македонија.

повеќе

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе