Промоција на новата поетска книга за деца „Весели вагони низ четири сезони“ на Ели Маказлиева

Во паркот пред Културно – информативниот центар во Скопје денеска напладне ќе биде промовирана книгата „Весели вагони низ четири сезони” од Ели Маказлиева, нова поетска книга за деца.

Најновата книга на авторката Маказлиева претставува настан за македонската поезија за деца, пишува во својата рецензија проф. д-р Кристина Николовска.

„Неодоливо харизматично, со многу рафинирани финеси, поетесата им се обраќа на децата со кусо воведно обраќање и искрено верува дека, заедно со децата – читатели: Со стихови времето ќе го менуваме, со златно сонце ќе го осветлуваме, со дождовни капки ќе го украсуваме, на крилјата од песните до небото сино ќе патуваме и пак на земјата ќе слетуваме“, пишува проф. Николовска.

Новиот поетски ракопис има инвентивен и ведар наслов, кој најавува јасна визија за проектот. Визијата со изграден и осмислен концепт како во десетици свои други книги, Маказлиева ја остварува и во ова дело. На 160 страници поезијата расте низ циклусите: „Есенски поздрави“, „Зимски радости“, „Пролетни песни“, и „Летни игри“. Со фасцинантна поетска енергија, креативност и инвентивност, авторката ги развива овие темати.

Книгата ќе ја промовираат професорката Кристина Николовска и авторката Маказлиева, а модератор ќе биде Марија Богоеска.

Ели Маказлиева е родена во Битола. Високо образование завршува на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје, како и постдипломски студии. По дипломирањето работи како воспитувач, училишен педагог, за поголемиот дел од работниот век да го помине како уредник и главен и одговорен уредник во издавачката куќа Просветно дело, Скопје. Последните години беше и вонреден професор, предавач на Универзитетот Американ колеџ во Скопје. По долгогодишното искуство во пишувачката и издавачката работа, во 2013 година ја основа издавачката куќа ЕДУКА МАК и е Претседател на уредувачкиот и редакциски одбор до денес.

Добитник е на многу сертификати, благодарници, дипломи и награди.

Автор е на идејата и реализацијата на проектот – традиционалната литературна манифестација – Фестивал на поезија за деца „Стихувалки“ (2018/2019/2020), како и на многу книги поезија и проза за деца и возрасни.

Поради мерките за спречување на коронавирусот промоцијата ќе се одржи на отворено, а посетителите и учесниците се потсетуваат да држат дистанца и да носат заштитни маски. Настанот ќе биде пренесуван во живо на Фејсбук страната на КИЦ-Скопје.

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе