вторник, 23 април 2024

Русија распореди нуклеарно оружје на границата со Финска

Руската војска разместила тактички нуклеарни комплекси на границата со Финска, која во април минатата година стана членка на НАТО и се откажа од воено-неутралниот статус, јавуваат руските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во пограничниот регион Карелија се стационирани оперативно-тактички комплекси „искандер-М“, наведува Известија, повикувајќи се на извори во министерството за одбрана.

„Искандерите“, кои можат да лансираат и крстостувачки и балистички проектили, кои можат да носат нуклеарни боеви глави, а се дел од посебна ракетна бригада, сега се дел од неодамна формираниот Ленинградски воен округ.

Во овој воен округ се и 11-от и 14-от армиски корпус, базирани во Калининградската и Мурманската област.

Формирањето на ракетната бригада е одговор на влегувањето на Финска во НАТО, изјави поранешниот командант на Балтичката флота, адмиралот Владимир Валуев. Сега руската граница со земјите од Северноатлантската алијанса се зголеми за речиси 1.300 километри, а во составот на западниот воен пакт влегоа двете најголеми артилериски сили во Европа, кои имаат 1.500 цевки, вклучувајќи 700 хаубици, 700 големокалибарски минофрлачи и 100ракетни комплекси.

Обновувањето на Ленинградскиот воен округ, укинат за време на воената реформа на почетокот на 2010-тите години, покажува дека Кремљ подготвува широка воена операција против НАТО во долгорочна перспектива, оцени во февруари Институтот за проучување на војната (ИСВ).

До неодамна, целата западна граница на Руската Федерација ја контролираа силите на Западниот воен округ. Тоа го разводнуваше „стратегискиот фокус“ на руските сили, смета ИСВ.

Со указ на рускиот претседател Владимир Путин од 26 февруари, Западниот воен округ е поделен на два дела: сега Московскиот ќе ја контролира границата со Украина и Полска, додека Ленинградскиот ќе ја контролира североисточната граница со НАТО.

Тоа ќе ѝ помогне на војската истовремено да ги контролира борбите во Украина и да заземе стратегиски позиции кон земјите од западниот воен пакт.

Одлуката за формирање на Ленинградскиот воен округ Кремљ ја објасни со влегувањето на новите членки, Финска и Шведска, во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ