„Живеејќи со јазикот, со таа наша жива вода од која ја црпиме својата творбена сила, и без да сакаме, ние во неа и од неа го излеваме сопствениот одраз во облик на песна или книга со песни... Што гледаме ние, загледани во непресушната јазична вода, дали е тоа нашиот сон за дело што ќе добие образ каков што сме замислиле, или делото е сепак само можност јазикот да се претстави себе во еден од своите безброј облици“, се прашања што ги поставува авторката во својата поетска книга, во која преобразбите се движечка сила и лајтмотив што се провлекува низ неа. Поимот „преобразби“ за авторката е еден вид равенка што го симболизира животот воопшто, но и метаморфозата на јазикот во лирско творештво.
На македонската книжевна сцена Весна Ацевска (Скопје, 1952) е присутна над четириесет години со впечатлива поетска и преведувачка дејност. Пишува поезија и проза, преведува од руски и од јужнословенски јазици. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија, на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ во Хелсинки и на Славјанската литературна и уметничка академија во Варна. Застапувана е во разни антологиски избори на современата македонска поезија во земјата и во странство. Нејзини поетски избори се објавени во Македонија, Романија, Хрватска, Србија, Бугарија, Полска и во Турција..
За нејзиното поетско творештво, под наслов „Ехо на ентелехијата“, посветен е двоброј од списанието „Стремеж“ (2008). Ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2009) и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2012), а двапати ја добила наградата „Григор Приличев“ за препев на финскиот еп „Калевала“ (2000) и на нордискиот еп „Стара еда“ (2009). Носителка е на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016).