Книжевната критичарка Лидија Капушевска Дракулевска подвлече дека ова е најзрела поетска објава на Џепароски и своевиден поетски манастир за манастирите на Света Гора, а предизвикот за преведувачот Зоран Анчевски бил голем затоа што најтешко е да се преведуваат едноставни нешта.
По читањето на стихови од петмината поети кои влегоа во најтесниот избор за годинашната награда „Браќа Миладиновци“, симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“ беше посветен на поезијата на Дуо Дуо еден од најважните современи кинески поети и препевите на македонски и англиски јазик.
Горан Чолакхоџиќ од Хрватска е годинашен добитник „Мостови на Струга“ што СВП ја доделува заедно со УНЕСКО, а за него говореа преведувачот Никола Кукунеш и Иван Шопов, кој истакна дека Чолакхоџиќ има истенчено чувство за детаљ и моќ да ги види навидум обичните нешта во сосема поинакво светло, како да се од животна важност.
Попладнето беше посветено на програмата „Креативна Европа“ и платформата „Версополис“, со претставници од министерствата за култура на Македонија, Биугарија, како и агенти и од странство.
Вечерните часови се предвидени за македонските поети и 55-годишнината од наградата „Браќа Миладиновци“.
„Поезија на пат“ ги носи дел од странските поети во 20.30 часот Ресен во Домот на културата „Драги Тозија“ и во „Куќата на Уранија“ во Охрид, настан што е во соработка со МАНУ.