Димитар Башевски: Писма од карантин (7)

Писателот има право на бунт

Писателот како граѓанин има право на бунт, понекогаш тоа му е и должност, но самата литература не е за таква употреба.

Дину Фламанд

Букурешт 

3 мај 2020

Драг Дину, 

Денес ја добив пораката од тебе. Ми кажуваш дека Романија не е толку драматично зафатена од пандемијата на ковид-19, како што се Италија или Шпанија и Франција. Тоа е добро да се чуе, Дину. Првпат во Романија бев одамна, во Куртеа де Арџес, на фестивалот што го организираше Думитру Јон, кој низ годините често престојуваше во Македонија и добро ја познава нашата книжевност и нашиот јазик, а потоа  во Букурешт во 2001. Оваа година, требаше да се одржи и големиот фестивал на поезијата во Јаши и тематската конференција во Букурешт, но за жал, веќе слушнав, се одлагаат поради заканата на вирусот.

Беше доживување кога ми ја прати онаа фотографија од нашата прва средба во Лахти, Финска, дури од оние осумдесетти  години. Години многу. Си ја пронашол таа фотографија снимена во автобус, ние тројцата, јас, ти и Лобо Антунеш, тројцата. Во шега се нарекувавме „Трио коминтерна“. Се чудам, колку сме биле млади, минале години, а не сме престанале да се сеќаваме, да си пишуваме, ако не можеме баш често и да се среќаваме. Тоа беше голем собир во Лахти, земјата на „Калевала“, епот којшто многу убаво го има препеано на македонски Весна Ацевска, една наша фина поетеса.

Во врска со таа фотографија и за можноста да дојдеме во Романија, ми се јави Лобо Антунеш. Ми напишал убава порака. Вели: „Драг Димитар, ние мораме да бидеме заедно. По толку време од првата средба, јас сум ти пријател и ми недостигаш... Треба да бидеме заедно, како што беше рекол оној старец `неколкумина сме, неколкумина весели, ние една дружина од браќа`“.

Многу ме израдува, Лобо. Големиот Лобо Антунеш.

Ние, дружината од браќа, сега во ковид-19 карантин.

Тој во Лисабон, ти во Букурешт, јас во Скопје, еднакви под заканата на вирусот. Баш браќа. Не слушам многу поединости овде за пандемијата во Португалија, барем не онолку колку во некои други европски земји. Сега деновиве, Дину, одново и одново ја прелистувам твојата книга поезија под наслов „Сенки и гребени“ (Umbre si Faleze) која, за наше задоволство, ја објавивме овде на македонски. Видов дека е објавена и на португалски и уште на неколку јазици. Ми се чини близок си до надреалистичката француска поетска линија. Си можел добро да се запознаеш со франциската поезија воопшто, бидејќи во еден период, нели, си живеел и си работел во Париз. Твојава поезија е поезија на страст и напрегнатост. Митот, секојдневниот живот, книгите, читањето, соништата, очекувањата, желбите. Тие нешта се населени и излегуваат од оваа книга. Една напрегната и згусната поезија, книга на длабоки емоции. Преку релацијата светлина-сенка имаш раскошна медитација,  метафоричен јазик и бујна имагинација која ги минува напуштените и апокалиптични предели, за да се врати во искршената стварност. Ја разбирам твојава книга поезија, Дину, како поезија која зборува за суштинските аспекти на животот, го опева падот во бездната и повторното воскреснување на животот со виталните сили што ги има тој. Една длабока и хумана поезија на балкански поет.

Ти, Дину, имаш и зрело, стамно чувство за времето во кое живееме, време во кое тежината и важноста на некои нешта, на некои вредности, олесниле. Велиш: Животот ни стана лесен/ живееме во ôд/без насока/ нашите зборови, беа како полни буриња,/ на кои им пукаат обрачите.../ итн. Тоа е нашето време. Постмодернизмот се залага за поголема олабавеност, но до каде може да оди таа олабавеност и постојат ли точки на совпаѓање меѓу дигиталната „филозофија“, која го зема животот во својата прегратка, и постмодернизмот? 

Планиравме да се видиме на поетскиот фестивал во Јаши во мај и на конференцијата во Букурешт. Една од темите на тие книжевни среќавања таму беше писателите и власта и тоа што може книжевноста по однос на кризите, на конфликтите и војните. Но годинешниот фестивал, поради пандемијата на ковид-19 е одложен. Власта, во еден период на режимот на Чаушеску, Дину, повлијаела на твојата биографија. Релацијата писател-власт, а исто така биографија-дело, е една интересна релација. Каква е таа релација, што може литаратурата наспрема, како што реков, власта, наспрема конфликтите, војните и воопшто промените во светот?

Во врска со таа тема, во овие денови на карантин, на наметнат однадвор мир кој треба некако да го совладаме со нешто што ќе нè одржи во креативна кондиција, јас направив некои белешки, нафрлив некои размислувања, макар што  не ќе биде можно да се претстават таму. Ти, Дину, како писател, на своја кожа, на тежок начин, си ја осетил власта во времето на Чаушеску. Многупати е кажано, дека начинот на којшто литературата гледа на животот се сфаќа како закана за воспоставениот поредок на власта. И тука се поставува прашањето што може литературата во општеството, во животот, а што писателот како граѓанин? Кога би зборувале за улогата на писателот во некаква криза, во превенција на конфликт или на војна, на пример, тоа би бил повеќе социолошки или психолошки проблем и прашање на кое човек би можел поедноставно да побара одговор, но кога се работи за самата литература во превенцијата на конфликтот, тој одговор или го нема или станува сложен. Таквиот одговор доколку и се дава, е една мешаница, конфузија од социолошки елемнти, со оние естетички категории кои ѝ припаѓаат на уметноста и кои за неа зборуваат и ја презентираат како автономна. Сум среќавал голем број прашања како, на пример, ова: Што прави литературата, уметноста, воопшто, за да го смени животот на подобро, да го направи овој свет, ако не рај, тогаш барем нешто подобро отколку пекол? Какво значење има литературата пред панорамата на светот каква што ја гледаме и каква што ја знаеме? Носи ли таа литература некаква одговорност за она што се случува околу нас? итн.

И секогаш се случува истото: следниот пасус продолжува без одговор, во истиот, реторичен дух, како што е и прашањето, или пак скршнува во социолошки или историски правец, како на пример: Долго низ вековите постоеја големи писатели кои во исто време беа големи човечки суштества, писатели борци итн. Понекогаш дури и продолжува вака: Така денес, ние немаме право да пишувцаме за романтичните заоди на сонцето како во други мирнодопски времиња. А цитатов не доаѓа од премногу дамна, ниту од некогашните соцреалистички околности.

Непотребно е да се каже дека најголемите дела не се создадени со намера ниту да превенираат ниту да поттикнат конфликт. Ако се случило некогаш првото, тогаш сигурно се случило и второто. Друго е прашањето за злоупотребата на литературата. Значи, изворната ролја на литературата не е да превенира конфликти ниту да служи за нивно создавање. Уште Гете постави јасна граница во тој поглед, изјавувајќи дека не е точно дека убавите уметности израснале од склоноста да го разубавуваат светот. Тоа, едноставно, не е вистина, вели тој. Многу ме интересира, како би се обединиле, во активистичка смисла, уметностите (не уметниците!), на различните творечки индивидуи, за да ја постигнат целта – превенција на конфликт? Културата, политиката, етиката се надвор, и доколку се земат внатре во романот или во поезијата, тие мора да бидат подведени на естетскиот аспект. Зборот, бојата, звукот, се сосема индивидуални. Тие не можат, на пример, да се обединат и да излезат на улица со барање за смена на владата или за промена на светот. Поезијата не може да извши државен удар, но писателот како граѓанин има право на бунт и дури тоа е негова обврска доколку види неправда или насилство. Книгите имаат специфична релација со стварноста. Стварноста е за нив инспирација, додека во севкупната историско-социјална релација, тие се настрана. Ако некој во книжевното дело најде нешто што потсетува на нешто „објективно“, тоа мора се се случило со фактот што уметноста се занимава со луѓето, со односите меѓу нив, со убавото и со грдото, во исто време, онака како што еден наш колега вели кога е во прашање помнењето во литературата: „Помнењето на литературата“, вели тој, „не е нејзина цел, тоа се случува како неминовност на самата суштина на литературата.“ И кога помни, таа од „трагите на реалноста кои ги наоѓа во меморијата, создава еден нов паноптикум“.

Литературата е химерична, тешко дофатлива. Нејзините морални исходишта, ако се изразуваат, се изразуваат само имплиците, а не експлиците и, во таа смисла, се нешто како оној пророк Валам, кој и кога треба да изговори тешка клетва, изговара благослов. Книжевноста не може ниту да започне ниту да заврши некој војна.Сведоци сме дека и при најголемиот процут на уметноста, кога се создадени најкрупни дела, и во најразлични и најпродуктивни околности, како што е Ренесансата, на пример, војните не престанале.

Но самиот писател може да има морален авторитет или, како човек, може да земе обврска спрема оваа или спрема онаа страна, па дури и да мисли, најпосле, дека таа обврска му е инхерентна. Но ние на Балканот имавме случаи кога еден број писатели и директно со својата поезија влегуваа во авантурата на поттикнување и поддршка на војната. Тоа особено беше присутно во деведесеттите години во таканаречените Трети балкански војни на тлото на поранешна Југославија.

Меѓу двете светски војни, Жилиен Бенда ја објави книгата „Предавството на интелектуалците“. Сугестијата дека интелектуалците, тука и писателите, се инхерентно предавници на нешто, има привлечност. Бенда тврди дека интелектуалците треба да ги поддржуваат вечните вредности и вистини, а не да се проституираат со некои локални идентитети, страсти и интереси. Читаме, дека некогаш, свештениците биле интернационални и трансетнички дејци. Тие ги презирале партикуларистичките тотеми. Во деветнаесеттиот, а особено во дваесеттиот век пак, интелектуалците, според Бенда, се идентифукуваат токму со вакви тотеми, со националните, со класните или со други посебни интереси. На крајот, ваквата обврска, во тоа да ја вклучат дури и сопствената книжевност, за многумина станува полноважна. 

Да, писателот како граѓанин има право да се бунтува и понекогаш тоа му е должност, но самата литература не е за таква употреба. Од гледна точка на писателот како граѓанин, не е  можно секогаш да се прецизираат јасни и ексклузивни критериуми за вакви или за онакви, задоволителни од оваа и од онаа точна, индивидуални однесувања. Тоа што Кнут Хамсун ги поддржал фашистите не му ја одзема нему величината на писател, но од друга страна, ни неговата величина на писател не го негира фактот дека тој го поддржал нацизмот, а со тоа и логорите на смртта.

Во секој случај, во основа е многу јасно, дека литературата не е „пајтонско коњче“, како што беше рекол еден наш постар колега, кое треба да тегли туѓи пајтони. Таа е нешто многу индивидуално, со неа човек се мрда, вели тој, по темнините и фосфоресцира на мрачното дно на стварноста, осветлувајќи ја својата темна патека со нејзиниот сјај, како со магично сулфурно око, и така се движи меѓу ѕвездите и живее.

Да, поезијата, Дину, како што ти многу добро знаеш, ги осветлува темните патеки во човековиот живот, поетите можат да ти речат за болката, за страдањето, но и за големата љубов, како што велиш ти во песната „Поетите на Бразил“: Како ли им успева на бразилските поети/ со три збора да ти пренесат толку голема љубов/што ти го пресекуваат здивот... Да, со три збора или макар и со колку да е, уметноста, литературата, навлегува во стварноста, ја распукува, ја разградува, за да создаде нова „стварност“, во многу елементи слична на сонот, подлабока и послоевита, од она што го нарекуваме реален живот. Таа, Дино, како и во твојава поезија,  оди до оние поединости и душевни треперења кои во стварниот живот не сме во состојба да ги видиме поради разните надворешни феномени. Уметноста, се вели, ја интензивира реалноста, ги исполнува празнините во неа.

Некои автори високо ја издигнуваат литературата како еден од специфичните начини на изразување. Еве како гледа на неа парискиот филозоф Цветан Тодоров: „Видете“, вели тој „ јас навистина ја обожувам литературата! Мислам дека големите литературни дела се издигаат над сè: како дејност на духот, јас ја ставам литературата над филозофијата или над науките. Мислата во неа може да биде исто толку интензивна, исто толку изострена, но таа им се обраќа на сите, таа пречекорува векови. А не само што литературата учествува во осветлувањето на светот, туку таа му додава убавина на тој свет и, по таков начин, го прави подобар. Јас навистина верувам, иако немам начин да го докажам тоа, дека човештвото е посреќно со литературата.“ (Tzv. Todorov: “Devoirs et délices”)

Прими ги моите поздрави, Дино. Те чекам на Струшките вечери на поезијата во август доколку не се случи, оваа опасност од корона-вирусот да продолжи да нè држи во карантин и да мора фестивалот да биде одложен. На овој фестивал во Струга, знаеш, „Златниот венец“, една од највисоките светски награди за поезија, во седумдесеттите години, го доби Никита Станеску (Се сеќавам, јас тогаш млад новинар, со Станеску направив опширно интервју), а во 2019 година и Ана Бландијана, исто така раскошна романска поетеса.

Димитар Башевски

„Каде да летнеме викендов е пристап што како таков повеќе нема да постои“...

повеќе

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе