Димитар Башевски: Писма од карантин (6)

За фикцијата и за историјата

На историчарите делуваат современите настани и тука се крие опасноста историјата понекогаш да се менува според дневните потреби.

Вида Огњеновиќ

Белград

29 април 2020

Драга Вида,

Пред неколку дена, додека трае оваа вирусна пандемија, од Хомеро Ариџис добив поздрави и една негова песна која почнува со стиховите: /Никогаш не сум помислил дека осумдесеттата ќе ја дочекам/ во година на чума и на популисти/ Но ете сум, затворен дома... Еве, Вида, и еден број родендени, како овој на Хомеро, во Мексико Сити, се одбележуваат во карантин – во тишина и осаменост која е принудна, различна од онаа осаменост при која обично поетите ги пишуваат своите песни. Така и му напишав на Хомеро: Ти знаеш, Хомеро, реков, дека поезијата, во секој случај, се раѓа во осаменост. Но ваквото, корона-карантин осамување е специфично, тоа е резултат на надворешни околности, на принуда и, психолошки, тука се работи за голема разлика. Ми се чини, Хомеро, реков, дека би биле во право ако помислиме дека овие карантински околности ја оневозможуваат, ја придушуваат онаа спонтана, нормална, неопходна инспирација? Можеби ваквото осамување како наметната изолација, за поезијата е погубно, наспроти тоа што некои луѓе мислат дека би можело да помогне за свртување кон себе, да биде дури продуктивно за творештвото.

И во таквиот момент, добивам од тебе подолго писмо и еден раскошен расказ под наслов „Ритам доласка“ (Ритам на доаѓањето). Го читам писмото со чувство на онаа среќа што ја буди пријателството кое трае и кое не знае за друго освен за она што самото е. Ме замислуваш во оној пејзаж, во Ѓавато, моето родно место, недалеку од Преспа. Велиш: „Драг мој Димитре, Пријатељу, Колега и Друже, са завишћу замишљам твој прекрасни „Карантин“ у висовима изнад Преспанског језера, где антички богови долазе на излете или на божанске свадбе и весеља. Кад погледаш надоле из свог „Карантина“ видиш да се небо огледа у језеру, и састају се у загрљај на хоризонту према Грчкој... све озеленело и процветало. И тако ти у твом „Карантину“ пишеш „карантирана“ писма и поеме о лепоти, животу и природи... Корона вирус пати јер си одгонетнуо њену ништавност... Ево, шаљем ти причу коју сам довршила ових дана, седећи у знатно прозаичнијем Карантину од твог, далеко од прекрасне Преспе и драгих пријатеља... “ (Драг мој Димитар, Пријателу, Кoлега и Другар, со завист го замислувам твојот прекрасен „Карантин“ на височините над Преспанското Езеро, каде што античките богови доаѓаат на излети или на божески свадби и веселби. Кога ќе погледнеш надолу од својот „Карантин“, гледаш дека небото се огледува во езерото и се среќаваат во прегратка на хоризонтот спрема Грција... Сè раззеленило и расцутило. И така ти во својот „Карантин“ пишуваш „карантинирани“ писма и поеми за убавината, за животот и за природата... Еве ти го праќам расказот што го завршив деновиве, седејќи во мошне поразличен Карантин од твојот, далеку од прекрасната Преспа и драгите пријатели...“

Драга Вида, ме прави среќен нашето пријателство. Следам што се случува во Белград, во тој убав град на сливот на две големи реки. Забележувам, и таму празни улици, празни кафеани, празни паркови, празни училишни дворови, празни рубрики во весниците. Целиот живот е во владението на ковид-19. Целиот свет, сите народи, без разлика на политика, раса или вера, богатство или сиромаштија, осамна во еднаквата наметка на чумата. Некако како да одговараат овие стихови на Шимборска на оваа карантинска ситуација: Никому не е добро во четири изутрина./ Ако на мравките им е добро во четири изутрина -/ да им честитаме на мравките. И нека биде пет/ ако треба да продолжиме да живееме. Станавме во некоја смисла еднакви. Но од историјата знаеме, Вида, дека ваквите закани побудуваат солидарност и мисла за другиот и чувство на страв за иднината, главно додека траат: потоа човекот одново тргнува по патот на волјата незауздана од разумот, како што велеше Шопенхауер – алчност, нерамноправна распределба на богатствата во светот, трупање на нуклеарни оружја и уништување на човековата околина. И сето тоа уште во обвивката на дигиталната технологија која со еден мал свој дел на човекот му прави добро, а со друг, многу поголем, му се заканува со зло. Човекот тешко извлекува поука од минатото, од историјата, дури и од најголемите бури и страшни војни. Тогаш, си велам, за што е учителка историјата? Која е таа нејзина ука за која толку многу нè поучила?

Ние кои повеќе се занимаваме со книжевноста, имаме потреба понекогаш да размислуваме за историјата, односно повеќе за релацијата книжевност-историографија. Едно прашање кое тука се поставува и кое ги усложнува работите, е прашањето дали и самата историја не е фикција. Уште во оние почетни времиња, Херодот е напаѓан затоа што, наводно, измислувал приказни за да ги прикаже како поубави некои аспекти од атинскиот живот, а не се држел до фактите. Од времето на Херодот натаму, историјата како наука, базирана генерално на историографијата, се еманципираше, но до денес не исчезна прашањето дали и самата историја не е фикција.

Во секој случај, историјата знае да биде многу ранлива. На историчарите делуваат современите настани и тука се крие опасноста историјата понекогаш да се менува според дневните идеолошки и политички потреби. За тие нешта, се сеќавам, расправавме и на еден собир на ПЕН во Белград, се разбира пред сè од аспект на книжевноста. Јас сега, во ова писмо до тебе, сакам да ги додадам и сегашниве мои размисли. Прашањето за односот книжевност- историографија е старо прашање. Тоа секогаш, некогаш повеќе некогаш помалку, беше актуелно и предизвикуваше дискусии. Него го држи како актуелно пред сè книжевноста, создавањето книжевни дела лоцирани во минатото и засновани на историографијата. Самата историографија е тука пасивна страна. Историографите главно не се вклучуваат во дискусиите дали и како со неа се користат писателите.

За да може да се воспостави однос спрема оваа тема, јас би рекол, дека најпрвин би требало да се знае што е книжевност, односно фикција, а што е историја, односно историографија, како документарна база на историјата. Овде обично се почнува со тоа што се вели дека фикција или историска фикција не е тоа што е историјата, дека задачата на историјата е да ги прикаже настаните што поточно, односно да го спознае и да го определи она што е историско, додека задачата на историската фикција е да му овозможи на читателот преку перспективата на ликовите во расказот, да почувствува дека тој самиот е присутен во настаните. На оваа линија, имаме многу одамнешна свест за тоа што е историја, а што фикција. Во тој поглед, мене ме восхитуваат двајца луѓе – Плутарх и Вук Караџиќ. Еве го Плутарх кога го започнува раскажувањето за Александар:

„Впрочем, ние не пишуваме историја ами животопис...Често пати само некоја безначајна постапка или безначаен збор или дури и шега, подобро го објаснуваат карактерот на човекот отколку битките во кои загинале илјадници борци или најголемите освојувачи на градовите. Како што е познато, сликарите настојуваат да постигнат сличност... сосредувајќи се на лицето и на изразот на очите со што се открива значењето, а многу помалку внимание посветуваат на остатокот од ликот...“ Караџиќ пак даде една од најсведените дефиниции на односот фикција-историја (која и и во други прилики сум ја споменувал), кога на лутината на кнезот Милош зошто во некоја песна за бојот кај Лесковац, тој не бил прикажан како што, според него, би требало да биде прикажан, на кнезот му беше напишал дека таа песна не е историја, дека во историјата се гледа како се случило, а во песната „како е наместено“ ( „а у песми како је намештено“).

Со еден збор, на писателите кои пишуваат историски романи, историографијата може да им послужи само како терен на настани и луѓе, кои потоа израснуваат во расказ од фикционален карактер. Историјата, односно историографијата, е терен за бројни фикционални дела во балканските книжевности, како во минатото така и денес. Мене, еден многу драг пример, ми е романот „Доротеј“ од Добрило Ненандиќ. Романот „Доротеј“ лежи во средновековната историја на Србија, баш во една подлабока историја, но тука историјата е некаде во позадината, таа е фон, додека другото се карактери, луѓе со различни стремежи и мани, на крајот од краиштата, тоа е најмногу една трогателна љубовна приказна. Или романот „Александар и смртта“ на Слободан Мицковиќ во којшто историјата станува суров театар на чија сцена се среќаваат актери со стварна или измислена моќ. Голема среќа е кога со пишување на историски роман се зафаќаат талентирани писатели, а голема несреќа кога за тоа ќе се фатат неталентирани. Во еден од моите раскази во книгата „Мајсторот“, еден од ликовите му вели на друг лик: „...Не сум го читал тоа сведоштво за кое зборуваш. Мора да е тоа некоја приказна, фикција“. „Не е така“, вели оној другиот, „дури и книжевноста, кога е пишувана од слаби писатели, не е баш некоја фикција“.

Кај нас во Македонија, на фонот на историјата и со помош на историографијата, се имаат напишано еден број дела. Некои од тие дела понекогаш се оптоварени со националната идеја и одбираат една погрешна посока со величење на нацијата и на својата историја, наместо да се грижат за повикот на самата уметност. Има тука и некои меѓу најфалените дела, во кои може да се види извесен степен на тенденција, така што често во освртите на тие дела, како најголема пофалба, ќе го сретнете она: „... авторот го прикажува својот непокорлив народ...“ и сл.

Балканот е една специфика. Балканот секогаш се соочуваше, како што некој беше рекол, со отсуство на слобода или пак со бегство од слободата. Значи или надворешен или внатрешен проблем. Секогаш, во секоја криза, се јавува врзување за херојските, митски ситуации од минатото кои евентуално обезбедуваат рационализација за актуелната несигурност и неуспеси. На тие нешта понекогаш подлегнува и писателот не само како граѓанин, туку и како уметник, подлегнува, како што реков, на националистичките побуди. Иако за уметноста темата се чини не е одлучувачка, сепак сигурно е дека одбирот баш на таква тема не е случаен и дека тоа влијае да произлезе хетерономна книжевност и Балканот, како што вели Иван Чоловиќ, да се претвори во терор на културата. Писателот никогаш не бил надвор од балканските историски контексти. Во многу балкански случаи на историјата, писателите биле оние кои го туркале тркалото напред. Тие се учесници и понекогаш дури и лидери на ренесансните процеси, особено во деветнаесеттиот век, а кога балканските држави веќе се конституираа и кога веќе се етаблира власта, полека на писателите им се притеснува просторот и тие се соочуваа со цензура.

Овде јас ќе ти речам Вида нешто што и другпат сум го велел, а што е нешто кое на овој или на оној начин и други го велеле, а тоа е дека начинот на којшто книжевноста гледа на животот, понекогаш се прима како закана за поредокот што сака да го задржи власта. Оттука, и кога е во прашање книжевноста, произлегуваат последици поврзани со слободата на говорот и пишувањето. Од друга страна, еден број писатели, дури и во најновите времиња, мислат и делуваат како национализмот да му е инхерентен на јазикот и на книжевноста. Така, Балканот постојано се движеше низ нестабилност и повеќе или помалку останува „вкоренет во репресивната пракса на минатото“. Па и Медитеранот, пошироко, имаше слична карактеристика. Матвеевиќ вели дека некогаш Иво Андриќ му подарил книга со еден мал цитат од Леонардо кој гласи: ”Da оriente a оccidente i ogni punto e divisione” („Од Исток до Запад, на секоја точка поделби“).

Сè на сè, книжевноста е прашање на внатрешниот а не на надворешниот став и тоа мора да дојде во прв план кога се работи за книжевноста и, во овој случај, кога се работи за дела базирани на она што може да го понуди историографијата. Улогата на книжевноста не е да презема директна одговорност за светот како што ние понекогаш сакаме да напишеме книга која би ја утврдила позицијата на нашата нација како најстара и најмудра. Писателот е поединец, нема такво нешто како што е објективна визија, форма, боја, звук, неговите дела се примаат како индивидуален сензибилитет наспрема другиот човек и светот. Има право Драган Великиќ кога во својот роман „Руски прозорец“ вели: „Пишувањето е секогаш прво лице. И кога си Богдан, и кога си Ирена. И кога си Херман, Даниел, Соња, Маријана, Константин, Марија Лехоткаj. Ја пишуваш својата приказна кој и да си ти.“ Ова, во суштина, важи и за романот на историско, односно на историографско тло, бидејќи принципите на фикционалноста остануваат исти, независно кога и каде е лоцирано делото.

Во ваквите моменти, кога изолацијата нè става во ситуација да се сетиме и да размислиме за нешта кои инаку, во брзаницата на денот, можеби би ги одминале, јас меѓу тие нешта најрадо се сеќавам на нашето пријателствување и на фактот што сме биле заедно и што сме дале поддршка на блиските или заедничките проекти како што беа светските конгреси на ПЕН во Охрид и во Белград, потоа радоста од објавувањето на нашите книги во Белград и во Скопје, на српски и на македонски јазик, неодминливо и на оние убави денови на Водици во Охрид, кога во 2012 година тебе ти беше доделена Светската награда за хуманизам, чиј креатор е Јордан Плевнеш, човекот со неизмерно жив и креативен дух, потоа наградата во 2015 во Скопје на фестивалот „Проза-Балкан“, каде ти, се сеќавам, покрај другото рече:

 „Балканот е навистина релјеф на моите прозни теми. Таа наша заедничка културна регија, тој шаренолик преплет на секакви модификации, од митски до историски, е широко и никогаш доволно разбирливо поле на моето книжевно истражување. Тука е традициската подлога на моите приказни, инспирацијата на моите јазички игри, поднебје на недоумици, успеси и губитоци на моите јунаци, токму како и моите предци, и по потекло и по перо... Само на Балканот нема невозможно, затоа што и возможното е главно или без можност за докажување или, пак, со кус век, па никогаш не стигнуваме до крај да сфатиме што се случило, што се случува, а што не. Овде метафората е поважна од вистината, затоа што ако вистината не е метафорична кај нас нема многу шанси. Овде на виното му се дава име на носталгичната песна ’Т'га за југ‘, затоа што светот пие вино да се развесели, а нас тоа н нѐ растажува, затоа го пиеме. И с н нѐ во исто време нѐ развеселува и н нѐ растажува. И нашите добри дела, и нашите успеси, и нашите палавштини, и нашите порази, и нашето минато, и нашата иднина, и нашите мртви, и нашите живи. Со тага почнува и завршува и нашето лошо и нашето добро расположение“.

Јас пак, од своја страна, кога Српскиот ПЕН центар ми ја додели Наградата за најдобар преведувач од српски за 2015 година, се сеќавам, реков: „Поласкан сум... Ме буни само малку она најдобар, зашто толку години, остарев, а не можам да се навикнам на една таква придавка...“

Да веруваме, драга Вида, дека оваа мака со корона-вирусот, овој карантин, скоро ќе заврши, и ние повторно, како минатата година, ќе се сретнеме со колегите од блиските земји на редовната конференција на Македонскиот ПЕН центар во Преспа, во малиот хотел со име „Лејк вју“, на брегот на езерото, во самото подножје на Галичица, од чии падини приквечер полека слегува мирис од планинскиот чај.

Димитар Башевски

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе