Димитар Башевски: Писма од карантин (1)

Принудната осаменост на поетот

Се чини дека ковид-19 сите нè става во еднаква позиција, на некој начин пандемијата нè „поеднаквува“.

Хомеро Ариџис

Мексико Сити

април 2020

Драг Хомеро,

Ти благодарам за писмото со поздрави и најубави желби и, посебно, за песната што ми ја испрати, напишана на твојот осумдесетти роденден, во време на жестоката пандемија на коронавирусот. Велиш дека сте во изолација дома со Бети, дека само попладне можете да излезете наблизу на кратка прошетка по речиси празните улици, само со понекоја здивена мачка. Ја гледам твојата песна:

Nunca pensé pasar mis ochenta años

en el año de la plaga y de la plebe gobernante.

Pero aquí estoy recluido en mi casa...

/Никогаш не сум помислил дека осумдесеттата ќе ја дочекам

во година на чума и на популисти

Но ете сум, затворен дома.../

Затворен. Сите сме затворени. И ние овде, на југот од Балканот, сме затворени. Сега живееме во изолација, држејќи се до онаа препорака од здравствените власти, која гласи:

Останете дома!

Многу ми се живи, Хомеро, средбите со тебе и со сопругата Бети. Најпрвин на конференциите на ПЕН, во Лондон и во други градови и земји, а потоа на Светскиот конгрес на Меѓународниот ПЕН што го организиравме ние, Македонскиот ПЕН центар, во Охрид во 2002 година. Не можам да заборавам на твојата поддршка како претседател на Меѓународниот ПЕН. Ние кај нас на македонски објавивме избор од твојата поезија во препев на нашиот поет, академик Матеја Матевски. Тоа беше убав момент. Понекогаш ги вадам и ги гледам фотографиите. Помина време. Мислам дека последните пати се видовме на Конгресот во Мексико, а подоцна на Бледската конференција во Словенија.

Сега, еве, изолирани во домовите, под заканата на жестокиот вирус. Ковид-19 си го направи своето. Тој се шири со голема брзина, сразмерно со нашето движење што ни го овозможуваат комуникациските средства. Од Кина, речиси за неколку часа, се насели на другиот крај на светот. Читам, еден број луѓе од интелектуалниот свет се загрижени, освен за здравјето, и за последиците што оваа зараза би можела да ги има во иднината за човековите слободи, да не се случи некаква орвеловска ситуација, сегашните ограничувања што ги подразбира вонредната состојба и полицискиот час да станат пракса на владите и режимите во светот. Не би сакал да верувам. Човекот вложил премногу жртви низ вековите во освојувањето макар на овој степен на слобода со којашто располагаме сега. За таа слобода и посебно за слободата на зборот и на совеста, се бори и Меѓународниот ПЕН од 1921 година до денес.

Слободата беше главна тема и на Светскиот конгрес во Охрид. Да те потсетам, Хомеро, јас тогаш, во својство на претседател на Македонскиот ПЕН центар, како за добредојде, реков дека одлуката да се одржи Конгресот кај нас е голема поддршка, со оглед и на вознемирувањата и тензиите што ги имавме во земјата по конфликтот од 2001. „Верувам“ – реков тогаш, „дека присуството овде на Конгресот на Меѓународниот ПЕН, на кој централната тема гласи ’Граници на слободата/Слобода на границите’, ќе ги потврди принципите на нашата Повелба, ќе ги поткрепи напорите за мирна иднина, ќе нè потсети на границите во нас, во нашиот несовршен ум, и границите надвор од нас, но исто така поставени од нас, од нашиот несовршен свет“.

Отворам интернет и читам: Хомеро Ариџис, мексикански поет, романсиер, светски ангажиран борец за зачувување на човековата околина, дипломат, човек со етичка независност. Не знам дали требаше да бидам изненаден кога дознав дека си бил репресиран од сопствената влада поради твојата еколошка активност – зачувување на природата, протест против загадувањето, одбрана на правата на мексиканските индијански малцинства. Велиш: „Екологијата е поезија. Природата и поезијата се тесно поврзани. Јас ги бранам водата, почвата, дрвјата, животинскиот свет, правејќи ги сите тие нешта главни теми за моите песни“.

И семејството. Приврзан кон некои трајни вредности на наследството. Ја преведов твојата песна Средба со татко ми во градината, една песна толку блиска до човековото чувство за врската на блиските поколенија.

Попладне. Го одминав киното

со високи жални ѕидови

Се спуштам натаму и влегувам во градината.

Гледам, веќе ги нема: работниците, пците, вратите

Татко ми стои пред смоквата.

Мајка ми почина. Децата остареле.

Сам е, слабо ветре ткае

во неговите растргнати алишта.

Од страв да не се приближам многу и со моето живо присуство

да го исплашам, одам крај него,

јас еве странец со бела коса, кого тој сега го прашува,

„Кој е таму?“

„Татко, јас сум, син ти.“

„Знае ли мајка ти дека си се вратил. Ќе останеш ли да јадеш?“

„Татко, години веќе жена ти почива во мир

крај тебе на градските гробишта.“

Потоа, како божем сè да рекол,

ме вика по моето име од детството

и една смоква ми дава.

Така се сретнавме ние, живите и мртвите.

Потоа секој си појде по својот пат.

Ја читам онаа твоја песна „Автопортрет на осумдесеттата“, напишана баш во време на пандемијата, на изолацијата, моментот е навистина ексклузивен и уште, не знаеме, со што уште би можеле да се сретнеме. Не знаеме и за сите последици од овој корона-карантин и за поезијата. Ти знаеш, Хомеро, дека поезијата, во секој случај, се раѓа во осаменост. Но ваквото, корона-карантин осамување е специфично, тоа е резултат на надворешни околности, на принуда и, психолошки, тука се работи за голема разлика. Ми се чини дека би биле во право кога би помислиле дека овие карантински околности ја оневозможуваат, ја придушуваат онаа спонтана, нормална, неопходна инспирација? Можеби ваквото осамување како наметната изолација, за поезијата е погубно, наспроти тоа што некои луѓе мислат дека би можело да помогне за свртување кон себе, да биде дури продуктивно за творештвото. Психолозите даваат некои совети што, сметаат тие, би можеле да помогнат за совладување на изолацијата и избегнување на можната депресија, но тие, се разбира, во оваа ситуација, не одат дотаму да се занимаваат подлабоко со она што е природа и психологија на уметноста. Се работи за нешто што е многу лично. Зборот, бојата, звукот, линијата, се сосема индивидуални. И индивидуална е реакцијата на оној предмет или на онаа идеја што би била поттик за песната.

Ова со вирусната пандемија е ново искуство на овие генерации поврзано со смртта. Не е тоа онаа смрт на која во многу случаи во историјата ѝ се припишувал знак на херојство и патриотизам, смрт што божем води во бесмртност. Оние што ја водат војната, таканаречената „патриотска смрт“ секогаш ја прикажуваат како нешто што е меѓу врвните вредности, а пак животот не е толку еднослоен. Херман Мелвил, на пример, во романот „Били Бад“ принесува една изјава, која, како што вели, „му се припишува на покојниот доктор Џонсон“, според која „патриотизмот му е последното прибежиште на подлецот“.

Патриотизмот, значи, како засолниште!

А смртта од ковид-19? Вирусот коси, самиот тој нема етички аспекти.

Сега се чини дека ковид-19 сите нè става во еднаква позиција, на некој начин пандемијата нè „поеднаквува“. Ками во „Чума“ многу добро ја слика релацијата на поединецот и заедницата, во време на големата несреќа. „Така цели долги недели заробениците на чумата се бореа како што можеа. А некои од нив, како Рамбер, успеаја дури, како што видовме, да замислат дека постапуваат како слободни луѓе, дека уште можат да избираат“, вели Ками во романот „Чума“. Во тој роман има размисли и постапки за какви што зборуваме и ние во оваа пандемија. Кај Ками, таа епидемија на чумата е метафора за секоја несреќа, за секоја тиранија, за секое зло кое може да биде прикриено, но секогаш присутно, една стихија која е тешко и да се разбере и да се запре.

Добро, Хомеро, нека ја величиме големата литература, но нека бидеме со поголема резерва кога станува збор за самите поети. Се случува некои од нив, како што имавме примери на Балканот за време на таканаречените Трети балкански војни, не само самите поети туку и самата поезија да биде употребувана за поддршка и поттикнување на војната. Бора Ќосиќ, хрватскиот романсиер, цитира исказ на поетот Благоевиќ за време на балканските клања во деведесеттите, според кој било „срамно верувањето дека животот е создаден за уживање. Таквата слабост“, вели Благоевиќ, „ќе ја искорениме. Тоа искушение ќе го совлада нашата народна моќ...“ Ова е блиску до она за што пишуваше Жилиен Бенда во својата позната книга „Предавството на интелектуалците“. Од друга страна, постојат примери, како овој на Пруст од неговиот роман „Вратено време“ кога, имено, за време на француско-германската војна во тој деветнаесетти век, за време на тие убиства и разорувања, вели: Сум верувала на сè, но пред малку се запрашав, не сме ли ние Французите исто така никаквеци како и тие Германците?

Дојди пак во мојата земја, Хомеро, каде што имаш пријатели. Ќе те одведам во Ѓавато, ќе ти ја покажам мојата градина каде што, како во твојата песна, и мојот покоен татко доаѓа, од гробиштата крај морето во Сиднеј, ме вика по името од детството, ми дава едно јаболко, а потоа секој од нас си заминува по својот пат.

Димитар Башевски

Објавено

Понеделник, Април 13, 2020 - 11:57

Самиот Никос Коѕијас не го почитува договорот што го потпиша со Заев и Димитров. Ќе реагира ли македонското МНР на терминологијата во неговата колумна, како што вети дека секогаш ќе реагира кога се крши Договорот од Преспа? Треба. Ама не е за верување.

повеќе

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба да биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место, пишува во колумна за Аутограф хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ анализирајќи ги бугарските условувања, но и предупредува дека Хрватска засега молчи..

повеќе