Официјалниот почеток на манифестацијата го означи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, а свое обраќање имаа и претседателката на „Битолскиот книжевен круг", Елизабета Јончиќ и претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, професор д-р Христо Петрески.
Годинава, „Битолски книжевни паметења", вклучува тридневна програма исполнета со книжевно претставување и наградување, а дополнително е збогатена и со музички колаж, ликовна изложба и промоција на културно – историското наследство на градот.
„Единаесет години, да се негува творештвото, да се вреднуваат лицата кои творат проза, поезија, кои перото го користат за критика, осврт, знаење, кои создаваат книги, списанија, литературни изданија е временска рамка во која негувајќи го македонскиот јазик, го негуваме нашето битие. Деновиве, преку манифестацијата 'Битолски книжевни паметења' писатели од Битола, од Македонија, странски автори кои творат на македонски јазик, но и претставници од целиот свет, заедно ќе говорат преку мислата ставена на хартија, а дел од нив ќе бидат наградени за своите создадени дела. Значењето на оваа манифестација, е уште поголемо од аспект на културно – туристичка промоција на големото природно и историско наследство кое што го поседува Битола“, рече градоначалникот Коњановски.