ЛИТЕРАТУРЕН ФЕСТИВАЛ

Основачот на францускиот издавач „Галад едисион“ ќе гостува на „Про-за Балкан“

Програмата „Скопје фелоушип“ и годинава ќе биде многу важен дел на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 28 до 30 мај. Тројца врвни издавачи од различни културни средини ќе дојдат во Скопје. Станува збор за Емануел Колас од Франција - „Галад едисион“, Тамер Саид од Обединетите Арапски Емирати - „Групација Калимат“ и Ненад Шапоња од Србија - „Агора“.

Целта на програмата „Скопје фелоушип“ е да ги запознае важните имиња од светот на издаваштвото со македонската книжевна сцена, од што организаторите на фестивалот се надеваат дека ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот.

Емануел Колас ја основа „Галад едисион“ во 2005 година. Издавачката куќа има портфолио од повеќе од 150 книги (12 книги годишно). Една од најважните награди што нивно издание ја добило е престижната книжевна награда „Médicis étranger“ за романот „Encore“ („Повторно“) на турскиот автор Хакан Ѓундај, во превод на Жан Дескат.

Од балканските автори, меѓу објавените се Пеа Галанаки од Грција, Дубравка Угрешиќ и Игор Штикс од Хрватска, Зоран Живковиќ и Владислав Бајац од Србија, Ангел Вагенштајн и Албена Димитрова од Бугарија. Од Турција, Хакан Ѓундај, Мурат Ујуркулак, Ајфер Тунч и Муратан Мунган.

„Од Македонија веќе сум ги прочитала Луан Старова, Живко Чинго, Ташко Георгиевски, Гоце Смилевски, Горан Стефановски, Александар Прокопиев, Винка Саздова и Лидија Димковска. Многу сум љубопитна за современата македонска литература и затоа посетата на Македонија, а особено на учеството на програмата ’Скопје фелоушип‘ би можела да биде многу корисна за мене, за да дознаам и разберам повеќе за историјата, културата и политиката, литературата и издаваштвото во Македонија“, изјави Колас за македонските медиуми.

Колас е ангажирана и во тековните работи во врска со објавување на акутни, смели и брилијантни есеи на современите личности, како на пример Едуар Глисан, Ноам Чомски и Едвард Саид. Идентитетот, егзилот, миграциите, границите, припадноста: тоа се темите на каталогот на „Галад“.

Тамер Саид е дел од издавачката индустрија на Обединетите Арапски Емирати петнаесетина години. Започнал да работи во „Jerboa Books“, Дубаи, како издавач, пред да стане менаџер за продажба во „Китаб“, организатори на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби.

Во 2010 година, бил назначен за менаџер за планирање и развој на Асоцијацијата на емиратските издавачи (ЕПА) и на одборот за книги за млади луѓе на ОАЕ. Вршел надзор на неколку иницијативи за развој на издавачката индустрија во Емиратите и бил вклучен во менаџирањето на наградата за арапска литература за деца „Etisalat“.

Ненад Шапоња е сопственик и главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Агора“. Уредувал и објавил повеќе од 300 наслови, од кои дел се добитници на најпрестижните книжевни награди во Србија.

Шапоња е и поет. За неговата прва книга поезија „Gioconda“ (1990), ја добива наградата „Бранко Радичевиќ“. Добитник е и на наградата „Милан Богдановиќ“ и признание од издавачката куќа „Просвета“ за книга на годината за збирката есеи „Бедекер сумње“ (Патувачка книга на сомнежот, 1997). Неговата библиографија вклучува уште шест стихозбирки, две збирки на критики и есеи, а составил и неколку антологии. Долги години пишувал критички колумни во „Политика“.

Гостите од „Скопје фелоушип“ за време на фестивалот ќе се сретнат со членови на Македонската асоцијација на издавачи.

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. 

повеќе

Не постојат „повисоки интереси" од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси.

повеќе