Книжевна награда

„Одбројување“ на Фросина Пармаковска е Роман на годината за 2017 година

Романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, објавен од издавачката куќа „Или-Или“, ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година, за најдобро романескно дело напишано на македонски јазик, која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

„Наградата Роман на годината верувам дека на секој писател многу му значи. Особено сега, бидејќи бевме разочарани дека со згаснувањето на ’Утрински весник‘ ќе згасне и наградата, но и многу се израдувавме кога беше објавена веста за Фондацијата ’Славко Јаневски‘ и за спасувањето на наградата. Лично, многу ми значи. Беше многу силна конкуренцијата. И според самиот факт што наградата го носи името на Славко Јаневски е дополнителна радост, но и дополнителна одговорност за понатаму“, изјави за МКД.мк Фросина Пармаковска по доделувањето на наградата.

Во однос на сопствената мотивација за пишување, Пармаковска додаде дека „мотивацијата доаѓа од самото пишување, бидејќи кога пишувам чувствувам дека сум таму каде што треба и кога треба и дека сите коцки се наместени. Задоволството што го дава пишувањето е мојот личен мотив. Наградите, секако, се признанија, но не и мотив за пишување“.

Одлуката за наградата ја донесе жири во состав: Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“, и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Според образложението на жирито, романот „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие.

„Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба - заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае“, се наведува, меѓу другото, во образложението на членовите на жирито.

Романот го одликува долга реченица, јазик близок до разговорниот, како и повремени репетиции, кои на моменти како да го губат фокусот на приказната, но не и полнењето на ликовите со нови детали, кои отсликуваат уште еден исечок од македонската општествена реалност.

Жирито го избра романот на Пармаковска меѓу 27 пристигнати дела, а финалисти на наградата беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“.

„Одбројување“ е трет роман на Пармаковска, која дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература. Таа е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.

Наградата „Роман на годината“ од 1999 до минатата година ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.

Т.Д.

Универзитетите повеќе не се место за натпревар помеѓу кандидатите во креација, научна продукција и сл., туку место за „вдомување“ на партиски активисти.

повеќе

Спортските организации својата активност премногу ја имаат насочено кон дејноста спорт како игра, тренирање или бизнис, а не кон спортот како социјална потреба во функција на подобрување на општествените состојби.

повеќе

Н е јасно како оваа одложена покана е поразлична од онаа од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

повеќе