Виртуелно

Одбележани 35 години од изучувањето на македонскиот јазик на Универзитетот во Истанбул

На Катедрата за словенски јазици на Факултетот за литература на Универзитетот во Истанбул 35 години се изучува македонскиот јазик. Годишнината беше одбележана денеска виртуелно, во организација на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и Истанбулскиот универзитет, а во рамки на годинашното чествување еден век од раѓањето на Блаже Конески.

Актуелниот лектор во Истанбул, м-р Марина Цветаноска, нагласи дека има голема поддршка од Факултетот во Истанбул, меѓу кои најзаслужна е, рече, раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност, проф. д-р Ѓонул Узелли, која била пресретлива за сите нејзини проблеми.

Цветаноска соопшти дека на почетокот на нејзиниот мандат, во 2016/2017 година, имала 26 студенти и еден предмет.

„Бројот во наредните години фрапантно расте. Од еден предмет, денес имаме пет предмети, од воведен до напреден македонски, средно рамниште, преведување и, секако, вербален македонски јазик. Предметите се изборни и отворени за сите катедри, како и за доктоданди и магистранди на Факултетот. Пред пандемијата имаше 128-130 студенти. Деканот и раководството на Универзитетот вложуваат несебични напори предметите по македонски да бидат застапени и Катедрата да биде вклучена во сите настани", рече Цветаноска.

Своите искуства ги пренесе и Гордана Алексовска, која во Истанбул била лектор од 1995 до 1999. Во тие четири години, рече таа, Лекторатот бележи огромна популарност кај студентите – не само од тамошниот Факултет за литература, туку и од други факултети на Универзитетот во Истанбул, како и потомци на иселеници од нашата земја со турско потекло.

„Беше убава можност за продлабочување на двете поврзани култури", истакна Алексовска, која во оваа пригода се заблагодари постхумно на тогашниот амбасадор во Турција, Трајан Петровски, кој почина неодамна, за неговиот придонес во административното оформување на Лекторатот во Истанбул.

Директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура Весна Мојсова-Чепишевска се осврна на почетоците на изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, во учебната 1985/1986, а посочи и дека пет години претходно, 1981, објавена е поетска книга на Конески на турски јазик, насловена „Везење на ѕвездите".

„Затоа на Конески, како интерлингвист и компаративен литерат, треба да гледаме и како на едно финале во градењето на тој мост помеѓу двата универзитета, помеѓу Скопје и Истанбул, помеѓу двете земји и двата народа", истакна Мојсова-Чепишевска.

За соработката меѓу Филолошкиот факултет-Скопје и Факултетот за литература-Истанбул, зборуваа деканите Анета Дучевска и Хајати Девели, а настанот го поздрави и Актан Аго, генерален конзул на нашата земја во Турција.

Деканот Девели истакна дека е горд на 35-годишнината од постоењето на Лекторатот. Се наврати на историјатот и рече дека на почеткот, на тогашната Катедра на западни јазици, македонскиот бил единствен словенски јазик кој се изучувал, за подоцна да се формира и одделна Катедра. Ги спомена сите лектори кои се заслужни и со својата работа придонеле во градењето на лекторатот во изминатиите три и пол децении.

Деканката на Филолошкиот факултет Дучевска, пак, истакна дека самиот факт што 35 години лекторат на еден словенски јазик постои во несловенска средина, укажува и за заложбите на нашиот универзитет, заклучувајќи дека 1970-тите и 1980-тите години на УКИМ биле плодни децении посветеност и работа да основа вакви лекторати и да ги одржува.

Отворајќи го настанот, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј"-Скопје Никола Јанкуловски рече дека изучувањето на македонскиот јазик во Истанбул не е случајност, туку резултат на историска и судбинска поврзаност на македонската и турската култура, на двата народа, двете земји, а не помалку и на поврзаноста на двата универзитета.

„Поврзаност која е дамнешна и се потпира на традиција, која е клучен сегмент на нашите културни идентитети. Ова не е флоскула или клише, туку е непобитен факт", рече Јанкуловски, укажувајќи дека во првиот Речник на македонскиот јазик има над 3000 турцизми и дека отворањето на Лекторатот пред 35 години во Истанбул е „историски логична последователност на нашата непобитна поврзаност".

Ректорот посочи и дека културните врски со Истанбул датираат одамна – еден од патроните на УКИМ – Константин Филозоф, пред да се замонаши и да го добие црковното име Кирил, во 9 век се школувал на Магнаурската школа во денешен Истанбул, која тогаш била престижна образовна установа за византиската аристократија.

Константин Миладинов, пак, во 19 век во антологиската „Т'га за југ" го спомнува Стамбол, покрај родната Струга и Охрид. Исто така, многу турски интелектуалци во минатото имале свои сведоштва за особеностите на македонската историја и култура, меѓу кои ги спомна мемоарските записи на Тахсин-беј кои, рече Јанкуловски, и денес се клучни за македонската историографија.

Одбележувањето на годишнината од постоењето на лекторатот беше надополнето со литературно читање на студенти кои го изучуваат македонскиот јазик на Истанбулскиот универзитет.

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе